Зеленски е подготвен за преговори со Путин
5 февруари 2025Украинскиот претседател Володимир Зеленски, во интервју со британскиот новинар Пирс Морган, вели дека би преговарал со рускиот претседател Владимир Путин доколку во разговорите се вклучат и САД и Европа. Притоа, не е јасно дали под „Европа“ мисли на ЕУ или на одделни земји-членки. Морган е близок со американскиот претседател Доналд Трамп, а интервјуто очигледно имало за цел да му се допадне на конзервативниот табор во САД.
„Ако ова е единствениот начин да им се донесе мир на граѓаните на Украина и да не се изгубат луѓе, ние дефинитивно ќе одиме на ваква средба со овие четворица учесници“, вели Зеленски. За шефот на Кремљ, Владимир Путин, тој нагласува: „Нема да бидам љубезен со него, го сметам за непријател, и искрено, мислам дека и тој ме смета за непријател“.
Путин неодамна ја истакна својата наводна подготвеност да преговара, но тој секогаш истакнува дека самиот Зеленски забранил разговори со него. Ова се однесува на указот издаден од шефот на украинската држава во септември 2022 година, откако Русија ги анектираше четирите делумно окупирани региони Луганск, Доњецк, Запорожје и Херсон. Според неговата формулација, декретот не забранува преговори со Путин, но ги прогласува за невозможни со оглед на ситуацијата. Зеленски неодамна изјави дека документот имал за цел да спречи можен сепаратизам бидејќи Москва во тоа време барала неконтролирани канали за комуникација со Украина.
Контакти меѓу Киев и Вашингтон
Американскиот претседаттел Доналд Трамп, кој се фали дека има добри односи со Путин, се залага за прекин на војната што трае речиси три години. Преговарачките тактики на неговата нова администрација сѐ уште не се јасни. Зеленски и неговиот тим во последниве месеци користеа многу канали за да бараат разбирање во кампот на Трамп за нападнатата Украина.
Зеленски и вчера (3.02) објави дека имало контакти со Вашингтон. „Нашите тимови - тимовите на Украина и САД - веќе почнаа да одржуваат конкретни разговори“, рече тој во вечерното видео обраќање.
Трамп пред неколку дена ја поврза помошта за Украина со пристап до нејзините суровини. Ова наиде на критики, вклучително и од германскиот канцелар Олаф Шолц. Зеленски потсети дека уште пред изборите во САД во ноември, тој се понудил да ја покаже својата благодарност за помошта од Западот со ретки метали и други природни ресурси. „Отворени сме да го развиеме сето ова со нашите партнери кои ќе ни помогнат да ја одбраниме нашата земја и да го потиснеме непријателот со нивното оружје, нивното присуство и со пакети со санкции“, изјави украинскиот претседател. Тој рече дека веќе разговарал за ова со Трамп на состанокот во септември 2024 година.