Украина: Трамп вели дека наскоро ќе се сретне со Путин
17 февруари 2025Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека би можел да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин „многу наскоро “.
„Сè уште нема датум, но може да биде многу наскоро“, рече Трамп во неделата (16 февруари,2025) на новинарското прашање кога ќе се сретне со шефот на Кремљ во Саудиска Арабија. Тој верува дека Путин „сака да престане да војува“, додаде американскиот претседател.
Околу две недели пред третата годишнина од почетокот на руската агресорска војна против Украина, Трамп во средата телефонски разговараше со Путин. По едноиполчасовниот разговор, тој изјави дека се договорил со шефот на Кремљ „веднаш“ да почнат преговори за иднината на Украина.
Ова ги зголеми стравувањата дека Украина и нејзините европски партнери ќе бидат исклучени од разговорите. На Минхенската безбедносна конференција во петокот, потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс се изјасни за европско учество во преговорите. Специјалниот пратеник на Трамп за Украина, Кит Келог, меѓутоа во саботата во Минхен рече дека Европејците нема да седнат на преговарачката маса - но можат да дадат „придонес“.
Трамп: „Долги и тешки“ разговори со Русија
Трамп синоќа уште изјави дека неговиот тим имал „долги и тешки“ разговори со руските претставници. Меѓу американските претставници бил и пратеникот на Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф , кој, според Трамп, неодамна се сретнал со Путин. Состанокот меѓу Виткоф и Путин траеше три часа, рече Трамп.
На новинарско прашање дали верува дека Путин сака да ја освои цела Украина, американскиот претседател рече: „Јас го прашав тоа. Ако продолжи (...), тоа би било голем проблем за мене“, изјави Трамп продолжувајќи: „Мислам дека тој сака да го прекине и тие сакаат брзо да го завршат. И двајцата. (Украинскиот претседател) Зеленски исто така сака да стави крај на војната“.
Преговори САД-Русија во Саудиска Арабија
Кога станува збор за можните преговори за Украина, американска делегација предводена од министерот за надворешни работи на САД, Марко Рубио треба да се сретне со руски и украински преговарачи во Саудиска Арабија, објавија претставници на американската влада. Првично беше нејасно кога точно ќе се одржи оваа средба. Меѓутоа, Саудиска Арабија е една од станиците на првото патување на Рубио на Блискиот Исток, кое треба да заврши во вторник. Новинските агенции утрината соопштија дека американскиот државен секретар веќе се упатил кон саудискиот главен град Ријад.