Законски измени во полицијата ја брануваат јавноста
1 август 2025Во пресрет на состанокот на Советот за безбедност, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) апелираше до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, да не го потпише Указот за Законите за полиција и МВР, кои смета дека се скандалозни.
„Длабоко сме убедени дека претседателката има и сила и волја да застане на страната на уставноста, на демократијата и особено на страна на мерит систем за кој знаеме дека неуморно се залага. Сега има неповторлива шанса ова да го покаже и на дело“, порача на прес-конференција Ана Чупеска, потпретседателка на СДСМ.
Опозициската партија смета дека „власта, со неверојатна лежерност, турка скандалозни и опасни измени, кои го укинуваат професионализмот во полицијата и ја претвораат во партиски инструмент на принуда, или милиција која ќе биде под директна команда на министерот за внатрешни работи“.
Неограничена моќ
Според партијата, ова упорно инсистирање полицијата да се партизира по секоја цена, создава сериозни ризици за безбедноста во Македонија
„Со новите закони, министерот Тошковски добива неограничена моќ и значително проширени дискрециони овластувања. Сега, тој ќе може да предлага директор на БЈБ, од најшироките области на општествени науки – што е невиден преседан кој цели кон целосно хендикепирање на професионализмот во МВР“, вели Чупеска.
Таа додава дека министерот сам ќе може да поставува началници и командири, без тие да исполнуваат основни критериуми за стаж, без да имаат искуство или претходно постигнати резултати. Се бришат и основните професионални критериуми за раководни позиции, што отвора широк простор за инсталација на партиски кадри без соодветно оперативно искуство, додава таа.
Загрижувачки измени
„Го избришале и условот кој децидно предвидува извесен број на години на искуство и стаж за напредување на највисоките раководни позиции – што значи дека, началник може да стане кој било што му е по ќеиф на министерот, па дури и да е штотуку вработен приправник. Ова е апсолутно неприфатливо за позиции кои бараат огромно искуство и лидерски вештини и претставува директно депрофесионализирање на полицијата“, вели Чупеска.
Особено загрижувачки, за СДСМ, се одредбите кои „отвораат простор за масовно следење преку биометриски податоци, без јасно утврден надзор“. „Уште пострашно, ја избришале и одредбата со која беше предвидено дека полициски службеници осудени со правосилна пресуда за кривични дела кои предвидуваат минимум шест месеци затвор дека по закон им престанува работниот однос. А, со елиминација на оваа норма, де факто, широко се отвора врата за инсталација на криминални структури на раководни позиции во министерството““, вели Чупеска.
Тошковски во одбрана на реформите
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, пак, тврди дека Законот за внатрешни работи и измените на Законот за полиција претставуваат основа за темелна реформа на полицијата, од организацијата, преку раководењето и критериумите за унапредување, до интегритетот, систематизацијата, системот на кариера и одговорноста во работењето.
„Најодговорно тврдам дека измените ќе придонесат за професионализација на МВР, подобро функционирање на полициските службеници, а граѓаните ќе ги видат придобивките за година дена“, порача Тошковски во четвртокот (31.07) при посетата на граничниот премин „Табановце“.
Коментирајќи го обвинувањата на опозицијата, Тошковски вели дека ниту едно од обвинувањата не е вистина.
„Измените се законски услови за подобрување на работата на полициските службеници, најавувајќи дека законот ќе стапи во сила за девет месеци отсега, а граѓаните ќе ги видат резултатите за година дена“, дециден е министерот.