Вучиќ го моли Додик да иницира дијалог
27 февруари 2025Во првиот одговор на пресудата против претседателот на Република Српска, Милорад Додик, кој првостепениот суд го осуди на една година затвор и шестгодишна забрана за политичка активност, Народното собрание на Република Српска донесе неколку заклучоци. Во првиот се наведува дека Судот на БиХ со својата одлука извршил државен удар и целосно го урнал уставниот поредок на земјата, бидејќи донел пресуда врз основа на одлуката на неизбраниот странец Кристијан Шмит, а не врз основа на закон усвоен од Парламентарното собрание на БиХ.
Собранието понатаму ја „отфрла и не прифаќа ниту една одлука на Кристијан Шмит“, се вели во заклучоците во врска со усвоената информација за рушење на Уставот на БиХ, потпишани од партиите собрани околу Сојузот на независни созијалдемократи (СНСД). Собранието ги смета за ништовни и сите закони и одлуки на органи кои не се дефинирани во Уставот на БиХ, пред сѐ Високиот судски и обвинителски совет (ВСТС), Обвинителството на БиХ, Судот на БиХ и Агенцијата за истрага и заштита на БиХ (СИПА).
Но, веднаш по собраниската седница се одржа посебна владина седница на која беа утврдени повеќе закони, меѓу кои и оној за контрола на работата на невладините организации за чие донесување меѓународната заедница предупредува со месеци.
Пред седницата на владата, во Бања Лука дојде и српскиот претседател Александар Вучиќ. По итната седница на Советот за национална безбедност, на Додик му е дадена целосна поддршка и пресудата е отфрлена како недемократска и незаконска. Беше повикано на смиреност и изразено противење на мешањето на странци. Вучиќ и во Бања Лука повика на смиреност, порачувајќи дека Србија и тој секогаш ќе стојат на страна на Република Српска.
Нема воени планови
„Ова е тежок ден за српскиот народ“, рече Вучиќ, а потоа посочи дека во Бања Лука дошол со две барања.
„Прво, да го замолам Додик да ги покани сите политички актери во БиХ, но и претставниците на ЕУ и САД и Руската Федерација и Кина, да иницира дијалог, да иницира разговори. Знам дека не му е лесно во моментов, но треба да ја покаже српската посветеност на мир, на решавање на проблемите преку дијалог, а не со закани“, рече Вучиќ, замолувајќи во второто барање за единство меѓу српскиот народ.
Бошњачкиот член на Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ, уверува дека нема потреба од паника и дека државните власти на БиХ заедно со нивните сојузници преземаат законски и одлучни чекори.
Веднаш по пресудата пристигнаа реакции од хрватскиот државен врв. Премиерот Андреј Пленковиќ ја смирува ситуацијата, изјавувајќи дека „треба да ја спуштиме топката“ и да најдеме решенија кои ја прават БиХ функционална.
Спуштање и кревање на топката
Членовите на Европскиот парламент дадоа заедничка изјава во врска со пресудата против Милорад Додик, во која се наведува дека Босна и Херцеговина е независна и суверена држава, чиј територијален интегритет не е доведен во прашање.
„Наместо ширење поделби и донесување мерки и закони кои очигледно би го прекршиле Уставот на БиХ, раководството на РС треба да се фокусира на итни чекори кои се неопходни за напредокот на БиХ на нејзиниот пат кон Европската унија“, се порачува во изјавата потпишана од постојаниот известувач на Комисијата за надворешни работи на ЕП за БиХ, Ондреј Колар, и претседавачот со Делегацијата на Европскиот парламент за односи со Босна и Херцеговина и Косово, Давор Иво Штир.
Делегацијата на ЕУ во БиХ издаде соопштение по пресудата за Додик во кое се велки дека „Европската унија е недвосмислено посветена на европската перспектива на Босна и Херцеговина како единствена, обединета и суверена држава. Ги повикуваме сите политички актери во БиХ да се воздржат од провокативна и реторика склона кон поделби, како и од дејствија, вклучително и доведување во прашање на уставниот суверенитет, единството и територијалниот интегритет на земјата“.
Од друга страна, унгарскиот премиер Виктор Орбан во врска со првостепената пресуда против Милорад Додик изјави дека се работи за политички мотивиран судски процес. „Политичкиот лов на вештерки против претседателот Милорад Додик е тажен пример за злоупотреба на правниот систем во пресметката со демократски избран лидер“, напиша Орбан на социјалната мрежа Х, додавајќи дека таквите потези не придонесуваат за стабилноста во регионот. „Ако сакаме да ја зачуваме стабилноста на Западен Балкан, ова не е вистинскиот пат“, порача Орбан.
Предупредување од Москва
Со сличен тон, за нијанса поостар, се огласи и руското Министерство за надворешни работи, кое наведува дека пресудата на Судот на Босна и Херцеговина за Милорад Додик „ќе има штетни последици за ситуацијата во БиХ и целиот регион“.
„Русија, како постојана членка на Советот за безбедност на ОН и земја гарант на Дејтонскиот мировен договор, смета дека е неопходно да се предупредат странските учесници во процесот на постконфликтното решавање во БиХ, земјите од регионот, но и целата светска јавност за неизбежните штетни последици од осудителната пресуда за ситуацијата во земјата и на Балканот“, се вели во соопштението доставено од руската амбасада во БиХ.
Забрана по сила на законот
Судот на БиХ донесе првостепена пресуда против Милорад Додик и го осуди на една година затвор и шестгодишна забрана за политичка активност. Иако пресудата во јавноста се толкуваше како забрана за вршење само на претседателската функција, Судот на БиХ појасни дека квалификацијата се однесува на забрана за политичка активност.
Недим Адемовиќ, експерт по уставно право од Сараево, ја образложи дилемата околу одлуката на Судот на БиХ за вршење јавна функција доколку пресудата стане правосилна. Според него, треба да се раздвои казната затвор од една година и безбедносната мерка забрана за вршење на функцијата претседател. „Трета работа, која не е поврзана со овие две, стапува во сила по сила на законот во случај на пресуда. А, тоа е дека му е забрането да дејствува во која било законодавна, извршна, судска или која било друга институција на власта која се финансира од јавни средства“, изјави Адемовиќ за Н1 објаснувајќи го значењето на пресудата на Додик.