„За“ и „против“ линеарното зголемување на пензиите
24 јули 2025Владината одлука за линеарно зголемување на пензиите, која што е на дневен ред на 63. собраниска седница, предизвика жестока дебата меѓу политичките партии. Опозицијата смета дека станува збор за „историска измама“, со која што пензионерите ќе бидат оштетени. Од владејачкатаВМРО-ДПМНЕ, пак, се децидни дека Владата им ги решава проблемите на пензионерите и прави тие достоинствено да живеат во нивната трета доба.
Двапати оштетени
Пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска на прес-конференција рече дека пензионерите ќе бидат два пати оштетени со оваа одлука - еднаш во септември и еднаш во март следната година. Таа презентираше пресметка која што оди во прилог на ваквата партиска теза.
Според сегашниот закон кој го донесе СДСМ, пензиите се усогласуваат двапати годишно — во март и септември — врз основа на растот на платите и трошоците за живот. Тренчевска вели дека ако Владата не го менувала законот и се водела по усогласувањето, пензиите во септември ќе се зголемеа за околу 5%.
Што значи тоа? „За пензија од 20.000 денари зголемувањето ќе беше 1.000 денари, исто како што сега со линеарното зголемување. Но, за пензија од 25.000 денари, пензионерите би добиле 1.250 денари, а со новото решение добиваат помалку, само 1.000 денари. За пензија од 40.000 денари, наместо 2.000 денари, повторно добиваат двојно помалку, само 1.000.“, вели Тренчевска.
Пресметките на СДСМ покажуваат дека 92,5% од пензионерите, односно над 318.000 луѓе, се оштетени со ова линеарно зголемување и ќе земаат помалку од тоа што им следува по закон, а само 7,5% од вкупниот број на пензионери во Македонија ќе добијат нешто и тоа помалку од заслуженото. Опозицијата побара Владата да го повлече предлогот и да им ги врати на пензионерите парите што им следуваат согласно закон.
„За 18 месеци линеарно покачување за 7.000 денари“
Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека на СДСМ и на Јованка Тренчевска, како поранешна министерка за труд и социјална политика, им смета растот на пензиите на сите пензионери. „Откако ги донесоа на раб на егзистенција, сега се против тие да го добијат заслуженото“, соопштија од партијата. .
„СДС и Тренчевска може да се противат колку сакаат, пензионерите со Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе го добијат заслуженото кое им беше ускратено изминатите седум години. Пензионерите сега веќе имаат партнер во оваа Влада која ги слуша им ги решава проблемите, им го вреднува вложениот труд и прави се тие достоинствено да живеат во нивната трета доба“, велат од владејачката партија.
Нивните аргументи се дека само за 18 месеци пензиите на сите пензионери линеарно ќе се покачат за 7.000 денари. „За неполна година Влада на ВМРО-ДПМНЕ, пензиите веќе се зголемија за пет илјади денари, а од септември и март следи друго покачување од по илјада денари“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Премиерот Христијан Мицкоски деновиве рече дека очекува предлогот за линеарно зголемување на пензиите да помине во Собранието пред локалните избори наесен. „Очекуваме линеарно зголемување на пензиите, тоа го бараат пензионерите од Владата – процентот што треба да се зголеми да биде линеарно распределен на сите корисници на пензии“, изјави Мицкоски.
Владата во повеќе наврати укажува дека со линеарното зголемување на пензиите сака да го намали јазот меѓу оние со ниски и оние со повисоки пензии. Економистите, пак, укажуваат дека помагањето на пензионерите со најниски примања треба да се врши на друг начин без да се дерогира пензискиот систем.
Во мај во Македонија имало 344.796 пензионери. Просечната исплатена пензија е околу 26.000 денари, но најголем дел од пензионерите се далеку под тој просек. Највисоката пензија изнесувала 88.000 денари.