За Чесите - Полска е „новата Хрватска“
16 август 2025Речиси цело столетие „Чешкото море“ беше во Хрватска. Таму одеше поголемиот дел од туристите од земјата со единаесет милиони жители, која нема свои морски плажи. Но, во меѓувреме, сè повеќе Чеси се насочуваат кон север – на полското крајбрежје на Балтичкото Море.
„Климата се смени“, објаснува 50-годишната Лудмила, која сега оди во Полска. „Не сакам повеќе да патувам на жештината во Грција или Хрватска. Сакам да уживам во одморот без тропски температури и во мир“.
На овој нов тренд се прилагодија и чешките железници. Децении имаше директни линии до Сплит во Хрватска, но тие веќе не постојат. Сега, дури четири пати дневно сообраќа Балтик Експрес од Прага за Гдиња, Сопот и Гдањск. Во летната сезона овие возови речиси секогаш се полни.
Стотици илјади Чеси патуваат и со своите автомобили на полското балтичко крајбрежје, искористувајќи ја можноста од Чешка да стигнат до Швиноујшче, Шчечин или Сопот преку целосно новите и бесплатни полски автопати. А, за разлика од Германците, Полјаците не ги оптоваруваат Чесите со гранични контроли.
„Чешка инвазија“
„Чешката инвазија“ внимателно ја следат и за неа известуваат и полските медиуми, новинари, па дури и полските политичари. Статиите за одмор во Полска се меѓу најчитаните на чешките информативни портали, а сите поголеми чешки весници и телевизии веќе испратија специјални дописници на полското балтичко крајбрежје. Социјалните мрежи се полни со пораки од полската ривиера, а за оваа тема се создаваат и сè повеќе групи на корисници.
„Навистина се чувствува порастот на чешките туристи на Балтичкото море од минатата година“, известува новинарот Јакуб Медек од полското информативно радио ТОК ФМ за ДВ. „Имам впечаток дека ова лето Чесите се најбројни меѓу странците“.
Првично, туристите од Чешка најмногу одеа на западното крајбрежје по автопатот С3. Но, откако вози Балтик Експрес, сè повеќе туристи може да се сретнат и во блиските градови Гдањск, Гдиња и Сопот. „Целата работа во Полска дефинитивно се доживува позитивно. ‘Чешката инвазија’ на полското балтичко крајбрежје уште од минатата година е тема на многу полски новинарски статии“,сведочи Медек.
Тоа го потврдуваат и официјалните податоци. „Статистиките за преноќевања покажуваат огромен пораст на чешките туристи во Полска. Тие веќе претставуваат четврта најголема група туристи – веднаш по Германците, Британците и Американците“,вели Павел Тројан од чешкото претставништво на полската туристичка заедница за ДВ. „Полскиот завод за статистика минатата година забележа 410.000 преноќевања на чешки туристи“, додава Тројан. А, тука не се сметаат многу Чеси кои престојуваат во приватно сместување.
Благодарение на мобилноста во пограничниот регион и еднодневните излети, Чесите се искачија на второ место, веднаш по Германците. Според првите проценки, оваа година би требало да биде рекордна, а како што известува полската веб-страница Gazeta.pl, бројот на Чеси на Балтичкото море годинава би можел да достигне 800.000 – дури и повеќе отколку што оделе во Хрватска.
Сепак, самиот Тројан предупредува дека на Чесите сè уште им е подрага Хрватска или Италија од Полска.
„Добредојдовте!“
Некои Чеси, пак, буквално „се ладат“ на полското балтичко крајбрежје, каде што лесно може да врне дожд дури и во август и каде температурата на водата понекогаш не достигнува ни 20 степени. За оние кои се навикнати на жештина, топла вода и сончање на хрватските плажи, слоганот „Полска е новата Хрватска“ звучи како шега. „Полска многу се разликува од Медитеранот – и по пејзажот и плажите, и по знаменитостите, услугата и гастрономијата“, вели Тројан. „Затоа е подобро да не се заборави кабаница и да се биде подготвен за голема авантура“.
Новата љубов на Чесите кон полското балтичко крајбрежје беше тема и на последната заедничка седница на полската и чешката влада во Прага минатата година. „Јас доаѓам од Гдањск и живеам во Сопот, па сум сведок на оваа многу пријатна и добредојдена летна инвазија на чешки туристи на полското крајбрежје“,изјави премиерот Доналд Туск за веб-порталот Wirtualna Polska. „Чесите ги срушија сите историски рекорди – повеќе од половина милион Чеси ги посетија полските плажи, од Шчечин до Гдањск“,додаде Туск минатата есен, најавувајќи директна железничка линија од Прага до полското балтичко крајбрежје.
Медиумите полни со вести за скапи цени во Хрватска
За Чесите не е евтино ниту во Полска. Цените се споредливи со оние во Прага или во светски познатите чешки бањи Карлови Вари. Но, тоа е сè уште помалку од половина од она што би го платиле за одмор на германското балтичко крајбрежје.
Многу поскап им станал и одморот во Хрватска. Чешките медиуми се полни со статии за високите цени на Јадранот. Но, додека престојот е скап, Чесите се изненадени од евтините намирници во полските продавници. Единствениот проблем за туристите од Чешка е пивото: нивниот национален пијалок на полското крајбрежје во рестораните чини и по шест евра за половина литар. „Скапо е овде, но барем има чешко пиво“,вели 60-годишниот Јирка, кој во Сопот ужива во оладено, познато чешко пиво „Козел“. Пет евра за шише од половина литар.
Полскиот стандард сè повеќе расте
Новиот ентузијазам на Чесите за Полска и нејзините жители не се ограничува само на одмор на Балтичкото море. Последниве години, Чесите се пријатно изненадени од економскиот развој на Полска. Пред триесетина години, Полска беше многу посиромашна од Чешка, но во меѓувреме ја стигна, а на некои места и ја престигна Чешка, која имаше репутација на најбогата и најразвиена посткомунистичка земја во Централна Европа.
На пример, брзината со која Полјаците ги градат своите автопати. Или дури и во платите – иако чешката економија е сè уште нешто поефикасна, тоа веќе не важи за платите. Пред три години, полските плати беа за околу четвртина пониски од чешките, а денес во Полска се заработува повеќе. „Се ближи времето кога Чесите ќе доаѓаат кај нас како гастарбајтери“, малку претерува полската веб-страница Obserwator Gospodarczy.
Особено е значајна разликата во загарантираната минимална плата, која во Чешка е за една третина пониска отколку во Полска – таму сега е 1.120 евра. За тоа е заслужна и политиката на штедење на конзервативната влада на Петр Фијала, која буџетскиот дефицит на Чешка го намали на 2,2% од БДП, додека буџетскиот дефицит на Полска минатата година достигна 6,6% од БДП.