„Навистина, живеам во мрачни времиња. Наивниот збор е глупав. Челото без брчки од грижа, сведочи за нечувствителност. Тој што се смее, уште не ја примил стравотната порака. Какви ли времиња се тие, во кои разговорот за дрвјата е речиси злочин, бидејќи го вклучува во себе молкот за толку многу злодела?” Овие зборови се напишани пред безмалку еден век, иако се читаат како дијагноза за нашето време. Тие се првата строфа од поемата на Бертолд Брехт, „На потомците” (An die Nachgeborenen). Ја пишувал во егзилот во Данска, од 1934 до 1938, каде што избегал од Хитлерова Германија. Прв пат била објавена 1939, во германскиот неделник за култура, Die neue Weltbühne, чија редакција била во егзил во Франција. Поемата е едно од ретките дела на Брехт за која постои аудио-снимка со неговиот глас. Тоа уште повеќе го зголемува впечатокот дека се работи за личен завет, оставен за сите нас. „Тие што ќе се родат по него”. За да го препознаеме мракот во своето време, во кое злото веќе демне од сите агли. Затоа што знаел дека е погубно непрепознавањето на мрачните времиња и наивната слепост за нив.Се работи за значењето на солидарноста со тие што се во неволја и за тоа колку лесно наоѓаме изговор да ги игнорираме грдите факти. Навидум се чини дека човекот не може поинаку, освен да се радува на животот, како да не чул никогаш дека, во истиот миг додека тој се радува на пролетта, други луѓе страдаат во војна. Сепак, и тогаш, во мрачното време на нацизмот, но и во нашиов свет, во кој лагата лесно проаѓа како вистина, а диктатурата се прикажува како слобода, луѓето, од страв и под влијание на пропагандата, се уверувале, и уште се уверуваат, дека тоа е праведната реалност. Затоа не го препознаваат злото, а нивното однесување е речиси злочин, според Брехт.
„Какви ли времиња се тие, во кои разговорот за дрвјата е речиси злочин,брехтг бидејќи го вклучува во себе молкот за толку многу злодела?” Во мрачното време во кое Брехт живеел во нацистичка Германија, луѓето зборувале за секојдневни нешта, како дрвјата во пролет, за да не мислат на стравотното што се случувало во нивната околина. Тоа е опортунизмот на милионите граѓани, кои во диктатурите секогаш тврдат дека не виделе ништо и не слушнале ништо. Да се зборува за дрвјата било речиси злочин, затоа што тие што зборувале, ги премолчувале злоделата кои се случувале секојдневно во нивниот свет. Небаре Брехт насетувал дека тие луѓе, кои во Третиот Рајх порадо зборувале за дрвјата, само за да не зборуваат за тоа што сигурно и самите ги ужаснувало, по војната папагалски повторувале дека никогаш не знаеле за логорите. Затоа сојузниците на крајот на војната ги присилиле граѓаните на Вајмар да влезат во бараките и во гасните комори, за да го видат тоа, што се правеле долго дека не го гледаат. Иако сите знаеле што значело кога ветрот од логорот Бухенвалд, од ридот, го носел во градот мирисот на изгорено човечко месо. Брехт ја разобличува лагата за неинформираноста на луѓето кои биле глуви и слепи за злото околу нив.
Ноева тактика
Поемава и денес е актуелна, затоа што истиот молк за злоделата уште владее и во модерните автократски држави. Во нив луѓето, од страв за својот живот, како автомати зборуваат за секојдневните нешта, за да не се соочат со вистината на своето мрачно време. За да не ја согледаат грдата стварност, денес на луѓето во целиот свет им помагаат теориите на заговор и лажните вести. За нашето време уште посилно важи изреката дека луѓето веруваат во тоа што сакаат да веруваат, дури и кога нивната „вистина” е противречна. Така „југоносталгичари”, кои на Фејсбук еуфорично си го честитаат роденденот на Тито, а од постјугословенската грда реалност избегале на Запад, оттаму го стигматизираат Западот и се восхитуваат на рускиот културен и воен империјализам, на кој, патем, Тито остро му се спротивстави. Тие никогаш нема да ја препознаат парадоксалноста на своето уверување, затоа што лажните вести и пропагандата на модерната хибридна војна се „изготвени” така, да „пасуваат” како калап на нивните скриени аверзии и симпатии, на нивните стереотипи за Истокот и Западот. Односно, на нивната извртена слика за жртвата и џелатот. Во неа џелатот е жртвата, а жртвата е „агресор”. Со што калкулира хибридната пропаганда? Со нивните ненадминати комунистички слики за „трулиот Запад и за херојскиот Исток”. Тоа за Брехт значи, да се зборува за дрвјата, додека во војната умираат невини луѓе.
Истата Ноева тактика денес ја практикуваат тие руски интелектуалци, кои во својот егзил на Западот го критикуваат режимот на Путин, но ја одбиваат критиката на рускиот културен империјализам кој, всушност, е причината за руската агресија врз Украина, затоа што за рускиот национален и културен империјализам Украинците се Руси, кои Западот ги „мутирал”. За да биде збрката совршена, истите Македонци кои ги погодува кога бугарските националисти тврдат дека Македонците се Бугари кои биле „клонирани” од Тито, го бранат националистичкиот империјализам на Путин кон Украинците, кој, всушност, е урнекот и за бугарскиот империјализам кон Макединците. Во исто време, руските граѓани, кои немале можност да емигрираат на Западот, зборуваат за „специјална операција”, затоа што зборот војна е строго забранет. Токму ова однесување Брехт го опишува со сознанието за мрачните времиња, во кои разговорот за дрвјата, всушност, е бегство од соочување со реалноста и затоа речиси злочин, затоа што нивното намерно слепило помага да продолжи злото.
Искушението на нашето време
Други се убедуваат дека неправда имало отсекогаш и дека, барем во нивниот живот, се‘ е добро. Брехт не‘ потсетува дека не било секогаш се‘ добро. Дека има мрачни времиња кои бараат од нас свест и одговорност. Тоа, значи, тој во оваа поема е во дијалог со мене, со нас, поттикнувајќи не‘ да го сознаеме искушението на нашето време. Навистина, какви ли се овие времиња, во кои радоста за првите знаци на пролетта, качунките во тревата, е веќе ранета од сознанието дека во земјите, во кои денес владее војната, изораната земја повеќе не цути со мирисот на пролетта, туку со тој на смртта, зашто е изгорена од бомбите? Колку и да сме географски далеку од новите фронтови, колку и да се уверуваме дека сме безбедни во нашата пролет, сите знаеме дека таа радост е повредена, ако не постојано, тогаш барем во миговите на загриженост и страв од ескалација на војната. Спокојни и наивни можат да бидат само тие што уште не ја разбрале пораката.
„Оној таму, што спокојно ја преминува улицата, очигледно не е повеќе достапен за неговите пријатели во неволја”, продолжува Брехт. „Ми велат: јади ти и пиј!Радувај се дека имаш. Ама, како можам да јадам и пијам, кога тоа што го јадам, им го одземам на тие што гладуваат, и мојата чаша вода му недостига на тој што страда од жед? И, сепак, јадам и пијам.” На Брехт му е јасно дека нашата нечиста совест, не е посилна од желбата да ја заборавиме неволјата на другиот. И да се оправдаме, дека сме обични луѓе, кои не можат да го променат светот. Меѓутоа, токму тоа уверување дека ние, обичните луѓе, не можеме да сториме ништо против неправдата кон другите, ги зголемува шансите за успех на злото и на неправдата. „Вие, кои ќе испливате на површината по потопот, во кој ние пропаднавме, кога ќе мислите на нашите слабости, сетете се на мрачните времиња”, не‘ заветува Бертолд Брехт нас, потомците.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.