Вучиќ кај Руте: Србија под лупа на НАТО
20 март 2025Протестите во Србија, но и настаните во Босна и Херцеговина и на Косово, сепак го привлекоа вниманието на меѓународната политика. По неколкумесечно игнорирање на студентските и граѓански протести, се огласија одделни западни политичари, кои, меѓу другото, пружија поддршка за територијалниот интегритет на БиХ, но и претпазливи коментари за бранот незадоволство што се излева на српските улици.
Се чини дека донекаде стана јасно оти поддршката за стабилократијата на Александар Вучиќ не е преголема гаранција за регионалната стабилност и сега веќе зачестуваат директните средби меѓу одредени меѓународни претставници и претседателот на Србија.
Србија – фактор на нестабилност
Детали од таквите средби главно не се објавуваат во јавноста, освен вообичаените фрази за подготвеност за унапредување на соработката и поддршка за мирот, но секако е интересно што во рок од само неколку недели имаше два разговора меѓу генералниот секретар на НАТО, Марк Руте и Александар Вучиќ.
Душан Јањиќ од Форумот за етнички односи за ДВ оценува дека тоа е сигурен знак оти прва тема на средбата е Србија. „Се покажува оти Србија се нашла на работ на голем безбедносен ризик и дека однесувањето на српските власти придонесува за овој процес, што го привлекло вниманието и на НАТО, бидејќи Србија има и регионално значење. Веројатно тема ќе биде и употребата/неупотребувањето на звучно оружје и тоа власта да стори сѐ за да избегне вооружен конфликт со граѓанитете. Особено важно е, ми се чини, предупредувањето да се стават под контрола паравоените и параполициските сили, кои се во цврста врска со организираниот криминал и наркобизнисот“, вели Јањиќ.
Во овој контекст нашиот соговорник го става и фактот дека генералниот секретар на НАТО при претходен разговор со Вучиќ обрна внимание и на решавање на случајот Бањска. „Тоа не е само меѓународна обврска на Србија. Разоружувањето и ставањето под контрола на т.н. цивилна одбрана, за која еве гледаме дека се активирала и за време на протестите на 15 март. Системот за управување со неа мора да се растури, а тој систем се наоѓа во Србија“, забележува Јањиќ.
Дипломатско предупредување до Вучиќ
Александар Вучиќ од Брисел изјави дека со Марк Руте разговарал за однесувањето на КФОР и НАТО на Косово, но и за ситуацијата во БиХ. Кога станува збор за тензичната ситуација во БиХ, Душан Јањиќ смета дека Вучиќ добил „дипломатско предупредување дека времето е истечено и дека веќе нема време за т.н. двојни и тројни игри на поддршка или неподдршка за Милорад Додик. И тоа е предупредување и тоа спаѓа во надлежностите на Руте, за да не се случи и таму нешто како Бањска. Србија тука мора да покаже дека има јасни политички ставови, а можеби и повеќе од тоа - да покаже дека има јасни безбедносни механизми за намалување на ризикот“, потенцира Јањиќ.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос оцени дека состанокот во Брисел со Вучиќ бил „конструктивен“ и наведува дека „се разговарало за конкретни чекори на патот на Србија кон ЕУ и спроведувањето на Планот за раст на Западен Балкан“. Таа ја истакна „важноста на граѓанското општество и независните медиуми во тој процес“.
Таквата формулација секако нема да наиде на одушевување во српската јавност, како и претходните скромни изјави на претставници на ЕУ за режимот на Александар Вучиќ. Тоа веројатно само дополнително ќе ја продлабочи недовербата кон ЕУ во Србија.
Загубена доверба
Душан Јањиќ обрнува внимание на фактот дека „пред сѐ претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, е мета на критики поради изјавите на Марта Кос. Видовме благодарност кон оние кои наводно ја штителе безбедноста на сите учесници, а сега сите знаеме дека тие всушност извршија напад врз граѓаните“, забележува Јањиќ.
Александар Вучиќ, од друга страна, не може да каже ништо ново за напредокот на Србија во евроинтеграциите, бидејќи процесот е речиси целосно сопрен, вели Јањиќ и додава дека „нов факт е оти веќе никој не му верува на Вучиќ. Тој можеби може да се обиде да направи некоја нова влада која на хартија ќе биде малку повеќе проевропска и експертска, но останува проблемот дека нему во меѓународната заедница никој не му верува. Таквиот сомнеж ќе постои сѐ додека не дојде до некаков вид на меѓународна истрага за тоа што се случи на 15 март во Белград“, смета Јањиќ.
Нов политички играч во Србија – бунтовните граѓани
Ако веќе се зборува за парадржавни сили, за време на протестот во саботата, на 15 март, во таканаречениот „парк на студенти кои сакаат да учат“ имаше неколку стотици маскирани насилници. Според актуелните сведоштва, со малку среќа и добра организација на организаторите на протестот биле избегнати сериозни судири.
Иако се чинеше дека по протестот паркот се напушта, на просторот на Пионерскиот парк пред Претседателството на Србија се организира нов собир со шатори кои личат на воени и со маскирани цивили кои спроведуваат некои свои правила за влез и движење низ паркот, покрај полицијата која делува како нем набљудувач.
Душан Јањиќ наведува дека во тој парк биле „злоупотребени луѓе од Косово, но таму видовме и дефиле на луѓе на Додик, како и на луѓе од Црна Гора. Добро е што сега сепак се реагира, ако веќе не се работело на превенција за да се спречи Вучиќ и натаму да работи на дестабилизација. Притоа, меѓународната заедница мора да земе предвид дека има нов политички и општествен играч, а тоа се граѓаните кои се бунтуваат против Вучиќ. Тие во моментов имаат најголемо влијание врз јавноста и без нив ситуацијата нема да се врати во релативна нормала“, заклучува претседателот на Форумот за етнички односи.