Украина: Силни напади во пресрет на разговорите во Истанбул
2 јуни 2025Украинскиот претседател Володимир Зеленски за неочекуваниот напад од неговата тајна служба на СБУ врз неколку руски воени аеродроми рече дека е „апсолутно брилијантен успех“. Нападот, според него, е најдалекусежната операција на Украина од почетокот на војната досега. „Една година, шест месеци и девет дена - од почетокот на планирањето до нејзиното спроведување“, напиша Зеленски на платформата X и додаде дека побарал од тајната служба на јавноста да ѝ открие дел од операцијата која, како што рече „несомнено ќе влезе во учебниците по историја“.
Украина тврди дека уништила повеќе од 40 руски авиони
Украинската тајна служба СБУ во координирана акција извела напади врз најмалку четири руски воени аеродроми и, според сопствени наводи, уништила повеќе од 40 авиони. Според СБУ, тоа се околу 34 проценти од руските бомбардери кои се способни да испалуваат крстосувачки ракети. Вредноста на оштетените или уништените бомбардери СБУ ја проценува на седум милијарди долари (нешто повеќе од шест милијарди евра). Руската војска авионите ги користела „секоја вечер за бомбардирање на украинските градови“, наведуваат од службата. Нападите, според овие информации, меѓу другото биле насочени и кон руската воена база Белаја во Источен Сибир, која се наоѓа на околу 4.200 километри од украинската граница во регионот Иркутск. Нападнати биле и воздухопловните бази во Џагилево, Иваново и Олења во регионот Мурманск во рускиот Арктик. Таа областа е на оддалеченост од околу 1.900 километри од Украина. Според Зеленски, нападите се извршени со 117 дронови.
Дроновите наводно скриени во дрвени куќи
СБУ објави видео за кое тврди дека ја прикажува воздухопловната база Белаја и на кое се гледаат повеќе авиони во пламен, како и облаци од црн чад. Покрај тоа, украинските медиуми објавија фотографии од борбени дронови за кои се тврди дека биле користени во нападите. Беспилотните летала наводно полетале од скривалишта во дрвени куќи натоварени во камиони. „Во вистински момент, покривите се отвараа со далечинско управување, а дроновите полетуваа во напад на руски бомбардери“, соопштија од СБУ. Податоците на украинската тајна служба, како и извештаи за деталите од нападот, не може да се потврдат од независни извори.
Русија ги потврдува нападите
Руското Министерство за одбрана потврди дека голем број руски авиони се запалени во украински напади со беспилотни летала во регионите Мурманск и Иркутск. Според соопштението, беспилотните летала биле лансирани од област „во непосредна близина“ на воените аеродроми. Се наведува дека немало човечки жртви. Пожарите, според истите информации, сега се под контрола. Нападите во регионите Иваново, Рјазан и Амур, како што тврди Москва, биле успешно спречени.
Во нападите биле користени таканаречени ФПВ дронови, односно дронови со кои се управува од перспектива на камера монтирана на уредот, објаснуваат од руското Министерство за одбрана. Руската страна известува и за апсење на осомничени лица.
СБУ и украинскиот претседател Зеленски, пак, изјавија дека агентите кои учествувале во операцијата веќе се безбедно вратени во Украина. Доколку Русија тврди дека имало апсења, тоа, според соопштението на СБУ, „служи исклучиво за домашна пропаганда“.
Жестоки руски напади со ракети и дронови
Најмалку дванаесет украински војници, пак, се убиени во руски ракетен напад врз единица за обука на украинската војска, а повеќе од 60 лица се повредени, соопштуваат украинските копнени сили. Украинското воено воздухопловство во неделата (1.06) јави дека се случил најголемиот руски напад со беспилотни летала од почетокот на војната досега.
Според соопштението на украинските воздухопловни сили, Москва лансирала вкупно 472 дронови кон Украина. Пред тоа, во ноќта од петок спрема сабота, во области во Запорожје кои се под руска контрола, украинското воено разузнавање објави дека е разнесен товарен воз. Воениот воз со цистерни за гориво и товарни вагони, според наводите, излетал од шините како последица на експлозија.
Руски возови излегоа од шините по уривање на мост
Во ноќта меѓу саботата и неделата се регистрирани два слични инциденти и во пограничните региони Курск и Брјанск, каде два руски воза излетаа од шините по уривање на железничките мостови. Според податоци од властите, најмалку седум лица ги загубиле животите. Рускиот истражен комитет овие случаи ги карактеризираше како терористички чинови.
Украина не ги коментира случаите. Денеска (02.06) во Истанбул продолжуваат директните преговори меѓу Украина и Русија. Украина во неделата најави дека сепак ќе испрати своја делегација, иако на почетокот властите во Киев се двоумеа околу тоа.