Зошто Германија формира Национален совет за безбедност
12 август 2025Доколку Националниот совет за безбедност веќе постоеше, канцеларот Фридрих Мерц можеби немаше да биде единствениот што ќе биде критикуван за делумното суспендирање на испораките на оружје за Израел.
„Веројатно одлуката ќе беше подобро подготвена, а координацијата ќе одеше полесно“, вели Ајлин Матле, експерт за безбедност и одбрана во Германското здружение за надворешна политика (ДГАП). „Повлекувањето на Бундесверот од Авганистан можеби немаше да биде толку хаотично, бидејќи одлуката ќе беше подготвена и донесена порано“, додава Матле.
Зошто Германија воспоставува Национален совет за безбедност?
Околу 60 земји низ целиот свет имаат слични тела како планираниот германски Национален совет за безбедност (НСР). За разлика од САД или Франција, централизираното донесување одлуки за безбедносни прашања нема да биде можно ниту во Германија во иднина. Сепак, НСР треба да ја направи владата во Берлин поспособна да дејствува во време на криза.
Договорот на коалицијата на демохристијанските партии ЦДУ и ЦСУ со СПД за формирање на НСР претставува крај на децениските расправи. Ова е делумно затоа што Германија ретко имала лидерска улога претходно, па затоа побавните процеси на донесување одлуки беа прифатливи. Покрај тоа, политичките блокади во коалициските влади честопати ги забавуваа одлуките поврзани со безбедноста, па затоа е потребен поефикасен процес на донесување одлуки.
„Бидејќи Берлин честопати не можеше да се одлучи, сојузната влада многупати се воздржуваше од клучните европски прашања“, вели Филип Ротман од Институтот за глобална јавна политика во Берлин. Ова предизвика фрустрација кај европските партнери. Ротман истакнува дека е клучно за земјата и за заштитата на нејзините интереси владата да одлучува побрзо и порешително.
Од руската инвазија врз Украина, ова стана појасно од кога било. „Иако претходната влада на коалицијата наречена 'семафор', составена од СПД, Зелените и Либералите, успеа да напише стратегија за национална безбедност, ја пропушти можноста да воспостави НСР“, вели Ајлин Матле. Сега владата на Мерц сака конечно да дејствува. НСР е вклучен во коалицискиот договор и се смета за омилен проект на канцеларот. Веќе на првата седница на кабинетот по летната пауза, на крајот на август, германската влада сака да донесе одлука за формирање на ново тело. Според владини извори, НСР треба да започне со работа во октомври.
Какви задачи има НСР?
Главната задача на НСР ќе биде обединување и координација на сите релевантни информации и анализи на едно место, со цел побрзо донесување одлуки на поширока основа.
НСР ќе се состанува редовно и ќе го преземе доменот на „стратешко предвидување и планирање“. Ова го продолжува она што го започна претходната влада, која создаде стратегија за национална безбедност. Новата влада сака да стави акцент на тоа и понатаму да ја развива оваа стратегија - со вклучување на тинк-тенкови и постојана размена со советите за национална безбедност на сојузничките земји.
Важна задача на НСР ќе биде развојот на сценарија и вежби за кризни ситуации, како што се симулации на киднапирања на авиони или напади. „Првенствено станува збор за проактивно креирање политики, а не само реагирање на настани“, објаснува Матле од ДГАП.
Со НСР ќе претседава канцеларот. Постојани членови ќе бидат раководителот на канцеларијата на канцеларот (која ги координира разузнавачките служби) и осум министерства: за надворешни работи, внатрешни работи, одбрана, финансии, економија, правда, развој и дигитализација.
Доколку ситуацијата го бара тоа, во Советот можат да бидат вклучени и други членови на владата или претставници на сојузните покраини. Доколку е потребно, можат да учествуваат претставници на други земји, од НАТО и ЕУ, како и раководители на безбедносни агенции, експерти од тинк-тенкови и приватниот сектор. Работата на НСР ќе ја организира посебен штаб во канцеларијата на канцеларот, кое ќе има три клучни области на активност: „Интегрирана слика за ситуацијата“, „Стратешко предвидување“ и „Координативен центар“.
Што се менува?
Со основањето на НСР, се укинуваат две тела: Сојузниот совет за безбедност, кој досега го одобруваше извозот на оружје, како и Кабинетот за безбедност, каде што канцеларијата на канцеларот се консултираше со министерствата за важни прашања - двете функции ги презема новото тело. Целта е да се „обединат компетенциите и знаењето, да се обработи и координира“, се наведува во документот доставен до ДВ. Станува збор за донесување „политички одлуки со поглед од 360 степени“.
Доколку навистина се спроведе, тоа би било преседан во Германија. Министерствата со тоа би можеле да изгубат дел од својата независност. „Во исто време, Советот за безбедност би можел да го обликува процесот на донесување одлуки со тоа што рано ќе изнесува свои предлози“, вели Ротман. „Доколку однапред се соберат знаењата од сите оддели и се подготви заедничка слика за целата ситуација, одлуките би можеле да се подготвуваат поефикасно“, вели Матле од ДГАП. Сепак, тој предупредува дека не треба да се има превисоки очекувања. „Тоа е важен прв чекор, но мора да почекаме и да видиме како ќе се развива телото во реалноста“, додава тој. „Дали НСР навистина ќе може да развива сценарија и да донесува одлуки кои ги преминуваат ресорните граници или ќе го надмине отпорот на промените - што би можело да доведе до тоа Советот за безбедност да остане само на хартија?“
НСР ќе заседава во тајност, но неговите одлуки ќе бидат објавени јавно. „Во демократијата, важно е да се објасни важноста и релевантноста на одделни одлуки и да им се обезбеди на луѓето увид во нив“, вели Ротман. „Подеднакво е важно рано да се вклучат политичките партии и отворено да се комуницира, за да не се шират теории на заговор и гласини за тоа што се случува во германскиот Национален совет за безбедност“, заклучува тој.