Зачуденост и неразбирање за „мировниот план“ на Трамп
24 април 2025Во европската престолнина се многу иритирани од американската политика за Украина, која според Брисел е премногу проруска, не ја заштитува Украина и е полна со противречности. По ова прашање се разгорува трансатлантски спор чии последици за Украина сè уште не можат да се проценат. Спорот е поттикнат од борбата за тоа кој има право да толкува што е „вистинско мировно решение“, како и од смелите американски идеи. Европејците пак отпаѓаат заради американските противречности, што никогаш не било појасно од сега. Американскиот претседател Доналд Трамп се претставува како поборник за мир. Но, прашањето за фактичките перформанси останува отворено, што пак отвора прашања во Европа и ја зголемува неизвесноста. Од една страна Американците повикуваат на брзи решенија за да се ослободат од проблемот - од друга страна сакаат да се држат на страна кога станува збор за практичната имплементација и кога ќе треба да се плати цехот.
Недостасува „координиран чекор“ на Западот
Во оваа деликатна фаза во дипломатијата во магла изостанува вистинското западно хомогено дејствување на кое се надеваа многу - но не и сите – Европејци. Во Лондон: разочарување поради неуспешниот министерски состанок за Украина. Во Вашингтон: надеж за мировен план што ќе го претстави Доналд Трамп. И во Брисел: зачуденост од деталите што протекуваат. Тука има неколку чувствителни точки.
Имено, мировниот план на Трамп може да го вклучи и американското признавање на украинскиот полуостров Крим како руска територија. Но, ЕУ ова го отфрла исто како и барањето на Американците да се ублажат санкциите против Русија. „Не видовме никакви гестови на добра волја од страна на Русија по ова прашање. Прекинот на огнот доведе само до дополнителни напади врз украинска територија. Русија мора едноставно да ја прекине својата натамошна агресија и да ѝ ја врати територијата на Украина. Тоа е една почетна точка“, вели портпаролката на ЕУ Аријана Подестра како што ја пренесуваат во американските медиуми во врска со планот на Трамп.
Изјавата е дадена во контекст на идеите на САД кои ЕУ тешко би можела да ги прифати. Американците можеби се подготвени да излезат во пресрет на Русија и на нејзините територијални претензии како цена за завршување на војната. Во Брисел уште повеќе се плашат дека САД би можеле де факто да ја признаат окупацијата од страна на Русија. Украина тогаш нема да мора „засекогаш“ да се откаже од териториите, за разлика од де јуре признавањето. Во вториот случај пак би се признало дека Русија зазела територии и дека Украина никогаш нема да ги врати. Таков „компромис“ за повеќето европски држави и лидери во ЕУ исто така не доаѓа во предвид.
ЕУ го потенцира територијалниот интегритет на Украина
Трамп го промовираше неговиот план, кој допрва треба да го претстави, со зборовите дека „се надеваме оти Русија и Украина ќе постигнат договор неделава. Потоа и двете ќе почнат да прават големи бизниси со САД и да заработуваат богатство“. Портпаролка на ЕУ возврати со реченицатадека „план А, план Б или план В - не е важно“ - сѐ додека Европа не е вклучена и Украина остане без безбедност и територијален интегритет. Лидерите на ЕУ се особено иритирани од начинот на кој американските дипломати се справуваат со наводните украински отстапки. Американските медиуми цитираа висок дипломат дека Украина „90 проценти се согласува“ со мировните идеи на Трамп и исто така е подготвена да ѝ предаде 20 отсто од својата територија на Русија. Малку подоцна, повлекување и тврдење дека тоа не е точно. Киев претходно повлекол црвена линија во однос на признавањето на анектираните територии како руски. Тоа соодветствува и на позицијата на ЕУ.
Во Брисел се зачудени и за идејата за испраќање европски трупи во Украина како безбедносни гаранции. Дополнително би можело да има и втора воена инстанца - руските и украинските војници да ги чуваат линиите на фронтот заеднички со војниците на НАТО – додека САД сакаат воено да се држат на страна и во најдобар случај да имаат недефинирана „улога на чувар“. Каја Калас беше најексплицитна во интервју за новинската агенција АФП, во кое вели дека Путин не сака вистински мир. САД имаат алатки за да вршат притисок, но не ги користат. Шефицата на европската дипломатијата притоа веројатно свесно и отворено изрази каде стојат двете страни.
„Коалицијата на волните“ најверојатно ќе го одреди курсот
Кога станува збор за минимално ниво на договор за патот кон мир во Украина, во моментов не се движи многу. Меѓутоа, без поддршка од ЕУ улогата на Трамп како миротворец со европски мировни сили во Украина ќе оди во празно. А, улогата на ЕУ во мировно решение на крајот ќе се мери споредопипливите придонеси на нејзините земји-членки. На крајот на краиштата, „коалицијата на волните“ со европските интереси ќе го одредуваат курсот. Кај неа стравовите од нова руска агресија надвор од Украина не се исчезнати - додека Трамп географската предност на неговата земја повеќе пати ја формулираше на следниов начин: „Помеѓу лежи прекрасно, големо море“. Останува отворено прашањето кој на крајот ќе го преземе водството за да го менаџира сето ова. Овој вакуум е повидлив од кога било досега.
Автор: Андреас Мајер-Фајст, АРД Брисел