Војна во Украина: Нови напади врз Киев и понуда од Зеленски
12 февруари 2025Украинската престолнина Киев рано утринава беше потресена од силен ракетен оган. Според градоначалникот Витали Кличко, едно лице загинало, а најмалку три други се повредени во областа Оболон. Локалната воена администрација и службите за итни случаи објавија на Телеграм за пожари во неколку делови на градот, вклучително и на покриви на станбени згради и во индустриска област. Првично не беше јасно дали станува збор за ракетни удари или штети предизвикани од паднати ракетни остатоци.
Во меѓувреме очигледно има придвижување на дипломатско ниво: според украинскиот претседател Володимир Зеленски, Украина е подготвена да размени територии со Русија. Доколку американскиот претседател Доналд Трамп успее да ги доведе завојуваните страни на преговарачка маса, „ќе размениме една територија за друга“, изјави тој во интервју за британски „Гардијан". Зеленски не прецизираше за кои области размислува. „Сите наши територии се важни, нема приоритети“, истакна тој. Неговата земја освои делови од западниот руски регион Курск во август.
Претставници на новата американска администрација ќе бидат вклучени и во серија дипломатски разговори во следните неколку дена. Трамп го испрати својот секретар за финансии Скот Бесент во Украина на разговори со Зеленски, но точното време не се знае. Зеленски јасно стави до знаење дека сака да ја покаже својата благодарност за помошта од Западот, а во тој контекст ги спомна и ретките метали и вредните суровини. Новиот американски министер за одбрана Пит Хегсет денеска во Брисел треба да учествува на средбата на партнерите на Украина каде ќе се дискутира околу натамошната помош во оружје.
Министрите за одбрана се состануваат во седиштето на НАТО во формат на таканаречената Контакт група за Украина за да ја координираат помошта во форма на испраќање оружје. Со нетрпение се очекува како Хегсет ќе реагира на понатамошната воена поддршка за Украина. Медиумските извештаи, според кои преговарачот назначен од Трамп за Украина, Кит Келог, ќе патува во Киев, сè уште не се потврдени.
И претстојната Минхенска безбедносна конференција ќе се фокусира на Украина. Како подготовка за ова, германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок учествува на консултации со неколку европски колеги во Париз. Покрај францускиот министер за надворешни работи Жан Ноел Баро, се очекуваат и министрите за надворешни работи од Полска, Шпанија и Италија. Се очекува учество и на британскиот и на украинскиот министер за надворешни работи. Се поставува и прашањето што ќе се случи следно со воената поддршка за Украина. За време на предизборната кампања, Трамп вети дека ќе ја заврши војната во Украина во рок од „24 часа“ - тој сега споменува „шест месеци“ како временски хоризонт. На безбедносната конференција во Минхен, која започнува во петок, а завршува во недела, треба да присуствува и потпретседателот на САД, Џ. Д. Венс, а на маргините на самитот е планирана средба меѓу Венс и Зеленски.