Воведен полициски час во делови од центарот на Лос Анџелес
11 јуни 2025По немирите за време на протестите во Лос Анџелес, градоначалничката Карен Бас воведе привремен ноќен полициски час за центарот на Лос Анџелес, прогласувајќи вонредна состојба „за да се запрат вандализмот и грабежите“. Бас објави дека овој полициски час стапува во сила во вторник навечер во 20 часот по локално време (10.06) и ќе остане на сила до 6 часот наутро во среда. Мерката е ограничена на дел од центарот на градот со површина од 2,59 квадратни километри, вклучувајќи ја и областа каде што протестите започнаа во петокот. „Стигнавме до пресвртна точка“, рече Бас, откако беа ограбени 23 продавници во центарот на метрополата во американската сојузна држава Калифорнија.
Бас: Повеќето демонстранти се мирни
Во исто време, Бас нагласи дека повеќето од демонстрантите биле мирни, истакнувајќи дека немирите зафатиле „неколку блока во центарот на градот“. „Не е целиот центар на градот, ниту пак целиот град. За жал, сликите прават да изгледа како целиот град да гори, но тоа не е случај.“
Според шефот на полицијата во Лос Анџелес, Џим Мекдонел, полицискиот час не се однесува на жителите што живеат во погодената област, вклучително и бездомниците, новинарите и персоналот на службите за обезбедување и итна помош. „Незаконското и опасно однесување“ ескалираше од саботата, рече Мекдонел.
Речиси 200 апсења
Во вторникот, десетици демонстранти се собраа мирно пред федерален комплекс кој вклучува и центар за притвор, каде што се држат некои имигранти по рациите на работните места во градот. Полицијата издаде наредба за растерување и ги опкружи демонстрантите, наредувајќи им на членовите на медиумите да се држат настрана за да избегнат повреди. Потоа, полицајците започнаа со апсење. Според Мекдонел, полицијата во вторник уапсила вкупно 197 лица, вклучително и 67 лица кои блокирале дел од автопат. Според медиумските извештаи, седум полицајци биле повредени, од кои најмалку двајца се однесени во болница и пуштени подоцна на домашно лекување.
Калифорнија бара прелиминарна забрана на суд
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно прикажа мрачна слика за протестите во Лос Анџелес, што градоначалничката Карен Бас и гувернерот Гевин Њусом го отфрлија. Претседателот ги искористи неодамнешните протести во Лос Анџелес како можност да нареди испраќање на околу 4.000 војници на Националната гарда и 700 маринци во градот - наспроти отпорот на гувернерот Њусом, кој доаѓа од редовите на Демократската партија. Калифорнија поднесе барање на суд за привремени овластувања за запирање на распоредувањето војници во Лос Анџелес.
Њусом изјави дека распоредувањето на „обучени војници“ во градот е „без преседан и ја загрозува самата суштина на американската демократија“. „Бараме од судот веднаш да ги запре овие незаконски дејствија“.
Њусом во јавно обраќање рече дека Трамп фрла „воена мрежа“ над Лос Анџелес. Распоредувањето на Националната гарда без негово одобрение треба да послужи како предупредување за другите држави - „Калифорнија можеби е првата - но нема да заврши тука“, рече Њусом.
Националната гарда сега е ангажирана и во рации
Сепак, се чини дека елитните војници сè уште не се распоредени. Фотографиите објавени од Маринскиот корпус покажуваат војници како изведуваат вежби во поморската база Сил Бич, јужно од Лос Анџелес. Наспроти тоа, пак, беше обајавено дека припадниците на Националната гарда сега ќе бидат ангажирани и во рациите против имигранти во Лос Анџелес, а не само за заштита на федералните згради како досега.
Градоначалничката Бас претходно постојано повикуваше на прекин на рациите. Таа рече дека рациите шират страв, ги вознемируваат луѓето и се непотребни. Шефот на полицијата Мекдонел, исто така, предупреди на тешкотии во соработката со Националната гарда и војската. Полицијата е уверена дека може да се справи со големи демонстрации, рече Мекдонел. Пристигнувањето на маринците - без координација со полициската управа - претставува „значаен логистички и оперативен предизвик“, вели Мекдонел.
Маринците и припадниците на Националната гарда, согласно таканаречениот Posse-Comitatus закон не може да извршуваат задачи за спроведување на редот и законот. Досега, Трамп не го активирал Законот за бунт, кој би им овозможил такви должности, но ја остави отворена таа можност. Со тој закон, имено претседателот на САД добива овластувања да распореди воени сили на територијата на САД во одредени ситуации за да спречи бунт. „Доколку има бунт, секако би го активирал законот. Ќе видиме“, рече Трамп.
Трамп ги нарече демонстрантите „животни“
Претседателот го потврди ангажманот на војската и најави дека нема да ги повлече војниците од Лос Анџелес сè додека не биде воспоставен мир. Токму војската, рече Трамп, ја деескалира ситуацијата. Во говорот во воената база Форт Браг во американската држава Северна Каролина, тој претходно употреби многу помилитантна реторика, нарекувајќи ги демонстрантите, меѓу другото, „животни“. Тој рече дека ќе го „ослободи“ калифорнискиот крајбрежен град.
„Нема да дозволиме американски град да биде нападнат и освоен од странски непријател“, рече Трамп. Претседателот го нарече Лос Анџелес „депонија“ со „цели населби под контрола“ на криминалци и истакна дека федералната влада ќе „ги употреби сите алатки што ѝ се на располагање за да го ограничи насилството и повторно воспостави ред и почитување на законите“.