Заврши истрагата за 46 осомничени лица за пожарот во Кочани
30 мај 2025Основното јавно обвинителство Кочани ја заврши истрагата за пожарот во клубот „Пулс“ со која се опфатени вкупно 46 осомничени за тешки дела против општата сигурност од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик. Во следниот период течат законските рокови во кои одбраната може да изврши увид во доказите и да предложи свои докази, по што ќе биде донесена одлука. Продолжува истрагата против 14 полициски службеници, за кои сè уште се прибираат докази.
Истрагата ја водеа 13 обвинители од основните јавни обвинителства во Кочани, Скопје, Штип и Куманово. Според Јавното обвинителство, тие презеле голем број дејствија со кои обезбедиле докази за случувањата во кочанската дискотека „Пулс“, каде на 16 март избувна пожар во 2.30 часот изутрината, за време на концертот на групата ДНК. Во пожарот во Кочани загинаа 62 лица, а околу 200 беа повредени.
Градежно, хемиско и графолошко вештачење
По наредба на јавните обвинители, полициски службеници и истражители од истражните центри на обвинителството, на лице место на трагичниот настан и на повеќе други локации, биле прибрани материјални докази и документација кои потоа биле вештачени.
„Обезбедени се детални обдукциски вештачења за причините за смрт на секој од починатите, како и за видот и карактерот на повредите кај повредените лица. Изготвени се градежно и хемиско вештачење, со кои се испитаа околностите во самиот објект, безбедносните стандарди, како и начинот на настанување и ширење на пожарот. Во однос на определен дел од документацијата за клубот се вршеше и графолошко вештачење“, соопшти Јавното обвинителство на Северна Македонија.
Обемна документација
Извршени се распити на околу 400 сведоци и оштетени, а испитани се и осомничените. Од бројни електронски уреди (компјутери и мобилни телефони) биле извлечени податоци, кои се вкрстувале со останатите информации добиени во текот на истрагата. Во однос на работата и функционирањето на клубот проверки вршеше и Управата за финансиска полиција.
Доказите кои се прибрани досега за постапувањето на полициските службеници, обвинителскиот тим најавува дека ќе ги достави до Специјализираното одделение коешто спроведува истрага против 14 полициски службеници. Овој дел од истрагата ќе продолжи и во следниот период.
„Јавнообвинителската одлука за секој од осомничените поединечно ќе биде донесена врз основа на целокупниот доказен материјал. Дополнително, доколку од анализата на овие или други докази се утврдат елементи на кривично дело и кај други лица, кои до овој момент не се опфатени со истражната постапка, обвинителството ќе постапува согласно своите надлежности“, се наведува во соопштението.
Од она што е досега познато, пожарот избувнал при употреба на пиротехника во затворениот објект, во кој имало повеќе луѓе, отколку што дозволувал неговиот капацитет. Импровизираната дискотека не само што немала соодветна лиценца, туку работела во објект предвиден за лесна индустрија, а не за угостителство. Прекршени биле повеќе стандарди за противпожарна заштита - имало само два апарати во целиот клуб, немало излезни врати за евакуација, противзаконски биле користени и пиротехничките средства.