Украина: Зеленски не верува во волјата за мир на Путин
14 март 2025Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Русија дека не е сериозно заинтересирана за мировни преговори. Реакцијата на рускиот претседател Владимир Путин на предлогот за прекин на огнот беше „манипулативна“, рече Зеленски во своето вечерно видео обраќање. „Сите слушнавме многу предвидливи, многу манипулативни зборови на Путин од Русија (...).“ Путин не се осмелува отворено да му каже на американскиот претседател Доналд Трамп дека сака да ја продолжи војната, продолжи Зеленски. „И затоа во Москва ја врзуваат идејата за прекин на огнот со такви услови, за ништо да не може да излезе од тоа, или ништо да не успее што е можно подолго. Ова е вообичаен трик на Путин, кој наместо да каже јасно не, прави сѐ за или да го одложи или спречи практичното спроведување“, рече Зеленски.
Путин сака да се договори само под одредени услови
На вчерашната прес-конференција, Путин го услови својот договор за прекин на огнот предложен од САД во војната во Украина и изрази сомнеж дека таквиот прекин на огнот ќе се почитува.
Иако Москва го поддржува предлогот за запирање на борбите, таквиот прекин на огнот мора „да доведе до траен мир и да ги реши основните причини за оваа криза“, додаде Путин.
Претставниците на Русија и на САД сега мора да разговараат за предлогот.
Украина не сака да го замрзне конфликтот
Во своето видео обраќање, Зеленски уште еднаш ја истакна подготвеноста на Украина привремено да ги прекине непријателствата. Украина го прифати предлогот за прекин на огнот затоа што САД изразија подготвеност да го надгледуваат. Шефот на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак, на телевизија изјави дека Украина нема да се согласи на замрзнат конфликт со Русија. Украина се согласи со САД дека европските претставници дефинитивно ќе учествуваат во мировниот процес.