Вреди и ДУИ во отворена конфронтација
13 февруари 2025„Али Ахмети ја прелеа чашата! Време е за оставка!“, порача еден од лидерите на ВРЕДИ, Арбен Таравари. Преку објава на Фејсбук тој побара оставка од лидерот на ДУИ, поради повеќе причини. Меѓу клучните што ги наведе се неколку: злоупотреба на власта што доведува до нечесно богатење на него и на членовите на неговото семејство; тоа што со децении го држи народот во заложништво со формулата „кај нас – вработен, против нас – уништен“; дека е водач на политичка групација кој во моментов е обвинета за тешки корупциски злосторства; дека е близок соработник со повеќе лица барани со меѓународни потерници; поради драматична штета по животот на луѓето, особено на Албанците, но и поради изјавите Косовците на изборите да гласаат против косовскиот премиер Албин Курти.
По Таравари смена на лидерот на ДУИ побарал и градоначалникот на Тетово, Билал Касами. Како што пренесоа медиуми на албански јазик, Касами потенцирал дека старата гарда на чело со Али Ахмети треба да се тргне настрана и да им направи пат на помладите генерации.
„Во Македонија треба да има освежување на политичката сцена и во оваа насока мислам дека старата гарда на чело со Али Ахмети и останатите кои се долго време на политичката сцена треба да се тргне настрана и да им направи пат на помладите генерации. Верувам дека сега Ахмети ја има оваа можност да размислува во опозиција, да размислува за партијата и да се подготви за нивните предизвици“, изјавил претседател на Движењето Беса кое е дел од коалицијата Вреди, на настан во Гостивар.
„Не дефокусирајте“
Во објавата на Таравари претставници на ДУИ прочитаа обид да се дефокусира вниманието од вчерашната одлука на Основниот суд во Тетово, со која Зијадин Села и официјално е претседател на Алијанса за Албанците, откако партијата се подели на две крила - едно предводено од Села, другото од Таравари.
Оваа судска одлука беше и во с’ржта на реакцијата на потпретседателот на ДУИ, Арбр Адеми, кој го обвини Таравари дека една партиска фракција ја претворил во огранок на ВМРО-ДПМНЕ.
„Откако ги изгуби печатите и законитоста за лажно да се нарекува претседател на тој субјект, бара оставка од Али Ахмети – правниот лидер, избран од партиските органи и легитимниот претставник на Албанците, избран од народот со апсолутна поддршка. Не можете да ја дефокусирате јавноста!“, напиша Адеми.
Од крилото на Таравари одлуката на Основниот суд Тетово ја нарекоа „чист чин на партиско судство кое се обидува да манипулира со волјата на граѓаните и една политичка партија да ја претвори во воен плен на Али Ахмети“.
„Испраќаме јасна порака до судијата Илир Реџепи и кланот на Зијадин Села: вашиот обид за криумчарење на Алијансата за Албанците, ќе пропадне! АА е на народот, на членството и на луѓето со достоинство, кои не се продаваат за грст привилегии како вас. Уште од самото основање, идеалот на Алијансата за Албанците беше соборувањето на криминалниот режим на Али Ахмети, кој поради коруптивни мотиви сериозно ги наруши интересите на Албанците (...) - Скандалозната одлука на судијата Реџепи ќе се најде повторно во Апелациониот суд“, порачаа од крилото на Травари.
Оттаму потсетија на двата отсто доверба на граѓаните во судскиот систем, и на последниот извештај на Транспаренси интернешнал.
„Оваа политичка одлука на судијата Реџепи уште повеќе не мотивира за вршење длабоки реформи во правосудтсвото. Иницијативите за разрешување на главниот обвинител и на петте членови на Судскиот совет се важни чекори кон воспоставување на владеење на правото и интензивирање на борбата против криминалот и корупцијата. Против судијата Реџепи ќе биде поведена постапка за отчетност. Правдата нема да остане заложник на политички пазарења!“, соопштија од АА предводена од Таравари.
Обвинувања за систематско исклучување
Конфронтациите меѓу власта и опозицијата во албанскиот блок се засилија минатата недела, кога од ДУИ изразија „загрижености за одржливоста на албанските културни институции и правичната поддршка на културната разновидност во Северна Македонија“. Од Мала Речица во неколку наврати реагираа и за „систематски процес на исклучување на Албанците од одлучувачките позиции, што го доведува во прашање владеењето со инклузивно управување и спроведувањето на Охридскиот рамковен договор“.
Прстот го вперија во ресорот одбрана, но од Министерството за одбрана и ГШ на АРМ ги демантираа таквите наводи, посочувајќи конкретни податоци за застапеноста на Албанците, според кои такви нивната застапеност не е намалена. Но, и податокот дека никој не е сменет или деградиран.
„Откако имаше промена на власта во државава кон крајот на јуни 2024 година, ниту еден припадник од албанската етничка заедница не е променет, деградиран или дискриминиран согласно со новата систематизација во Министерството“, беше наведено во реакцијата на МО.
Но, ДУИ реши меѓународно да алармира за нивните заблешки.
„ДУИ официјално ги информираше Европската унија, Соединетите Американски Држави, Обединетото Кралство и другите меѓународни партнери за сериозните загрижености во врска со систематското исклучување на Албанците од клучните државни институции во Северна Македонија“, соопшти партијата минатата недела.
Писма до Кремљ
Од Вреди реплицираа дека „ДУИ со Артан Груби, Рамиз Мерко и низа дискредитирани личности, нема кредибилитет да зборува за националните интереси“.
„Партијата потопена во коруптивни афери и со претставници вклучени во американските црни листи, не може да тврди дека го информира меѓународниот фактор. Тие може да поднесуваат извештај до Кремљ, но не и до САД и нашите стратешки партнери, кои се свесни за злоупотребите и лошото управување на ДУИ“, порачаа од Вреди.
Оттаму потенцираа дека улогата на опозицијата во демократските држави е да ја критикува власта за таа да се поправи, но оти тоа важи за политички партии во вистинска смисла на зборот, не и ДУИ.
„Таа е застарен клуб кој служел во интерес на збогатување на нивните семејства, им обезбедувал луксузен живот на нивните внуци додека народот се соочувал со неправда и екстремна сиромаштија (...) Ние сме на власт за да не ги правиме истите грешки, и да направиме најдобро за Албанците“, порачаа од Вреди.
Според аналитичари, конфронтацијата меѓу двата блока нема да спласне, со оглед дека наесен ќе има локални избори, што ќе „мотивира“ нови обиди за дискредитација. Од друга страна, прашање е дали ДУИ дотогаш ќе може да ги проветри нејзините редови од корумпирани структури (и од црната листа на САД и опфатени со постапки), со оглед дека најави оти спроведува партиски ветинг, но досега не е евидентирана промена во тимот.