Војници на Националната гарда распоредени во Вашингтон
13 август 2025По наредба на американскиот претседател Доналд Трамп, припадниците на Националната гарда зазедоа позиции во Вашингтон. Според Пентагон, Трамп мобилизирал вкупно околу 800 припадници на Националната гарда.
Американскиот претседател го оправдува распоредувањето со наводна безбедносна вонредна состојба во Вашингтон, иако градоначалничката Муриел Баузер, тврди дека криминалот е на најниско ниво во последните 30-години. Трамп ја стави полицијата во Вашингтон под контрола на Министерството за правда на САД и мобилизираше федерални агенти од ФБИ во главниот град.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, изјави дека околу 850 полицајци се грижеле за безбедноста во текот на ноќта во вторникот и уапсиле 23 лица. Обвиненијата се движеле од сериозни дела како што се убиство или нелегално поседување огнено оружје до полесни прекршоци како што се избегнување плаќање билети или возење под дејство на алкохол. „Ова е само почеток“, рече Левит, во следниот месец, администрацијата на Трамп ќе го гони „секој насилен криминалец“ во Вашингтон. Понатаму, бездомниците се соочуваат со затворска казна ако кампуваат на улиците.
Трамп во понеделник изјави дека сака да го заштити главниот град на САД од „криминал, крвопролевање, хаос, беда и полошо“. Министерот за одбрана, Пит Хегсет, изјави за Фокс њуз дека распоредувањето на Националната гарда може да трае со недели или месеци, во зависност од волјата на Трамп. Со помош на декрет, претседателот може да ја стави и локалната полиција под контрола на владата во период од 30 дена.
Градоначалничката на главниот град на САД, Муриел Баузер, остро го критикуваше потегот. Акциите на Трамп се „чекор кон фашизам“, изјави политичарката од Демократската партија. Опозициските демократи во Претставничкиот дом на САД го обвинуваат претседателот за „нелегитимно преземање на власта“. Според градската администрација, криминалот веќе значително се намалил.