Вооружен масакр во училиште: Затворски казни за родителите
30 декември 2024Вооруженот масакр во основното училиште во Белград во мај 2023 година, во кој беа убиени десет лица, ја шокираше целата земја.
Сега, Вишиот суд во српскиот главен град ги осуди родителите на малолетното момче кое го изврши невиденото злосторство во училиштето „Владислав Рибникар“ на вкупно 17 години и шест месеци затвор.
На 03.05.2023 година, малолетниот К.К. застрела со пиштол девет ученици и чувар, а рани уште пет ученици и наставничка по историја во училиштето во центарот на Белград.
Бидејќи во моментот на злосторството момчето имало помалку од 14 години, не можело да одговара кривично.
По 11 месеци кривична постапка, Владимир Кецмановиќ, таткото на момчето, е осуден на 14 години и шест месеци затвор, додека неговата мајка Миљана Кечмановиќ е осудена на три години затвор.
Инструкторот во стрелиштето каде што момчето учело да пука, Немања Маринковиќ, е осуден на затворска казна од една година и три месеци.
Казните изречени на мајката на момчето и на инструкторот се помали од оние кои ги барал обвинителот.
Ова е првостепена пресуда која може да биде обжалена од двете страни.
Ден по масовното убиство во белградското училиште, Србија ја потресе уште едно масовно злосторство, кога 21-годишниот Урош Блажиќ уби девет и рани 12 млади луѓе во селата Дубона и Мало Орашје, меѓу Младеновац и Смедерево.
Тој првостепено е осуден на 20 години затвор.
Иста казна со првостепената пресуда доби и неговиот татко Радиша Блажиќ за недозволено поседување оружје со кое е извршено кривичното дело.