Зеленски: САД и сојузниците да застанат цврсто против Русија
27 март 2025Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека верува оти партнерите на неговата земја треба да ја покажат истата издржливост и сила како Украина кога се соочуваат со Русија.
Зеленски, кој разговараше со панел европски новинари по неговата средба со францускиот претседател Емануел Макрон во Париз , посебно се осврна на улогата на САД во преговорите со Москва во обид да се постигне договор за прекин на огнот во војната во Украина.
Запрашан дали САД ќе ја покажат силата што ја спомена, Зеленски рече дека се надева дека ќе ја покажат.
„Со Господ напред тие ќе сторат тоа“, рече тој.
Јавна поддршка во САД
Украинскиот лидер изрази благодарност за фактот што поголемиот дел од американската јавност ја поддржува Украина.
„Имавме двопартиска поддршка и не можам а да не бидам благодарен на Америка за се што направи“, рече Зеленски.
Во исто време, Зеленски рече дека САД се „под влијание на рускиот наратив“.
Последен пример на американски функционер кој постојано го повторува наративот на Русија беше специјалниот советник Стив Виткоф, кој сугерираше дека Украинците кои живеат во областите окупирани од Русија сакаат да живеат под руска власт, иако референдумите одржани во регионите окупирани од Русија не се меѓународно признати како легитимни.
„Верувам дека Виткоф навистина многу често ги цитира наративите на Кремљ“, рече украинскиот лидер, додавајќи дека изјавите на Виткоф „не нè доближуваат до мирот“ и „ќе го ослабат американскиот притисок врз Русија“.
НАТО ќе има корист од членството на Украина
Зборувајќи за иднината на неговата земја, Зеленски рече дека сè уште верува оти НАТО е најдобрата безбедносна гаранција за Киев и оти воената алијанса исто така ќе има корист од военото искуство на украинската армија.
„НАТО ќе биде зајакнат од Украина бидејќи Европа нема армија која поминала низ војна во таков обем како што има Русија“, рече тој, истовремено признавајќи дека тоа нема да се случи без поддршка од САД. „Проблемот е што Соединетите Американски Држави не се подготвени за овој чекор“.
Зеленски во Париз денеска (27 март, 2025) треба да присуствува на безбедносен самитот на „Коалицијата на волните“ односно на највисоките претставници од 31 земја кои ќе разговараат за долгорочните безбедносни гаранции и одржлива воена поддршка за Украина.
На крајот на разговорот со европските новинари, Зеленски рече дека неговата земја сè уште е заинтересирана за постигнување сеопфатен прекин на огнот, но Русите не се.
„Не само што [Русите] се агресор, туку тие ги поставуваат и своите предуслови“, рече тој. „Тоа е нивниот стил“.