Втор ден од собирот „Не ја даваме Србија“
12 април 2025Тридневниот собир „Не ја даваме Србија“, на кој ќе се промовира Движењето за народот и државата, чие формирање го најави српскиот претседател Александар Вучиќ, почна вчера (11.04) со дефиле на знамиња. Меѓу знамињата имаше и едно долго 200 метри, за кое властите тврдат дека е најголемото во историјата на Србија, како и со настап на трубачки оркестар на платото пред Народното собрание во Белград. Над сто момчиња ги носеа знамињата на Србија и локалните самоуправи, а до платото на Народното собрание дојдоа од зградата на Претседателството, предводени од српскиот претседател Вучиќ.
На платото се собраа бројни граѓани кои пристигнаа од целата земја и од Република Српска, а беше организиран и специјален пречек за Србите кои дојдоа пеш од Косово.
Вучиќ претходно ги покани сите граѓани на денешниот собир, кој, како што рече, ќе го одреди животот на граѓаните до 2035 година и ќе обезбеди развој. Српскиот претседател потенцираше дека Србија се „кренала“ и дека отпорот „кон оние кои сакаат да ја уништат Србија расте“.
„Ние не мразиме никого, никому не му посакуваме лошо. Не сакаме ничија смрт, ние сакаме живот за Србија, се бориме за живот на Србија и ќе успееме во тоа“, наведе Вучиќ.
ЕУ „загрижена“ поради протерувањето хрватски граѓани од Србија
Вчера Европската Унија изрази загриженост поради протерувањето хрватски граѓани од Србија. „Загрижени сме поради овие извештаи“, изјави портпарол на Европската Комисија во Брисел. Според изјава на хрватскиот амбасадор во Србија, Хидајет Бишчевиќ, Србија во изминатите три месеци им врачила решенија за протерување на 12 хрватски државјани, од кои тројца добиле вакви решенија во изминатите неколку дена. „Ја следиме ситуацијата и нема да се двоумиме да ја искажеме нашата загриженост до српските власти на највисоко ниво“, рече портпаролот на ЕК.
Според хрватскиот амбасадор, некои од протераните Хрвати со години живееле во Србија и преку интернет мрежите ја изразувале својата поддршка за протестите против српската влада.
Протестите во Србија беа поттикнати од уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември, при што загинаа 16 лица. Владата е под голем притисок поради протестите кои се во тек. Таа постојано тврди дека протестите се оркестрирани од странство, но не дава никакви докази за тоа.