Зеленски: Секоја одлука без Украина е „одлука против мирот“
9 август 2025Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди, пред средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и шефот на Кремљ, Владимир Путин, дека одлуките не треба да се донесуваат без Украина. „Секоја одлука против нас, секоја одлука без Украина е, исто така, одлука против мирот“, рече Зеленски.
Трамп ќе се сретне со Путин на 15 август со цел да преговара за условите за постигнување мир во војната во Украина. Средбата ќе се одржи во американската сојузна држава Алјаска, објави Трамп на својата платформа Трут соушал. Кремљ ја потврди средбата, а потоа го покани Трамп во Русија. Трамп и Путин не се сретнале лично од 2019 година.
За време на изборната кампања, Трамп повеќепати најавуваше дека може да ја заврши војната „во рок од 24 часа“. Откако повторно влезе во Белата куќа во јануари, тој повеќе пати телефонски разговараше со својот руски колега. Неодамна ѝ постави ултиматум на Москва да ја заврши војната против Украина. Тој рок истече во петокот - истиот ден кога Трамп ја објави својата средба со Путин.
За изборот на местото на Алјаска, Зеленски рече: „Многу далеку од оваа војна, која беснее во нашата земја, против нашиот народ, и која и онака не може да заврши без нас, без Украина“.
Зеленски: „Нема да му ја предадеме земјата на окупаторот“
Зеленски, исто така, повторно ги отфрли територијалните отстапки, кои се гледаат во плановите на Русија и на САД за прекин на војната против Украина. „Одговорот на територијалните прашања на Украина е во Уставот на Украина. Никој нема да отстапи од тоа и никој не може да отстапи“, рече тој во видео порака. „Украинците нема да ја дадат својата земја на окупаторот.“
Според медиумските извештаи, пред средбата со Трамп, Путин побарал Русија да добие целосна контрола врз источните украински региони Донецк и Луганск. Ова би значело откажување на украинската армија од неколку илјади квадратни километри и од стратешки важни градови.