Војна во Украина: Повторни преговори во Саудиска Арабија
24 март 2025Во Саудиска Арабија започнаа нови преговори за прекин на огнот во војната во Украина. Украинската делегација во неделата се сретна со американските преговарачи во Ријад, објави украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров.
Како што напиша министерот на Фејсбук, во фокусот на средбата биле пред сѐ „предлозите за заштита на енергетските постројки и клучната инфраструктура“, при што мора да се решат многу „сложени технички проблеми“.
Подоцна, претставник на украинската влада изјави за АФП дека разговорите поминале добро, но дека е неопходно да се почека до понеделник „за да се извлечат заклучоци“.
Американскиот специјален пратеник Стив Виткоф претходно за американската телевизија Фокс њуз изјави дека се надева на „вистински напредок“ во преговорите во Саудиска Арабија и дека разговорите за евентуален прекин на огнот во Црното Море „природно треба да доведат до целосен прекин на огнот.“
Критики на сметка на Виткоф
Во меѓувреме, Виткоф се најде на удар на критики за наводно некритички преземање на серија руски барања, тврдења и оправдувања за војната во Украина.
Според извештајот на Институтот за проучување на војната, Виткоф во интервју за контроверзниот американски ТВ водител Такер Карлсон изјавил дека Русија „стопроцентно“ нема намера да ја нападне Европа и дека „нема потреба да ја преземе Украина“.
Виткоф изјави дека Русија „повторно освоила“ пет региони во Украина - Крим, како и областите Луганск, Доњецк, Запорожје и Херсон - и дека „добила што сакала“ и не сака повеќе. Русија постојано тврдеше, неточно, дека Крим и овие четири области, кои незаконски ги окупираше и анектираше, се дел од нејзината територија.
Зборувајќи за разговорите во Ријад, украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Москва дека намерно ја продолжува војната. Русија ја предизвика војната и постојано ја продолжува, рече Зеленски во својата вечерна видео порака.
„Од 11 март има предлог за безусловен прекин на огнот, нападите можеа да престанат одамна, но Русија е таа која го продолжува сето тоа“, рече Зеленски.
Тој укажа на серија напади со руски беспилотни летала во последните денови. „Ако не се изврши притисок врз Русија, тие во Москва ќе продолжат да ја презираат вистинската дипломатија и ќе продолжат да уништуваат животи“, истакна украинскиот претседател обвинувајќи го руското раководство.
Песков: „На почетокот сме на овој пат"
Разговорите меѓу американските и руските претставници се планирани за денеска, понеделник. Руските државни медиуми објавија дека московската делегација веќе пристигнала во Ријад во неделата.
Сепак, портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, веќе однапред ги намали очекувањата.
„Ние сме само на почетокот на овој пат“, рече тој на руската државна телевизија. Тој нагласи дека има многу нејасни „прашања“ и „нијанси“ во однос на тоа како може да се спроведе прекинот на огнот. „Пред нас се тешки преговори“, додаде Песков.
Според него, во фокусот на разговорите во понеделник ќе биде обновувањето на договорот од 2022 година за безбеден транспорт на украинските земјоделски производи преку Црното Море. Во 2023 година, Москва го раскина овој договор, кој беше посредуван од Турција и ОН, со образложение дека Западот не ги исполнил своите ветувања за олеснување на санкциите за рускиот извоз на земјоделски производи.