Франција останува европски шампион за странски инвестиции
15 јули 2023Во реонот во Дуврин Били Беркло е прилично раздвижено. Се кова и се швајсува, вилушкари разнесуваат тешки метални конструкции. Околу илјада работници работат на поставувањето на првата од три огромни фабрички хали, во кои наскоро ќе се произведуваат батериски ќелии за електрични возила. Тоа е прва таква огромна фабрика во Франција.
Проектот вреден три милијарди под името „Аутомотив Селс Компани АЦЦ” го градат европскиот производител на автомобили Стелантис и германскиот производител на возила Мерцедес заедно со францускиот енергетски гигант ТоталЕнерџис. До 2 илјади луѓе во иднина ќе работат тука. И тоа е само еден од серијата економски проекти во Франција со учество на странски капитал.
Странски компании минатата година најавија 1300 инвестиции во Франција - меѓу другото во фармаколошкиот, софтверскиот и телекомуникацискиот сектор. Земјата така ја надградува лидерската позиција кога од врвот ја симна Велика Британија. Престижна титула, иако општите економски влијанија од овие инвестиции се помали.
Матје Ибер, директор за комуникации на АЦЦ, се поздравува и разговара со работниците околу напредокот на градбата. „Во моментов сите ние батериите ги набавуваме од Азија, односно Кина, Јужна Кореја и Јапонија. Сега сакаме да си изградиме сопствена бранша - и батериите комплетно да ги конципираме, произведуваме и продаваме во Франција”, вели тој за ДВ.
Индустриската култура на Франција
И во Германија и Италија во следните години се планирани такви градби. Инвеститорите ќе вложат вкупно седум милијарди евра и ќе добијат европски субвенции од 1,2 милијарди евра.
Сепак има причини зошто првата Гигафабрика на конзорциумот се наоѓа во Франција, вели Хубер. „Тука има екстремно добро квалификувани инжињери и техничари - Франција има вистинска индустриска култура. Освен тоа земјата посебно во споредба со Германија, има јасна предност - ефтина атомска енергија”, вели претприемачот. Струја од атомска енергија сочинува 70 проценти од електричната енергија произведена во Франција. Владата и натаму сака да игра на таа карта и планира уште најмалку шест атомски централи.
Предност е и миксот од различни извори на енергија
Нил Бернар, директор за јавни прашања, пристап до пазари и комуникации во италијанскиот фармацевтски концерн „Киези”, додава друг аргумент. „Француските власти секогаш нѐ поддржуваа во нашите проекти, имаме чувство дека сме добредојдени”, вели тој за ДВ. Надвор од италијанското место Парма „Киези” има седиште само уште во Франција. Земјата веќе 30 години е „стратешка територија” за компанијата, која има и истражувачки центар во близина на Париз и производна хала во централна Франција.
Компанијата сега ја проширува халата и планира да инвестира 60 милиони евра до 2026 година и да го зголеми бројот на вработени од 170 на 300.
„Токму државни програми како ‘Франс Реланс’ кои меѓу другото делат субвенции за обновливи извори на енергија, ни покажуваат дека владата размислува слично како нас”, потенцира Бернар. Компанијата до 2035 се стреми да постигне позитивна нула и да испушта исто онолку јаглерод диоксид колку што и апсорбира.
Поддршката од владата е причината за инвестициската одлука и на германската фирма Форверк од Вупертал која ја продава кујнската машина Термомикс. Таа веќе 50 години е присутна на пазарот и сега ќе гради втора производствена постројка во Донмар во вредност од 57 милиони евра. „Знаеме дека владата е позитивно настроена кон економијата и сака да ја ре-индустријализира Франција и го поздравуваме тоа”, вели Себастијан Вебер, генералниот менаџер на Форверк Семко, првата француска фабрика што се наоѓа јужно од Париз. „Дополнително на ова земјата има одлична инфраструктура и добро обучена стручна сила", вели Вебер. Од таму Форверк сака да регрутира 74 лица кои треба да работат во фабриката планирана да биде готова до 2024 година.
Демографската крива влијае
Де факто владата на Емануел Макрон спроведе неколку проекономски реформи, како што вели ресорниот министер Оливие Бехт. „Ги намаливме компаниските даноци од 33 на 25 проценти, флексибилно го уредивме нашето трудово право, ги намаливме бирократските пречки за фирми кои тука сакаат да отворат фабрики и одвоивме повеќе плацеви за таа намена”, вели тој за ДВ.
Омиленоста на Франција како локација за бизнис е благослов за економијата. “2022 странските директни инвестиции создадоа 58 илјади работни места. Нашата економија забележа пораст од 2,6 проценти и ќе се прошири и оваа година додека во други земји како Германија владее рецесија”, вели тој.
Но, Ан-Софи Алсиф, главен економист во консултантската фирма БДО, смета дека странските инвестиции едвај играат улога за добрите економски показатели. „Невработеноста во Франција де факто пред неколку години падна од десет на седум проценти, но тоа се должи на населението што старее и што имаме помалку луѓе на работоспособна возраст”, вели таа за ДВ. „Нашата економија расте пред сѐ затоа што државата за време на корина оандемијата и од почетокот на руската инвазија во Украина подели многу субвенции на формите кои на тој начин можеа да инвестираат”, вели Алсиф.
„Екосистем за батерии"
Во регионот Одефранс дополнителни работни места се повеќе од добредојдени. Традиционалниот автомобилски сектор таму вработува повеќе од 50 илјади луѓе. Но, многу од тие работници најдоцна до 2035 ќе мора да си најдат нови работни места, затоа што ЕУ од тогаш ја забранува продажбата на автомобили со мотори на согорување.
Хубер се надева дека некои од тие вработени ќе дојдат во неговата фабрика. „Сакаме тука што е можно побрзо да започнеме со производство и да изградиме цел екосистем за батерии и електрични автомобили”, вели тој.
Таквиот екосистем на кој припаѓаат уште најмалку три други фабрики за батерии, според прогнозите ќе отвори работни места за уште 10 илјади лица. Владата регионот уште сега го нарекува француската долина на батериите.